Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Американците се плашат од „воена управа“!?

MoiraM/BigStock.com

Американците се плашат од „воена управа“!?

На само три недели до смената во Белата куќа, Американците (за прв пат во својата понова историја) се плашат дека претседателот на заминување би можел да предизвика „хаотична ситуција“ во земјата и целосно да ја урниса демократската, мирна и традиционално уредена транзиција на власта, по претседателските избори.

Неколку респектабилни американски медиуми веќе имаат пишувано за тоа – дали Доналд Трамп кој и натаму не ја признава изборната победа на Џо Бајден, би можел да предизвика некакво нарушување на политичката стабилност во САД и посебно – што би можело да биде тоа!

„Чудни времиња“

Според Си – Ен – Ен за ваквата можност стравуваат и дел од луѓето во Белата куќа кои сметаат дека претседателот на заминување би можел тоа да го направи, а така размислуваат и одделни кругови во Пентагон кои за оваа ТВ компанија имаат речено дека Трамп е врховен командант се до 20 јануари, на пладне.

„Не се знае што би можело тоа да биде – се наоѓаме во чудни времиња“ – рекол неидентификуван функционер во министерството за одбрана во Вашингтон.

Ваквата атмосфера која се создава уште од моментот кога Трамп навести дека нема да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот претседател и кога одбиваше да му дозволи на специјалното тело на владата, за подготовки н транзицијата, да почне да соработува со Бајден,

Токму ваквото расположение исполнето со страв, предизвикува низ главниот град да кружат разни теории за предизвикување заговор и за тоа да му се напакости на Џо Бајден, чија уверлива победа претседателот на заминување ја деградира, откако медиумите објавија дека демократскиот кандидат има обезбедено 270 електорски гласови, што според Уставот на САД, значи и победа на изборите.

Во бункерот на Белата куќа

Стравувањето го поттикнува сознанието дека Трамп во овие последни претседателски денови е под влијание на разни крајно – десничарски елементи од каде и потекнуваат идеите да се предизвика нарушување на состојбата во САД.

Медиумите тврдат дека Трамп секој ден, главно, го минува во бункерот на Белата куќа и дека таму се правеле чудни теории за тоа дека „сега е моментот“ претседателот да воведе воена управа(!) за да може да ги заплени сите машини за броење на гласовите на изборите, за да утврди дека (наводно) биле наместени за да тој доживее пораз.

Втората теорија (која не е неверојатна) е Трамп да интервенира во Конгресот и преку гласањето на конгресмените и сенаторите, му ја украде изборната победа на Бајден.

Минатата недела, тој им се „умилкувал“ на делови од републиканската крајно – десничарска клика, како што ја нарекуваат оваа група медиумите во САД, за да интервенираат во Конгресот на 6 јануари, кога треба формално да го ратификува изборот на новиот претседател, врз основа на трамповите без секаква основа тврдења дека „му е украдена победата“ и дека изборите од 3 ноември се „фалсификувани“.

Казнување на гласачите?

Политички експерти проценуваат дека во овие три недели тој би можел или да се сврти кон било какви агресивни планови, или пак да се однесува крајно неодговорно и безгрижно кон обврскте кои се уште ги има. Велат дека Трамп тоа сега и го прави, според она – не ме избравте, а сега снаоѓајте се како знаете – практично – казнувајќи ги американските гласачи!

Ова во основа наликува на однесување на малите, фрустрирани деспоти од Балканот, кои власта ја гледаат како начин за богатење на државна сметка и за лечење на наталожените лични фрустрации (имаше Македонија 11 години таква ситуација, а последиците се уште се гледаат и се чувствуваат).

Меѓутоа, излегува дека ни една ваква демократска и правно уредена држава како САД не е имун на избори да дојде самоволен новак во политиката, милијардер кои смета дека државата треба да се води онака како што ја водел, до пред четири години, својата приватна компанија.

Авторитарни намери

Американците сметаат дека неговото однесување околу состојбата со короната, претставува „политички вандализам“ на претседателот кој си оди од функцијата, кој делува целосно незаинтересиран за пандемијата која опфати 18 милиони лица, предизвикувајќи смрт на над 320 илјади граѓани на САД.

Всушност, уверувањето на добар дел од јавноста е Америка и немала досега шеф на државата кој се однесува на ваков начин и кој во финишот на својот мандат е подготвен дури и да ги злоупотреби своите овластувања.

Си – Ен – Ен смета дека анти-демократското однесување на Трамп по изборите и го има покренато стравувањето за неговото владеење во последните денови. Дури има аналитичари кои прашуваат – што ќе се случеше со САД доколку тој победеше и управуваше со земјата уште четири години.

Се смета дека голема работа имаат одиграно судовите во оваа ситуација, покажајќи „нула толеранција“ кон авторитарните намери на Трамп кои можеа (иако теоретски можат и сега) да ја уништат американската демократија.

Незамислива „воена управа“

За просечните Американци, а не само за политичките експерти, делува незамисливо САД да имаат „воена управа“ во било кој облик. Во такви услови, би се распоредила армијата по сојузните држави каде поразениот претседател, преку прегласувањето што сакаше да го наметне, требаше да се потврди „неговата победа“!? Или, војската да биде лоцирана на местата каде гласа народот, како што тоа се прави во некои т.н. „банана републики“ – за одржување ред и за предупредување до гласачите.

Освен судовите – федералните и оние во сојузните држави – на трамповиот екстремизам храбро му се спротивставија и изборните комисии, како и делови од Капитол Хил, бранејќи ја демократијата, потсетуваат медиумите. Тоа, сепак, ја нема елиминирано заканата од „воена управа“ за која (велат) дека се уште се размислувало, како за идеја и алтернатива, во неговиот претседателски кабинет.

„Тоа би било катастрофа за најпознатата и највлијателната демократија во светот. А, светот ги гледа настаните во САД и се прашува – што се случува во Америка“ – загрижено има изјавено угледниот републиканец Џон Кејсик.

Помилување на „другарите“

Домашната јавност, на пример, не може да се согласи со тоа што Доналд Трамп, без разлика на овластувањата што ги има, меѓу првите помилувања што ги направи, во таа група да се најдат неговите поранешни соработници и советници во Белата куќа – сите осудени врз основа на истрагата на специјалниот советник Роберт Малер кој го истражуваше мешањето на Русија во изборите во 2016 година.

Како прв, Мајкл Флин, првиот советник за национална безбедност, што поднесе оставка после некоја недела од поставувањето, затоа што го излажа потпретседателот Мајк Пенс.

За попречување на правдата и за лажно сведочење под заклетва, беа судени и осудени и неговиот тогашен адвокат и личен пријател, Роџер Стоун (кого Трамп минатата година го ослободи и од затвор), па екс советникот Џорџ Стефанопулос, како и Пол Манафорт, директор на изборната кампања на Трамп во 2016 година.

Овој има прекршено неколку закони меѓу кои (како и Флин) за „вклучување странска земја“ (Русија) во кампањата од пред четири години. Манафорт преку својата фирма, инаку, има соработувано и со рускиот олигарх Олег Дерипаска, милијардер мошне близок до Владимир Путин.

На работ од легалноста

Медиумите откриваат дека Флин, како пензиониран генерал, е тој што сугерирал вклучување на американската војска во „изборниот процес“, одно во прегласувањето во сојузните „свинг“ држави каде изборните резултати беа тесни и до крај неизвесни.

Сега се дознава дека актуелниот трампов адвокат Руди Џулијани (замешан и во аферата со уценувањето на Украина, од јули 2019 година) му предлагал на Трамп да ги заплени изборните машни за броење на гласовите.

Поради сите вакви случувања, правни експерти велат дека сите овие помилувања на најтесниот круг соработници – осуденици, се на работ од легалноста, ажкако и дека отстапуваат од она што се нарекува редовна пракса, на претседателот на заминување.

Другата работа која му се става во грев, е одбивањето на Доналд Трамп да реагира и да го осуди последниот хакерски напад врз институции и агенции на САД. Тамошното разузнавање, па и државниот обвинител во оставка, Вилијам Бар веќе изјавија дека станува збор за „руско масло“. Трамп, меѓутоа, не само што одбива да ја осуди Русија, туку ги обвинува домашните медиуми дека ја „надуваваат целата работа“.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе