Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Цената на споменик во Белград – државна тајна

Цената на споменик во Белград – државна тајна

Цената на големиот споменик на Стефан Немања, што се поставува во Белград, е прогласена за „државна тајна“, се до 2023 година – пишуваат белградските медиуми.

Споменикот се поставува на просторот пред поранешната белградска железничка станица, на новоизградениот „Савски плоштад“ и со својата огромна димензија ќе биде најголемиот и највисокиот ваков објект во целиот регион.

Засега нема никакво објаснување зашто е „строга“ тајна колку чини изработката и поставувањето на еден споменик, како и уредувањето на просторот околу него, освен што од управата на градот порачуваат дека сите трошоци ќе ги покрие владата на Република Србија.

Девет милиони евра за Стефан Немања

Репортерите на белградската Н1 телевизија, меѓутоа, успеале да откријат дека споменикот на оваа личност од српската национална историја – до сега – изнесува дури девет милиони евра, или заедно со сите работи за уредување на просторот – Стефан Немања ќе ги чини српските даночни обврзници една милијарда српски динари.

Уште се тврди дека ова и не е конечната цена на проектот кој според сите параметри, во белградската и српската јавност, е означен како непотребна мегаломанија.

Од оваа телевизија соопштуваат дека цената (само за споменикот) ја имаат откриено врз основа на царинските документи при внесувањето од Русија, каде е изработен, во кои репортерите на Н1 имале увид.

Станува збор за огромна статуа, поставена на исто таква основа, висока 23 метри. Со оваа висина белградскиот споменик го надминува оној на Александар Велики во Скопје.

Сега статуата на Стефан Немање, која е веќе поставена е двојно повисока од зградата на некогашната железничка станица што треба да биде музеј, а ги надвиснува и околните згради.

За споредба, скопскиот мегаломански проект, „само“ ја достигнува висината на повеќекатницата, пред која е поставен, а која скопјани ја познаваат како „Палата Ристиќ“.

Руски автор – руски градежници

Белградскиот споменик е дело на рускиот скулптор Александар Рукавишњиков, а составувањето на деловите од споменикот, во кои е испорачан од Русија и неговото поставување на постаментот го прават руски градежници кои се специјално дојдени за оваа потреба.

Јавноста, во најголем дел е гневна за ваквата мегаломанија, за трошењето на толку многу пари, како што во Белград велат во невреме, но и околу изгледот на самиот споменик.

Односно, никој се нема спротивставено да му се изгради споменик на Стефан Немања, туку незадоволството е од тоа каков е, колкав е и каде е поставен.

Урбанисти, архитекти и уметници сметаат дека споменикот прво, ја нарушува целата околина околу скапо уредениот нов плоштад и целосно ја сокрива зградата на некогашната станица, а потоа се незадоволни што споменик на личност од српската историја требало да го прават странци.

„Патриотизам“ и мегаломанија

Конечно, има и такви реакции во кои се вели дека е „лош сигнал за општеството, на луѓето да им се продава патриотизам, низ еден ваков мегаломански проект кој, веројатно, ќе остане запаметен како најскапато уметничко дело во Република Србија.

Реакцијата на градските власти во Белград, пак, е во стилот на реакцијата на поранешната, деспотска власт во Македонија, во време на режимот, во врска со споменикот на главниот скопски плоштад – кога критичарите се прогласуваа за „непатриоти“.

Белградските власти, тамошните критичари ги дисквалификуваат на тој начин што за нив велат дека се „против Стефан Немања“!

А, за замерките за цената – на телевизијата која ја откри висината на трошоците и се порачува дека – „низ Србија не би бил изграден ниту еден манастир во Средниот век, а и подоцна, доколку се прашувало колку тоа ќе чини“!?

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе