Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Свиткување „кичма“ во Вуковар

dragoncello/Bigstock.com

Свиткување „кичма“ во Вуковар

Одбележувањето на годишнината од страдањата и на жртвите меѓу  локалното население како и сеќавањето на разурнувањата во градот Вуковар, во Хрватска, од страна на делови од некогашната ЈНА и на разните српски паравоени единици, извршени  во деведесетите години,  оваа година се разликуваше по еден детал во протоколот, за што се разбра подоцна.

На комеморацијата и на полагањето венци и цвеќе пред споменикот на жртвите, присуствувал и специјален пратеник на српскиот претседател Александар Вучиќ. Тоа е колку што се знае, прв таков случај, иако се поминати речиси триесетина години. Во Загреб, тамошните медиуми го споменаа тој детал,  пренесувајќи ја изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Тој има само речено – „Охрабрува што овде (во Вуковар) е и претставникот на претседателот Вучиќ“.

Различна реакција

Во Белград го немало ниту тоа. За целиот случај јавноста од Србија има разбрано преку социјалните мрежи- и тоа низ осудите и острите критики на делови од белградската и српската јавност, што таму (во Хрватска) , воопшто,  имало „некаков српски претставник“ .

Старата железничка станица во Вуковар уништена во војната во екс Југославија

За тој дел од српската јавност, Вуковар останува „ српски град“ , изгубен во војните при распадот на поранешна Југославија. А, потоа, дека за сето тоа што таму се случувало, во тоа време, вината ја имаат само Хрватите, нивниот национализам и сепаратизам. Конечно, во текот вуковарската драма имало загинато и бројно  локално српско население.

Колку што се знае, од официјален Белград,  нема никаква реакција  за комеморацијата , која е традиционална и се одржува секој ноември, како ден за паметење на злосторствата од војната, што во хрватската јавност се прикажува како „ војна за ослободување“. Но, овој пат, во Белград немаше ниту реакции како оние за време на хрватското одбележување на (контроверзната)  операција „ Олуја“ во хрватска Крајина, на крајот од воените судирања со она што се нарекуваше југословенска војска, што , пак, резултираше со масовно бегство на луѓето од српското  малцинство.

Пратеник на српскиот претседател

Во Вуковар, како претставник на Вучиќ присуствувал Веран Матиќ, за кого поради сето ова , пошироката српска јавност и разбра дека тој, веќе две  години, е специјален пратеник на претседателот на Република Србија, за прашањата во врска со исчезнатите (Срби) на територијата на Република Хрватска.

Во Белград велат дека не станува збор за платена функција, ниту за државничка позиција во српската јавна администрација. Сега се открива и дека тој во Вуковар бил и минатата година, но овој пат, и за прв пат, Матиќ престојувал со (знаење и согласност) на шефот на државата, кога  премиерот Пленковиќ има почувствувано потреба тоа да го означи како , некаков позитивен гест што изминатите децении го немало.

Веран Матиќ, инаку, не е ниту политичар. Тој е новинар, оснивач и долгогодишен директор на некогаш, единствениот слободен српски медиум- радиото Б-92, кое се смета како за некаков втемелувач на слободното и непристрасно српско новинарство, кое од времето на Слободан Милошевиќ, па се до сега, е ставено под контрола. Откако се продаде, ниту Б-92 веќе не постои во тој облик. Стана едно од бројните гласила кои се во функција на власта.

На коленици пред споменикот

Mеѓутоа тоа по што ќе се памети годинешниов Вуковар, колку и да е сето тоа  минорно, поединечно и на самиот почеток за нешто што треба да уследи, како многу поголемо и посилно, е гестот на пратеникот Матиќ. Овој човек е првиот од Србија кој клекнал на коленици пред споменикот на Овчара, симболично, на тој начин, одавајќи им почит на сите жртви и на сите убиени во борбите и брутално ликвидирани.

Како и да се сака да се толкува овој гест на Веран Матиќ, тој е високо цивилизациски, човечки и хуман гест со кој се бара простување за извршените злосторства и со кои се испраќа порака дека можеби е дојдено времето за помирување. Онака како што тоа е направено на разни страни во Европа и низ светот.

На Балканот, воопшто, тоа оди мошне тешко и се уште делува како невозможна мисија. Во хрватско-српската реалација и уште потешко, затоа што и понатаму двете страни се гледаат со недоверба, гледајќи едни, на други како на непријатели. Иако пратеникот Матиќ покажа дека тоа може да се направи, затоа што не значи дека ќе треба да се заборави се она страшно што се има случувано.

„Историски гест“

Малкумина во денешна Србија, на овој гест гледаат како на благороден, храбар, па дури и историски важен гест. Барем според реакциите на социјалните мрежи. Ретко кој го одбрани или го поздрави коленичењето на Матиќ во Вуковар. Многу повеќе се оние кои му судат како на „предавник“, прикажувајќи го гестот како  пример за „свиткување кичма“ пред Хрватите, или како пример за одродување од својот народ.

Некои белградски аналитичари сметаат дека ваквите реакции не изненадуваат, во услови на се уште присутната атмосфера на ширење омраза и непријателство кон сите околу Србија и кон сите оние кои не се Срби , колку и тоа сознание да разочарува. Други, пак, му забележуваат на српскиот претседател што покрај еден ваков негов специјален пратеник, во владеачката партија  на Вучиќ – има како членови  и поранешни осуденици за воени злосторства, за дела извршени на терените каде Матиќ , клекнат на коленици побара простување.

Возрасни жени во време на воените дејства во Вуковар, Хрватска

И едните и другите, се согласуваат дека неговиот гест не е никакво „предавство“ и дека тој би можел да биде прогласен и за „херој на денот“, потсетувајќи притоа на подзаборавеното злосторство на оние на кои им се судеше во Хаг – кои наводно ја „бранеа“ Југославија – а имаат извршено  брутално  ликвидирање на 200 заробеници, меѓу нив и цивили- стари луѓе, жени, вклучувајќи и две деца.

Брант, Кол, Митеран, Блер…

Простувањето, затоа, како дел од неопходноста за помирување, без да се заборави кој и што има направено, во еден период од мрачните времиња, не може да се квалификува  како „свиткување на кичмата“ , затоа што доблесни и храбри политички лидери веќе го имаат направено.

Еден Вили Брант, како канцелар на Германија , клекна на коленици пред споменикот на жртвите од нацизмот во Варшава, барајќи на тој начин простување за она што хитлеризмот им има направено на Полска и на Полјаците. Еден друг канцелар, Хелмут Кол , заедно со францускиот претседател Франсоа Митеран, се држеа за рака додека им одаваа почит на жртвите во нацистичкиот логор Белзенкирхен. Германецот, притоа , барајќи и простување за злосторствата во текот на Втората светска војна.

Или, Тони Блер кој го „свитка“ грбот, за да го затвори „ ирското прашање“- отворајќи дијалог со Шин Феин и со тогашниот „смртен непријател“,  Џери Адамс, за да се обезбеди траен мир во британската покраина на ирскиот остров.

Заменикот на Адамс, пак, поранешниот командир на ИРА во Лондондери,  Мартин Мекгинис , многу години подоцна, во ново создадената политичка атмосфера во Северна Ирска , отиде и на прием кај британската кралица, поздравувајќи го британскиот суверен  со малку забележлив, но сепак, наклон , иако неговата ИРА војуваше  против присуството на британската круна на Островот.

Историчноста на „Преспа“

Сите овие примери зборуваат ( меѓу другото ) и за храброста и цивилизираниот однос кон историјата, која во секој случај,  останува да биде таква  каква што била. Таа не се поправа и не се преправа, ниту со меморадуми, а ниту со навредливи изјави и со изливи на национализам и лажен патриотизам.

Затоа што животот , заедно со годините, одат напред, не се враќаат назад за да не може да се направи простување и помирување- во услови кога се живее, еден покрај друг.

Тоа се однесува за Србите и Хрватите, во овој случај поврзан за Вуковар од пред многу години. Но,  и за Србите и Албанците ( на Косово) , а секако и за Македонците и Грците, или сега најново, меѓу Бугарите и Македонците.

Кога станува збор за македонските случувања- историскиот договор од Преспа, како и Спогодбата за пријателство со Бугарија, за надминување на недоразбирањата околу толкување на историјата и географијата, на историските настани и личности од подалечното минато, но и за градење доверба и пријателство за во иднината- не се само можност за отворање патот на Република Северна Македонија, за влез во Европа- на голема врата.

Тие се,   и гестови кои треба да водат кон простување и кон трајно помирување на народите и на државите кои – сега се и ќе останат-  заскогаш, едни покрај други.

Минатото како политика

Во таквата слика , секако, не може да се вклопат националистите од сите бои кои ги има во голем број на Балканот. За нив, затоа, историјата и минатото – толкувајќи ги како политички програми, направени за залажување на масите и гласачите-   се уште се нудат и продаваат, кога за тоа ќе се појави потреба.

Како таму „ далеку“ околу Вуковар , така и овде во македонското опкружување и во самата Македонија – од  домашните националисти и наводни „патриоти“.

Тие дури дадоа пари за билборди, за да се обвинува за „ виткање кичма“ пред Грците, а против постигнувањето договор со Грција и пред референдумското изјаснување за „Преспа“. Потоа, направија и спот со таква порака за на интеренет, за да потсетат на „предавството“. Нормално, мислеа дека така ќе победат на избори.

Сега и во случајот со вештачки наметнатото спорење за историјата со Бугарија, што од Софија доаѓа со добропознатите негирање на македонската национална посебност и македонскиот јазик, овие лажни „ патриоти“ одново се огласуваат , прогласувајќи се како борци против „ предавството“ на македонските национални интереси. За чисто политикански интереси.

А. токму нивната партија , на времето, побара од Бугарија двете земји да склучат договор за пријателство и соработка и прифатија македонскиот јазик да биде „ уставна категорија“.

(С.С.Г.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе