Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Хаснат Кан ја брани принцезата Дијана

Хаснат Кан ја брани принцезата Дијана

Поранешниотр љубовник на принцезата Дијана, пакистанскиот лекар Хаснат Кан се огласи за прв пат, за да ја одбрани мајката на принцовите Вилијам и Хари, во случајот околу контроверзното интервју што таа го имаше пред 25 години, со новинарот на Би – Би – Си Мартин Башир.

Случајот се отвори, неочекувано, во ноември кога братот на принцезата, Чарлс Спенсер изјави дека новинарот користел лажни и фалсификувани изјави и тврдења (во и околу кралското семејство) само за да ја натера Дијана да прифати интервју и да зборува за состојбите во нејзиниот брак со британскиот престолонаследник Чарлс. Интервјуто беше емитувано во 1995 година и се тврди дека го имаат гледано 20 милиони Британци.

„Тројца во брак“

Во тоа неславно тв интервју, објаснувајќи ја ситуацијата во нејзиниот брак, принцезата ќе рече – „имаше тројца во нашиот брак, а тоа беше премногу“ – мислејќи на врската на Чарлс со Камила Паркер – Боулс, со која престолонаследникот ќе се ожени по трагичната смрт на Дијана.

Таа официјално се разведе од Чарлс во 1996, а загина на крајот од август, следната 1997 година, во сообраќајна несреќа во Париз, додека возачот на автомобилот во кој беа Дијана и нејзиниот тогашен љубовник Доди ал Фајед, брзо возејќи се обидуваше да им побегне на папараците кои настојуваа да ја фотографираат заљубената двојка.

Принцезта Дијана, или како тогаш премиерот Тони Блер ја нарече – „народната принцеза“ – имаше само 36 години.

Доктор Кан кој сега има 62 години и настојува да ја одбрани од повторното отворање на работите од минатото, со „копање“ по нејзиниот живот, има речено дека една од нејзините „најпривлечни квалитети беше чувствителноста“ и затоа таа беше омилена во јавноста.

Новинарот ја злоупотреби Дијана

Во изјава за лондонски „Дејли Меил“ тој рекол дека целта на новинарот Башир била да ја„потикне и да ја испровоцира таа нејзина чувствителност – за да ја злоупотреби“. Уште повеќе што новинарот беше дел од една респектабилна куќа, каква е Би – Би – Си. „Меѓутоа, Башир направи Дијана да изгледа како ѓубре“ – рекол Кан.

Пакистанскиот лекар објаснува дека после разговорот со новинарот, таа почнала да верува дека Чарлс има љубовна афера и со даддилката на нивните две деца, како и да предизвика – Дијана да стане параноична – да верува дека постојано ја следат, дека станот и е „озвучен“ како и дека и се прислушкува домашниот телефон.

Кан тврди дека еднаш (заедно со Дијана) се сретнал со Башир, во еден лондонски паб, по што ја предупредил да биде внимателна со него. Не крие дека не му допаднал новинарот кој веднаш штом се запознале почнал да поставува лични прашања – зашто вие двајцата не се венчате, или пак, кога имате намера да се венчате.

 – Во секој случај, не сум наивен. Знаев дека длабоко во себе, Дијана сакаше да биде прашана, низ едно интервју, за сето она што и се случувало (во бракот). Но, прашање е – дали таа и ќе го направеше тоа и ќе зборуваше така, доколку не беа притисоците и сето она што го има направено Башир, за да ја убеди да разговара со него.

Кан ја прекина врската

Хаснат Кан е кардио – хирург кој многу ретко прифаќа да зборува за времето која тој и принцезата беа заедно.

Врската се прекина во моментот кога токму тој (откако ја има претставено Дијана на неговата мајка, во семејната куќа во Пакистан), има сватено дека таа врска нема иднина и дека тие двајцата, едноставно, не може да останат за да живеат заедно. Не само поради религиозно – културолошките разлики и медиумската „слава“ на партнерката, туку и затоа што таа и разведена ќе остане како кралица – мајка, затоа што е мајка на идниот британски крал, принцот Вилијам.

Дијана, набргу потоа, ќе најде утеха кај египтскиот плејбој Ал Фајед, син на богатиот бизнисмен Мохамед ал Фајед кој во тоа време поседуваше разен имот во Британија, меѓу кои и најстарата, престижна и скапа стоковна куќа „Хародс“. Доди (42) загина со Дијана во несреќата во Париз.

Во 2013 година, беше снимен филм за љубовната врска на Кан и принцезта, со актерката Наоми Вотс, во ликот на Дијана.

Би – Би – Си отвори истрага

Би – Би – Си уште есеноска, веднаш по обвинувањата на Спенсер, покрена независна истрага. Таа треба да го утврди однесувањето на Башир и дали тогашното водство на оваа медиумска компанија знаеле дека новинарот на нечесен начин, изнудил интервју со Дијана, за да стане славен, како што тоа и се случи со него. Истрагата му е доверена на еден поранешен угледен судија, сега во пензија.

Синовите на покојната принцеза – Вилијам и Хари, подржуваат истрага, иако Вилијам се огласи со соопштение за тоа, додека помладиот Хари, засега, молчи околу обвинувањата на нивниот вујко, упатени кон Башир. Чарлс Спенсер, во секој случај, бара темелна истрага и јавно извинување.

Новинарот Мартин Башир, пак, се нема огласено. За него едно време се зборуваше дека е „сериозно болен“ со срцето, а потоа и дека се заразил со коронавирусот. Во Би – Би – Си каде до тогаш работеше како уредник за верски прашања, потврдуваат дека е болен, но открија дека повеќе ја нема уредничката функција.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе