Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тужба против адвокатот на Трамп од 1,3 милијарди долари

gsheldon/BigStock.com

Тужба против адвокатот на Трамп од 1,3 милијарди долари

Американската компанија „Доминион Вотинг Системс“ поднесе тужба против Руди Џулијани, адвокат на доскорешниот претседател Доналд Трамп, обвинет за клевета, која се означува како „огромна лага“ околу недокажаното тврдење (негово и на Трамп) за наводната „измама“ поврзана со претседателските избори во САД.

Компанијата, чие седиште е во Денвер (во Колорадо) и која ги изработува специјалните машини за броење на гласовите на американските гласачи, со тужбата бара од Џулијани рекордно висока отштета од 1,3 милијарди долари.

„Големата лага“

„Доминион“, претходно, има поднесено тужба и против протрамповиот адвокат Сидни Пауел, за како што се вели, ширењето на лажните теории за постоење на некаков заговор, во врска со претседателските избори од ноември 2020 година, во кои Трамп беше уверливо поразен од Џо Бајден.

Тужбите се поднесени затоа што Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк и пред тоа обласен јавен обвинител во овој град, како и другите кои ја имаат водено кампањата за повторен избор на Трамп.

Постојано манипулирале со големата лага, која има повлечено со себе на десетици милиони Американци да веруваат дека „Доминион“ ги крадел нивните гласови и дека ги „наместил изборите“.

Вака водената кампања, според тужбата, има предизвикано огромна штета за компанијата. Рекордниот износ, побаран како отштета, се објаснува со потребата да се заштитат угледот на „Доминион“, на нејзините вработени, како и на целиот изборен процес кој трамповата кампања, без никаква основа, го има оцрнето.

Закана со контра тужба

Во меѓувреме, висок функционер на компанијата, има покренато тужбена постапка против целата изборна кампања на поранешниот претседател, тврдејќи дека онака како што таа беше насочена, директно му го има „загрозено животот“, затоа што долго време бил присилен да се сокрива, бидејќи постојано добивал смртни закани од екстремните трампови поддржувачи.

Обвинетиот Џулијани, на тужбата и рекордното барање за отштета, реагираше во сега веќе познатиот арогантен стил – со контра обвинување.

Тој тврди дека тужбата против него има за цел да ги застраши другите „да не го користат правото за слобода на говорот“!?

Џулијани затоа се закани дека ќе ја тужи компанијата, бидејќи таа „го напаѓа и ги повредува неговите права“, па па има намера да го истражи историјатот на „Доминион“, нејзините финансии и вкупното досегашно работење.

Наклеветени машините за броење гласови

Целиот овој случај потекнува од жестоката кампања во јавноста и меѓу симпатизерите и гласачите на Трамп, што инаку освен него ја водеа луѓето од изборниот штаб, меѓу кои како еден од предводниците беше Руди Џулијани, упорно ширејќи ја недокажаната приказна дека на ноемвриските избори е направена „голема измама“, потоа дека Трамп е „ограбен“ при броењето на гласовите, за што беа клеветени изборните машини што (наводно) биле така подесени.

Упорното ширење на лажната теорија за постоење на божемен „таен заговор“ директно влијаеше да се случи нападот на трамповите банди врз Капитол Хил и нивното навлегување во зградата на Конгресот.

Малку пред тоа, Трамп во директно обраќање ги повика „да го освојат “ претставничкиот дом, во моментите кога таму се одржуваше седница која требаше да ја формализира победата на Џо Бајден, според процедура предвидена со Уставот на САД.

За оваа своја постапка доскорешниот претседател одново се соочува со импичмент и судење во Сенатот што е закажано на 8 февруари.

Валканите игри на Џулијани

Џулијани беше респектабилен градоначалник на Њујорк во времето на терористичките напади од 11 септември 2001 година. За своето однесување во тие денови стана популарен и познат во цела Америка, па важеше за „новата ѕвезда“ на републиканската партија.

Многумина во него гледаа како на потенцијален претседателски кандидат и можеби првиот Италијанец во Белата куќа.

Но во текот на трката за номинација кај републиканците, во 2016 година, тој стана дел од штабот на Трамп. Подоцна се задоволи да биде само личен адвокат на претседателот Трамп, од голема доверба, па почна да ги извршува валканите работи на Белата куќа, ослободен од одговорноста што ја има официјалната администрација.

Токму Џулијани ја има покренато операцијата во Украина, за да се најде „обвинување“ за синот на Џо Бајден, а преку него и за таткото, за наводно сторени криминали додека синот Хантер беше претседател на Управниот однор на една тамошна нафтена компанија, а Џо Бајден беше потпретседател на САД.

Клеветење на Бајден

Џулијани трна на пат низ Европа, па ги посети Будимпешта и Киев, барајќи докази за „вината на бајденовци“ и убедувајќи поранешни украински функционери да „копаат по докази“ против Хантер Бајден.

Трамп го услови Киев дека ќе добијат американска воена помош, само доколку помогнат да се обвини синот Бајден, а со тоа се дисквалификува таткото Џо Бајден како претседателски кандидат. За тоа го заработи првиот импичмент.

Џулијани, пак, се претвори во ултра-десничар и во постизборието, во месеците по изборите настојуваше да ја собори изборната победа на демократскиот кандидат Бајден, со тврдењето за „изборна измама“.

Според американските медиуми, Руди Џулијани го има уверувано Доналд Трамп да искористи воена управа и на тој начин да ги заплени машините за броење на гласовите, потпалувајќи ја измислената приказна дека „изборната измама“ е направена со нивна помош.

(С. Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе