Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Добродојдовте во Брегзит“

Call Me Fred/Unsplash

„Добродојдовте во Брегзит“

На две недели по целосното повлекување на Велика Британија од ЕУ, преку еден случај на британски камионџии во Холандија, Британците можеа да видат што во основа значи Брегзит и како во иднина ќе изгледа нивното излегување од островот и патувањето и престојувањето на континентот.

Во секој случај, тоа ќе биде сосема различно и далеку покомпликувано.

За сето тоа, на државјаните на Обединетото кралство ќе им треба време за да разберат дека сега, откако не се дел од обединета Европа, при влегувањето во неа ќе се соочуваат со бројни изненадувања, на кои инаку се навикнати сите другите од континентот, кои се уште не се дел од ЕУ.

Можеби тоа е и причината што лондонските медиуми му дадоа публицитет на случајот со камионџиите.

Запленети сендвичи

Британија и ЕУ, во последен момент постигнаа трговски договор, според кој Британците и Европејците меѓусебно нема да си пресметуваат царина и увозно – извозни такси, но со Брегзит, Британија веќе не е дел од заедничкиот европски пазар и излезе од европската царинска унија, а тоа ќе го почувствува не само бизнисот (многу повеќе британскиот), како и обичните луѓе.

Како што тоа го имаат почувствувано неколкуте британски камионџии, влегувајќи во за нив соседната Холандија.

Тамошните цариници ги прегледале возилата (досега тоа не се правеше) а кога забележале дека возачите носат со себе британски сендвичи – да им се најдат при патувањето и престојот во таа земја – им ги заплениле.

Во прилог на холандската телевизија кој ја „прошета“ Унијата (и Британија) се гледа како цариниците им ги објаснуваат на изненадените Британци правилата за увоз, откако нивната земја излезе од ЕУ.

А, според тие правила, патниците кои влегуваат на територијата на Унијата не смеат да внесуваат месо и млечни производи, дури и тогаш кога е во приготвени сендвичи.

Нови правила за патување во ЕУ

Некои антиевропски медиуми во Лондон, побрзаа сето ова да го објаснат како „злоба и одмазда“ на Европејците, но за холандските цариници станува збор за одредба која сега важи за патниците кои доаѓаат од Британија.

По излегувањето од ЕУ, тие не можат да внесуваат на територијата на Унијата определени видови храна, како месо, риба, овошје и зеленчук. Тоа цариниците им го објасниле на британските возачи, уште порачувајќи им – „Добродојдовте во Брегзит“ и „баш ни е жал се ова што се случи“!

Возачите подоцна објасниле дека холандските цариници, сепак, не им дозволиле да го задржат дури и лебот, одземајќи им ги сите сендвичи и сугерирајќи им да си купат по пат – холандски.

Британија, по Брегзит, за што тамошните гласачи се определија на референдумот во јуни 2016 година, излегоа во две фази – политички на 31 јануари 2020, а целосно на 1 јануари 2021 година, на крајот од 11 месечниот период на транзиција.

Од тој момент престанаа да важат дотогашните правила за слободно влегување на британските државјани на територијата на ЕУ, а и за внесување на се и сешто, во неограничени количества, затоа што пред две недели и Британците беа европски државјани. Сега веќе не се.

Престој без виза 90 денови

Независни аналитичари во Лондон и сите оние кои беа против Брегзит, забележуваат дека сега треба одново да се учи како тоа се патува, низ континентот, без ширум отворени врати во триесетина држави од ЕУ и од ЕЕА, која е како придружен дел на Унијата.

Во секој случај, Британците ќе треба да се навикнуваат дека повеќе не се исти како другите Европејци – прво како нивните соседи – Франција, Белгија, Холандија (па и Ирска и покрај „невидливата граница“), а и во другите држави каде се многу често присутни, каде имаат и имот – како Шпанија, Италија, Грција, или Португалија, на пример.

Секако, британските државјани лесно и без визи ќе влегуваат како обични туристи, но за секој друг статус, работите се темелно изменети. Едноставно, нема да има слободно движење на луѓето.

Максимално ќе може да останат до 90 денови, а за подолг престој ќе мора и Британците да бараат и да добиваат виза. За оние кои ќе сакаат да работат, ќе мора да поминат низ посебна процедура.

Лондонските медиуми објавија дека Брегзит ги има разгневено и британските поп музичари и пејачи. Тие сега за влез во земјите на ЕУ, каде е главнината на нивните концерти, мора да поседуваат виза. Познати музичари и пејачи протестираат и пишуваат петиција за да тие бидат изземени од новите, пост-брегзит правила.

Бегство од Британија

Најсериозен проблем, секако, ќе имаат оние кои поседуваат имот – станови и куќи – на територијата на ЕУ, во јужна Европа и во реонот на Медитеранот, но и низ внатрешноста на другите земји – како што е Франција.

Нормално, би требало пред истекот на 90 денови престој, да мора да си заминат од таму, па да чекаат извесно време за да се вратат, за да користат нови 90 денови безвизен престој.

Сигурно е дека овие луѓе ќе бараат визи за подолг престој, или друг начин, за да може да престојуваат на својот имот подолго време – купен на времето и не надевајќи се дека англиските националисти, евроскептици и брегзитери ќе ги натераат одново, по многу години, да учат – како е тоа да се чека за визи и да се пополнува бројна папирологија.

Таткото на британскиот премиер Борис Џонсон, затоа, стана француски државјанин и зеде француски пасош.

Тој е силен проевропеец и има гласано против Брегзит.

Но француско жителство има земено и еден тврд ториевец – лорд Лосон. Овој поранешен министер за финансии во владата на Маргарет Тачер, татко на познатата ТВ куварка Најџела Лосон, (официјално) важи за евроскептик, но уште есеноска се насели во Франција.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе