Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Политички игри со рускиот гас во БиХ

BalkansCat/BigStock.com

Политички игри со рускиот гас во БиХ

Руската државна компанија за гас „Гаспром“, на три пати ја има менувано одлуката околу испораката на гас за Босна и Херцеговина, во еден ист ден – тврдат сараевските медиуми, повикувајќи се на управата на домашната фирма „БХ Гас“.

Според овие извори, во средата, рано претпладне, руската компанија потврдила дека БиХ ќе го добива бараното количество од овој неопходен енергенс. Веќе попладнето, од „Гаспром“ стигнало ново известување – сосема спротивно од првичното. Во него руската страна известила дека испораката за БиХ се намалува за цели 50 отсто.

Весниците во Сараево, известувајќи за оваа одлука на „Гаспром“, забележаа дека таа може да биде најава за целосно запирање на испораката на рускиот гас и сето тоа го врзаа за политиката, означувајќи ја како „казна од Москва“ за инцидентот при посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на БиХ.

Икона за Лавров

Станува збор за одбивањето на хрватскиот претставник во тричленото Претседателство на БиХ, Жељко Комшиќ и на бошњачкиот член Шефик Џаферовиќ, да се сретнат со шефот на руската дипломатија на средбата во источно Сараево (во српската енклава Република Српска), на која како домаќин би бил Милорад Додик, кој во моментот претседава со претседателството.

Комшиќ изјавил дека не отишол на средба со Лавров, затоа што „Русија не ги почитува државата БиХ и нејзините државни институции“. Со него и неговата позиција веднаш се сложил и Џаферовиќ .

Подоцна, тие двајцата појасниле дека ги повредило тоа како целата посета била организирана (од Додик и од српската страна, но секако во согласност на официјална Москва). Особено што Додик, но и Белград, целата посета на Лавров ја прикажуваа како посета на рускиот министер на енклавата Република Српска. Во една таква атмосфера, Додик во името на енклавата со која управува, му доделил на Лавров – позлатена икона.

Три известувања во еден ден

Освен тоа, средбата требало да се одржи во (српско) Сараево, каде не се истакнува државното знаме на БиХ (освен српското), а го немало ниту во оваа прилика, иако (формално) Лавров требаше да биде во посета на државата БиХ. И, конечно, во разговорите требало да се разговара и за (да се дисквалификува) НАТО.

Тоа е определба на Додик кој целосно е врзан за Белград и за тамошната власт, како и за Русија, но со таа српска определба не се согласуваат Комшиќ и Џаферовиќ кои се залагаат за тоа БиХ да стане дел од Алијансата.

И откако рускиот министер постапката на Комшиќ и на Џаферовиќ ја оквалификува како „нарачена“, како некаква „задача дадена од надвор“ и како „мешање во внатрешните работи“ на земјата,  осудувајќи ја притоа ЕУ, по трет пат се огласиле од „Гаспром“.

Во таа порака до босанската фирма „БХ Гас“ стоело ново известување – дека нема никакви рестрикции за БиХ, како и дека испораката на гас не се намалува за 50 отсто!

Разбранувана политичка јавност

Во босанската фирма инситираат дека во текот на денот, во средата, тие навистина имаат добиено известување за драстично скратување на испораката, што подоцна било повлечено.

Н0, во Сараево сега се настојува да се утврди што навистина се има случено. Дали станува збор за некакви политички игри со гасот, или тоа би требало да се разбере како предупредување од Москва.

Како и да е Лавров успеа да ја разбранува политичката јавност, особено што пред несудената средба со Комшиќ и Џаферовиќ, се има сретнато и разговарано со лидерот на хрватска  партија ХДЗ во БиХ,  Драган Човиќ.

Тој е поранешен член на босанското Претседателство и е остар политички противник на Комшиќ (кој не е член на ХДЗ и на ниту една хрватска партија). На последните избори во БиХ за членови на Претседателството Комшиќ не беше избран само со гласовите на локалните Хрвати, туку и со гласовите на муслиманите, за што остро го критикуваа во Загреб! Потегот на Лавров, затоа од Комшиќ (со права) беше оценет како дезавуирање на еден легално избран член на државното претседателство и на самата институција.

А, сето тоа само ја покажува компликуваноста на ситуацијата во БиХ, дури и сега, после 25 годишни од Дејтонскиот договор.

Четврт век од Дејтон

Посетата на рускиот министер дојде во време кога силно се дебатира околу тоа да се измени Дејтонскиот договор и БиХ да се направа функционална држава, која сега не е тоа. Но, Белград и Загреб кои, инаку, се уште меѓусебно се гледаат како непријатели, околу оваа работа имаат заеднички јазик.

И двете страни се противат на менување на договорот создаден за да ја запре војната од пред четврт век, настојувајќи уште повеќе да се мешаат во босанските состојби – Србија преку Република Српска, а Хрватска преку контролата врз босанските Хрвати. Во Загреб дури се заговара и одново создавање на хрватската енклава Херцег – Босна, чиј промотор е токму Драган Човиќ. На тоа се спротивставуваат муслиманите, а и Комшиќ кој затоа во хрватската политичка јавност се третира како “отпадник“ од својот народ!

Работата натаму се компликува и со тоа што официјална Москва, преку Додик, настојува да се инсталира во Република Српска, а на тој начин и во БиХ.

Некои европски политички експерти, затоа проценуваат дека оваа енклава на босанските Срби би можела да се стави во некаков заеднички пакет, при конечното разрешување на косовскиот јазол. Иако и Белград и Загреб, а и Москва се колнат дека го почитуваат територијалниот интегритет на државата БиХ.

(С.Б.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе