Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Короната (засега) го спаси Јанша

UKOM, Janez Janša 2012, CC BY 3.0

Короната (засега) го спаси Јанша

Словенечкиот премиер Јанез Јанша е на работ да биде сменет од функцијата, со прегрупирање на партиите што сега го сочинуваат Парламентот во Љубљана, по што неговата десничарска и националистичка партија би останала во малцинство, а тој одново би се нашол во опозиција.

Партиите веќе се имаат и спогодено околу тоа – кои се би се нашле во новата владејачка коалција – а, пред десетина денови беше закажана и парламентарна седница по која Јанша требаше да се тргне од власта, но седницата беше одложена поради короната и експлозијата на вирусот во оваа поранешна ЈУ република, сега е членка на ЕУ.

Нова коалиција

За Јанша и за неговата влада се тврди дека целосно имаат потфрлено во борбата со пандемијата, особено откако набрзина и прерано ја прогласија земјата за „ослободена од вирусот“, за да набргу по тоа, Словенија ги преживува најтешките моменти во текот на целто времетраење на епидемијата. Со рекордно висок број новозаразени случаи и со рекордно многу жртви, далеку повеќе од минатата пролет кога кинескиот вирус ја нападна Европа.

Сега, токму вирусот, му помогна на актуелниот премиер, барем за извесно време, да остане на функцијата и да го одложи својот пад, забележуваат словенечките медиуми.

Тргањето на Јанша и неговиот десничарски национализам и популизмот со кој успева да ги задржи за себе крајно конзервативните, религиозни и рурални гласачи е резултат на здружувањето на сегашната опозиција во коалиција КУЛ (Коалиција на уставен лак) .

Таа веќе има обезбедено 42 пратенички гласови за покренување на постапката за сменување на актуелниот премиер. Според Уставот, меѓутоа, за тоа се потребни четири гласови повеќе – треба да се обезбедат 46 за да се гласа за отповикување.

Крајно низок рејтинг

Според постигнатиот договор на КУЛ, како мандатор на идната влада би се појавил Карл Ерјавец, кој како и Јанша важи за ветеран на политичката сцена, по осамостојувањето на Словенија, но за успех на целата таа операција се потребни уште тие неколку гласови, што новата коалиција ги бара меѓу пратениците кои сега се во владејачкиот блок.

Ерјавец кој е и лидер на партијата ДЕСУС, без која никако не би можело да се формира ново мнозинство, има речено дека создавањето на коалицијата што тој би требало да ја предводи, било направено по долги, маратонски дискусии и преговарања.

„Во секој случај, ние се согласиме и за тоа има договор, да и изгласаме недоверба на владата на Јанша. Штета што веднаш не успеавме да обезбедиме 46 потписи. Но, јас верувам дека понатаму, ќе успееме тоа да го постигнеме“ – изјавил Ерјавец.

Тој признава дека (засега) не сите од неговата ДЕСУС се спремни да го соборат сегашниот премиер.

Сите анкети, меѓутоа, покажуваат дека Јанша има мошне низок рејтинг во јавноста, посебно во поголемите градови, најмногу затоа што излезе дека тој не е способен да се справува со кризни ситуации, каква е сегашната пандемија и особено затоа што го употребуваше популизмот во кризата, што, на крајот се покажа дека само ја поттикна пандемијата.

Три пати поголема смртност

Тоа посебно се однесува на некои дотогаш строги мерки што наеднаш пред верските празници беа олеснети, или укинати само за да се задоволи неговото гласачко тело. Словенечката јавност остана шокирана од податоците дека смртноста во текот на налетот на вториот бран е над ТРИ ПАТИ повисока од онаа во пролета 2020 година.

Гневот на јавноста и на сегашната опозиција во Парламентот не е последица само на корона – епидемијата, туку во настојувањето на Јанша и неговите десничари кои се повеќе одат уште подесно, својата мрачна идеологија да ја наметнат во словенечкото општество.

Како посебно зло на неговото вакво владеење, демократска и либерална Словенија, како и сите во опозицијата, му ги припишуваат неговите настојувања – партијата со која управува безмалку три децении – да ги стави под контрола судовите и целиот правосуден систем, како и медиумите, по урнек на неговиот унгарски сојузник Виктор Орбан и на националистичката десница во Полска.

Од левичар до ултра-десничар

Веднаш откако изминатата пролет (одново) стана премиер, Јанша почна војна со либерализмот и со демократските слободи, пресметувајќи се со водечките медиуми, обвинувајќи за „левичарење“ и дисквалификувајќи ги дека се „остатоци од комунизмот“ .

Ова е крајно цинично и неискрено, затоа што пред да влезе во политиката, тој беше „комунистички“ новинар и левичар кој настојува, од таа позиција, да се пробие во словенечката политика. Кога тоа не му успева се има претворено во десничар, а сега (велат) дека е веќе ултра – десничар, правејќи блок врз таа идеолошка матрица со Орбан и Качински.

Јанша е првиот лидер на ЕУ што ги има наклеветено, со притужба до Советот на Европа, сопствените медиуми за тоа дека наводно ги „газат човековите права и слободи“ со нивното „комунистчко пропагирање“.

Од Брисел веќе има добиено сериозно предупредување „да не помислува, да и се укине државната потпора на словенечката новинска агенција СТА“, затоа што тоа е директен напад врз слободата на медиуми, сосема спротивно на принципите врз кои се потпира ЕУ и нејзината демократија.

Јанша против Бајден

Меѓутоа, словенечкиот премиер веќе се огреши врз нормите и правилата на ЕУ, кога при усвојувањето на новиот седумгодишен буџет и финансискиот пакет за опоравување од пандемијата, Јанша застана зад Будимпешта и Варшава, уште и заканувајќи се дека би можело да ја извлече Словенија од ЕУ.

Тешко дека тоа би му го простеле и неговите гласачи кои ги уживаат благодетите на европските фондови, но проблемот за Европа е што токму Словенија ќе претседава со ЕУ од 1 јули, а тоа не и се допаѓа на мнозинската демократско – либерална Унија, затоа што тој се повеќе го истакнува својот десничарски национализам, популизмот и анти либерализмот.

Посебно откако Јанез Јанша прв му честиташе на Доналд Трамп дека победил на изборите, па потоа продолжи да ја брани неговата измислена приказна дека изборите во САД се фалсификувани, за да на крајот му порача на Џо Бајден дека и ако победи – ќе биде „најлошиот американски претседател во историјата, кога на САД и е потребен „силен водач“!

Ваквата позиција е крајно спротивна од она на Унијата во целост – сметајќи ги тука и позициите на лидерите на Полска и Унгарија.

(Љ.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе