Бугарија (уште еднаш) се откажа од АЦ „Белене“
Бугарија се откажа од изградбата на уште една атомска централа, кај местото Белене, североисточно од Софија, на брегот од Дунав.
Наместо тоа, владата се определи за проширување на постоечките капацитети на старата АЦ „Козлодуј“ во северозападна Бугарија, што исто така е лоцирана на дунавскиот брег, која потекнува уште од времето на комунизмот во оваа земја, изградена со тогашната советска технологија.
Софиските медиуми пишуваат дека владата ја прифатила препораката на министерството за енергетика, според која се сугерира изградба на уште еден, седми нуклеарен реактор во Козлодуј. Во него би требало да се вгради целата опрема која е набавена од Русија, за планираната атомска централа „Белене“.
Несудена нуклеарка
Засега не се знае што да се прави со целата опрема набавена за несудената нуклеарка во Белене, што е веќе купена, но медиумите ја пренесуваат изјавата на бугарскиот премиер дека во една ваква ситуација ќе се гради и осми реактор во Козлодуј.
АЦ „Козлодуј“, меѓутоа, не работи со капацитет од шест реактори, како што би можело да се помисли.
Функционираат само два – петиот и шестиот реактор – затоа, што првите четири одамна се исклучени и конзервирани, уште во текот на преговорите со Брисел, за влез во Унијата. Затворањето на старите реактори, со застарената и уште тогаш, крајно небезбедна, технологија од советско време, беше услов за Софија за да стане членка на ЕУ, што бугарската страна го има прифатено.
Голем зависник од јагленот
Најновиот предлог на министерството за енергетика доаѓа по преговорите на бугарската влада с0 американската компанија „Вестингхауз“. Првичната идеја на Бугарија била да се искомбинираат руските реактори со американската технологија.
Тогаш, раководството на Козлодуј се јавува со предлогот – наместо да се гради нова атомска централа, што е многу поскапа и временски подолга варијанта, да се изгради уште еден реактор во козлодујскиот енергетски комплекс, кој би можел да биде изграден за десет години.
Оваа земја членка на ЕУ е голем зависник од јагленот, од кој ги задоволува поголемиот дел од нејзините потреби за енергија и покрај користењето на атомската струја од Козлодуј.
Јагленот во бројните електрани и топлани придонесува земјата и натаму да биде една од најзагадените во Унијата, што е сосема спротивно на настојувањето на ЕУ за побрзо ослободување од јагленот, во замена за т.н. „чиста енергија“, како дел од борбата против климатските промени.
Затоа и предлогот за доградба на Козлодуј, изгледа поевтин и побрзо спремен за користење, па затоа и има добиено предност пред Белене.
Проект на комунизмот
А, проектот „Белене“, не е воопшто нов. Потекнува уште од времето на комунизмот во Бугарија, од осумдесеттите години на 20 век, кога успехот на комунистичката изградба се мереше со мега и со најчесто мегаломански проекти за кои државата немаше доволно финансиска моќ.
Тогашниот режим се определува за проектот, верувајќи во советската поддршка, па Софија и Москва се имаат договорено за изградба на уште една атомска централа во Бугарија, според тогаш, единствено можната, советска технологија, на која беа обврзани сите земји од советскиот политичко-економски блок.
Во 1987 година, власта во Софија објави дека почнала изградбата на втората бугарска АЦ и покрај несогласувањето на локалното население во беленскиот крај и отвореното незадоволство на соседна Романија.
Романската страна која и онака обвинуваше дека дунавската вода која се користи за ладење на козлодујските реактори, се враќа во реката контаминирана, а таа вода Романците ја користат за наводнување на Влашката низина, па затоа беше против тоа на бугарската страна да се изгради уште ваква централа.
Романски приговори
Софија во тоа време, одби да ги слуша ваквите реакции – дома и во соседството – без разлика што се знаеше дека Козлодуј станува небезбедна, а романските приговори беа сосема на место. Тој податок не и беше соопштен на домашната јавност.
Наместо тоа, во таа 1987 почна да се рамни теренот покрај Дунав, за АЦ Белене“, на кој претходно постоеше казнен работен логор, за осуденици и за политички дисиденти, противници на режимот (бугарска варијанта на советските гулази). Но, во 1990 година, по падот на комунизмот, целиот проект беше напуштен.
Дванаесет години подоцна, една тогашна влада, одлучи, да се ревитализира проектот „Белене“, означувајќи го како неопходен за замената за веќе остарената и небезбедна АЦ „Козлодуј“.
Во 2008 година работите отидоа чекор понатаму, па Софија која не сакаше целосно да ги прекине сите економски (и политички) врски со Москва, се одлучи да потпише договор со руската компанија „Атомстројекспорт“ за изградба на два блока од АЦ „Белене“ .
Меѓу Истокот и Западот
И, кога се мислеше дека работите, конечно, може да тргнат – две децении откако се стартуваше со целата таа идеја – во 2012 одново настан нов а застој.
Русија се налути што Бугарија, веќе членка на ЕУ, сака во целиот проект да се вклучат и американски и европски инвеститори. Софија уште и бараше, Русите да ја намалат цената, тврдејќи дека при анализата што одново ја направиле, било утврдено дека таа е нереално висока.
Пред две години, бугарскиот Парламент, сепак, гласаше да се продолжи со проектот „Белене“ и одново ја врати во игра оваа работа.
Ништо не се направи, а бугарските власти за последниот застој се оправдуваа со пандемијата со вирусот, што многу е веројатно дека не е точно. Особено, по последната препорака на министерството за енергетика и по брзата реакција на владата. Сето тоа значи дека целиот проект се става во фиока – трајно, или пак одново за некое подобро време.
Во Софија, сепак, се верува дека во прашање е настојувањето, Американците да влезат во овој сектор, а дека околу „Белене“ има и економски, но и политички игри.
Неодговорно обвинување
Кога веќе е така, тогаш виси прашањето – зашто во најновите „патриотски игри“ на бугарската влада кон Македонија, како едно од наводните „грешки“ на Скопје, со кои треба да се докаже дека се „продолжува со непријателството“ кон Бугарија – беше извадено како адут и искористено – Белене.
Македонската влада беше обвинувана во Софија затоа што ПРИВРЕМЕНО се повлекува од планот да се вклучи во АЦ „Белене“ како еден од ко – финансиерите, за да подоцна користи струја од таа нуклеарка.
„Вината“ беше што Скопје се свртело кон грчко – американскиот план со течниот гас. Што ќе рече – сме ги сакале повеќе Грците, а не Бугарите кои ни биле како „браќа“!
После се околу беленските игри, сега некој во Софија треба да и се извини на Македонија за јавните дисквалификации и обвинувања, затоа што се правеа во време кога самата Бугарија има дигнато раце од Белене.
Македонската страна, есеноска, објаснувајќи – кого сака повеќе, а кого помалку – прва откри дека проектот „Белене“ го нема никаде. На Македонија сега и брзо и треба дополнителна (чиста) енергија, што ја нуди проектот со Грција во кој Скопје сака да се вклучи и нема време да чека кон кого тоа ќе се приклони Софија.
(С.Г.)