Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп го одликува својот зет

Red marker/BigStock.com

Трамп го одликува својот зет

Американскиот претседател на заминување Доналд Трамп го одликува својот зет Џаред Кушнер, сопруг на ќерката Иванка и висок советник во Белата куќа, со медал за национална безбедност.

Како што се вели во службеното соопштение на Белата куќа, Кушнер и уште други шестмина функционери во администрацијата на Трамп која се повлекува на 20 јануари, како и советници и амбасадори, се наградени за “високите постигнувања и придонесот“ на полето на националната безбедност на САД.

Кушнер пред четири години беше именуван за висок советник на претседателот, а покрај него во советничкиот тим, непосредно до шефот на државата, беше поставена и Иванка Трамп. Тоа е крајно невообичаено за американската политичка пракса и традиција – семејството да не се меша во политиката и во државните работи – а во исто време претставува и грд пример за непотизам.

Советник за Блискиот Исток

Прецизно никогаш не се разбра кој сектор (за советување) таа го има покривано, кого во овие изминати четири години Иванка, во исто време, лансираше и своја модна линија во една од модните куќи сопственост на семејството.

Нејзиниот сопруг и зет на Трамп, пак, подоцна стана советник за работите околу Блискиот Исток. За него се зборуваше и дека тој е еден од креаторите на последниот “мировен план“ за регионот, што требаше да го затвори неколку деценискиот израелско – палестинско – арапски конфликт, но планот дискретно беше повлечен и затворен во „фиока“ откако никој во регионот, а ниту ЕУ, или во меѓународната заедница не застана зад него.

Така како што беше направен тој само му овозможуваше на израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху да ја продолжи својата политика кон Палестинците и посебно на Западниот Брег, градејќи нови населби за еврејските доселеници, целосно игнорирајќи го “планот Осло“ – за две држави, една крај друга – Израелска и Палестинска.

Медал и за Помпео

Кушнер беше во американскиот тим и за време на српско – косовските економски преговори, што ги менаџираше Трамп, како дел од неговата предизборна кампања. Во рамките на српско – косовската спогодба, беше објавено дека Израелците го признаа Косово, а за возврат властите во Приштина треба да отворат своја амбасада во Ерусалим, што официјален Вашингтон, од минатата година, го признава како главен град на Израел.

Покрај советникот Кушнер, со истиот медал се одликувани и државниот секретар во Стејт департментот Мајк Помпео, министерот за финансии Стивен Мјунчин, како и советникот за национална безбедност Роберт О Брајен, специјалниот американски преговарач за Блискиот Исток, Ави Берковиц и амбасадорите на САД во Израел – Дејвид Фридман и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Џон Раколта.

 Благодарејќи на напорите на овие луѓе, регионот (на Блискиот Исток) никогаш повеќе нема да биде истиот, оставајќи ги конфликтите зад себе.

…се вели меѓу другото во соопштението на Белата куќа.

„Крајно непримерно“

Во изминатите четири години, Израел успеа да постигне спогодби за меѓусебно признавање со четири други арапски земји, покрај оние со Египет и Јордан од пред многу години. Вакви договори, Израелците сега имаат и со ОАЕ, Бахреин, Судан и со Мароко. Во Вашингтон се тврди дека до 20 јануари, ќе се постигне уште еден ваков договор.

Претседателот на САД, ова право, да доделува одликувања – медали за постигања во националната безбедност, го има уште од 1953 година.

Медиумите во САД, меѓутоа, ваквото решение на Трамп, да дели одликувања за зетот и за неговите најблиски и најверни соработници, на само 25 денови до заминувањето од Белата куќа го означуваат како “крајно непримерно“ и како продолжување на настојувањето да се создава “хаос во времето на транзицијата“ со цел да се омаловажува и да се деградира новоизбраниот претседател, чија уверлива победа не сака да ја признае.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе