Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Рибарите незадоволни од договорот

munchiesmom/Bigstock.com

Рибарите незадоволни од договорот

Не требаше да помине многу време, по постигнувањето на договорот за трговија мешу Британија и ЕУ, по конечното заминување на Британците од Европа, за да се слушнат првите негативни реакции за она што го договорија Лондон и Брисел.

Први се  огласија рибарите и од двете страни, незадоволни од постигнатиот компромис. Незадовлни се Французите кои  најмногу и најчесто се во „блиски средби“ со рибарите од другата страна на Ламанш, но многу повеќе се гневни британските рибари кои од својата влада- како што велат- очекувале многу повеќе, а тоа е дека навистина ќе ги заштитат нивните интереси.

Компромис во последен момент

-Разочарани сме, затоа што владата (на премиерот Борис Џонсон) не постигна повеќе, за да навистина, како што не уверуваше- Британија целосно раскине со ЕУ. Ова меѓутоа, е обична глупост- изјавил висок претставник на британската Национална федерација на рибрите.

Рибарството, иако е гранка која со мал процент учествува во вкупните економски односи меѓу двете страни, во финишот на долгиот преговарачки процес, сепак, се претвори во една од трите најважни преговарачки теми. Изгледаше дека токму поради ова прашање, ќе пропаднат преговорите, па Британија ќе излезе од ЕУ без договор.

А, прашањето беше -дали европските рибари ќе може да влегуваат во британските води и во колкав обем ќе може да  го користат уловеното и од другата страна, какви ќе бидат правата на рибарите од Британија, во водите на земјите членки на ЕУ.  Но, компромис се постигна, велат, во последен момент , откако и двете страни се имаат повлечено од своите „тврди“  позиии.

Според она што досега е познато, ЕУ барала од британската страна, досегашните права и за двете страни , да останат во сила во следните 14 години , пред одново да бидат преразгледани. Владата во Лондон, пак, инсистирала , тие продолжени права да останат во сила само уште три години. Компромис бил најден така што двете стани се согласиле ништо да не се менува во следните пет години, или до 2026 година.

Џонсон го брани договореното

Британските рибари кои во Ламанш и досега се имаат судирано со своите француски колеги, додека имаат ловено риба покрај францускиот брег, сега тврдат дека и првично предложените три години е долг рок.

Тие се гневни на својата влада и за тоа што им дозволила на европските рибари да ловат риба во британските води, до шест милји од брегот (околу десет километри), затоа што предлогот на Федерацијата на рибарите бил, дозволата да се однесува до најмалку 12 милји од британскиот брег.

Британскиот премиер Џоносн, меѓутоа, смета дека постинатиот договор ( компромис) е добар – и за двете страни- и бара од пратениците во Долниот дом да го подржат договорот со ЕУ- во целост, дебатата за неговата ратификација, пред новогодишните празници.

Она што се уште не се знае е во кој однос ќе се дели рибата што ќе ја уловат рибарите од зенјите во ЕУ , во британските територијални води. Дипломатски извори велат дека последната понуда на европската страна била- една четвртина од уловат да и се остава на Британија. Британската страна, пак, барала тоа да биде една третина.

Стравување по блокадата на Ламанш

Во ова време, пред ратифицирањето на договорот, што и тоа ќе се прави набрзина, пред 1 јануари и пред британскиот Брегзит, двете страни настојуваат да ја убедат јавноста во Британија и во ЕУ, дека победиле и дека постигнатото е најдоброто за луѓето и за бизнисот и на двете страни.

Рибарите се огласија први и тие го кажаа своето незадоволство.

Во Лондон, во меѓувреме и натаму се инсистира со популистичкото тврдење дека земјата „ ја вратила назад својата независност“ и дека сега , како „ одново слободна“ самата ќе си ја креира својата иднина.

Хаосот во пристаништето Довер, на јужниот англиски брег, како и блокадата во Кале, на француската страна од Ламанш, иако предизвикан од новиот вид коронавирус, што се појави на југот од Британија, меѓутоа, покажа колку е голем ризикот со кој ќе се соочува „ослободената“ Велика Британија , по нејзиното отцепување од континентот од кој и во иднина силно ќе зависи.

Настрада „Еразмус“

Сепак, во својот познат популистички стил, Џонсон уште во првото обраќање во Парламентот во Лондон, по Брегзмас (Брегзит на  Christmas- Божик на англиски) ја најави првата мерка по „ослободувањето“.

Тоа е излегувањето на Британија од европската програма „Еразмус“ за размена на студенти, во која Британците членуват од 1987 година, ставена прва, веројатно, затоа што таа најбезболно може да и се „продаде“ на домашната јавност- како победа на Брегзит и „новата независност“.

На другата страна, еуфорија околу договорот и нема.

Европските лидери се задоволни што , најпосле, се заврши таа работа околу Брегзит, со која Европа е преокупирана веќе четири години и што во таа битка со Лондон, Унијата остана до крајот цврста и единствана.

Тоа го истакнуваат најголемиот број од нив во своите први реакции, а пред прифаќањето на постигнатиот Брегзмас , да се најде пред Европскиот совет и Европскиот Парламент. И, тоа во основа е токму така.

Коцкањето на Камерон

ЕУ/Европа сега ќе може да се врати на патеката по која беше тргната во 2016 година, кога тогашниот британски премиер Дејвид Камерон одлучи да се коцка со судбината на земјата- повикувајќи на референдум за Европа- иако тоа дома никој не му го бараше.

Европејците сега остануваат со задоволството дека не им попуштија на арогантните, англиски конзервативци дури и самоволното излегување од ЕУ, да биде онака како што тие, во Лондон, го имаат замислено.

Владата во Берлин ,сепак,  воздржано соопшти дека темелно ќе го изанализира договорот. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, од изолацијата во која се наоѓа порача дека дилот со Лондон е „есенцијален за заштитата на европските граѓани и на бизнисот , на европските рибари и производители“-  додавајќи дека ЕУ ќе направи се што треба тоа така и да остане.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го означува постигнатиот договор како добра вест и изразува уверување дека Британија ќе остане главниот партнер и сојузник на ЕУ и на Италија. Во сличен тон зборува и Педро Санчез, премиер на Шпанија кој уште додава дека Мадрид и Лондон ќе продолжат со дијалогот околу Гибралтар.

Пораката на Верхофстад

Подршка на дилот му имаат дадено и Марк Руте (Холандија), Себастијан Курц (Австрија) и Антонио Кошта (Португалија). Ирскиот премиер Мајкл Мартин останува разочаран што воопшто има Брегзит, но додава дека Даблин бил вклучен во настојувањето британското излегување од ЕУ да помине со минимални негативни последици.

Поранешниот белгиски премиер Ги Верхофстад, сега лидер на блокот либерали во Европскиот Парламент, меѓутоа, се огласи со една поинаква порака.

Во неа изразува надеж дека една нова генерација британски политичари, врз основите на овој договор ќе изградат основа за ново партнерство , така што ќе ги обноват поблиските односи меѓу ЕУ и Британија, какви тие и треба да бидат. А, тоа, според Верховстад,  би бил првиот чекор кон враќањето на Британија во европското семејство.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе