Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп како во 19 век

Трамп како во 19 век

Доналд Трамп замина од Белата куќа после бројните закани и навестувања дека нема да ја напушти претседателската функција , затоа што до крајот на мандатот остана да тврди дека,всушност, тој, а не вистинскиот победник-Џо Бајден- има победено на претседателските избори во САД.

Кога подоцна разбра дека во таа негова заблуда не веруваат ниту неговите најблиски сојузници и до тогаш нему крајно лојалните републиканци, пред се, потпретседателот на државата Мајк Пенс и доскорешниот лидер на републиканските сенатори во Сенатот Мич Меконел, Трамп се определи за нешто друго.

Одлучи да ја бојкотира инаугурацијата на новиот претседател и да не присуствува на транзицијата на власта-  што инаку е ред и традиција во американската политика – па, доскорешниот шеф на државата, се реши да  „побегне“ од  Вашингтон, на својот приватен посед во Флорида.

Писмо за Бајден

На крајот од денот 20 јануари, меѓутоа,  се разбра дека на новиот претседател, на работната маса во Овалниот кабинет,  му има оставено писмо. Бајден објави само дека тоа според содржината е „љубезно“ и „великодушно“ , но порача дека нема да ја објавува што има во него , затоа што  е приватно и останува како тајно.

Во Вашингтон ваквиот гест се третира различно- но, тоа доаѓа како изненадување. Затоа што доаѓа  од човек кој уште пред и да почне кампањата за овие избори, крајно негативно се однесуваше кон Бајден, настојувајќи на секој начин да го дисквалификува и да остави врз него „петно“ (во домашната и во меѓународната јавност), за некаква „нелигитимниост“ на новоизбраниот претседател.

Прашањето е ,сега,  дали Трамп признава дека погрешил и дали скришно, сепак, признава дека загубил на изборите , па во писмото му честита на Бајден за стапувањето на должноста. Многумина , а посебно оние кои го познаваат доскорешниот претседател, не веруваат во тоа. Според нив, едноставно, Трамп не знае да се извини и да признае дека погрешил. Уште помалку, после се она што го има направено пред и после изборите на 3 ноември.

Тројца како Трамп

А, тој свој карактер го потврди бегајќи од церемонијата на инаугурацијата на наследникот на неговата доскорешна функција. Познавачите на американската политика, веднаш посочија дека Доналд Трамп е првиот претседател кој ја погазил традицијата- претседателот на заминување, да му ја предаде власта на новоизбраниот- симболично, со своето присуство на инаугурацијата на новиот.

Хроничарите, меѓутоа, откриваат дека сепак, не е првиот во историјата на САД  што погазил нешто што е воспоставено како норма и дека тоа се случувало на три пати- но, многу одамна во 19 век.

Тогаш тројца претседатели, ја искористиле инаугурацијата за да покажат колку многу не се согласуваат со новозибраниот претседател.

Првиот што тоа го направил, пред Трамп, бил претседателот на заминување Џон Адамс, потоа истата „техника“ ја има употребено и неговиот син на претседтелската функција- Џон Квинси Адамс и на крајот Ендрју Џонсон. Тој е истиот претседател кој ( како и Трамп) се има  соочено со постапката за импичмент, во 1868 година, но доживеал пораз на изборите.

Никсон и Џонсон

Инаку, во 1921 година, Вудроу Вилсон соопштил дека ќе присуствува на инаугурацијата на својот наследник на функцијата претседател на САД, но сепак- не дошол на церемонијата- се разболел ,нагло, непосредно пред да се упати кон Капитол Хил.

Во 1974 година, во времето кога аферата „Вотергејт“ ја потресуваше американската политика, Ричард Никсон даде оставка и ја напушти Белата куќа, за да не биде покрената постапката за импичмент по која ,сигирно,  ќе беше отповикан . По автоматизам, дотогашниот потпретседател Џералд Форд, беше набрзина инаугуриран во новиот шеф на државата, а на неговата инаугурација- од разбирливи причини- не присуствуваше претходниот претседател- Никсон.

Конечно, немало инаугурации во случаите кога биле убиени претседателите. Четворица од нив – Абрахам Линколн (1865), Џејмс Гарфилд (1881), Вилијам Мекинли (1901) и Џон Кенеди ( 1963) се убиени во атентати.

Нивните наследници во Белата куќа се инаугурирани без присуството на оние пред нив. По атентатот во Далас, Линдон Џонсон, како дотогашен потпретседател, дојде на местото на Кенеди, положувајќи заклетва во претседателскиот авион, на летот кон Вашингтон, додека се пренесуваше мртвото тело на убиениот претседател.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе