Сорос: Нема компромис за владеење на правото
Американскиот милијардер и филантроп, од унгарско потекло, Џорџ Сорос, остро се спротивстави на правењето компромис околу механизмот на ЕУ- европските пари за земјите членки, наменети за нивниот развој, да се услови со почитување на владеењето на правото.
-ЕУ не смее да дозволи, нејзиниот одговор на предизвикот од Унгарија и од Полска , да биде попуштање, затоа што тоа ќе го определи останувањето на Унијата, како едно отворено општество, засновано на вредностите врз кои е создадена- вели Сорос во авторски текст објавен во еден чешки портал.
Прекршување на принципите на ЕУ
Во текстот, Американецот потсетува на ветото што го ставија овие две земји-членки, кои не се согласуваат со новиот механизам и притоа забележува дека блокадата ( за европскиот буџет) е ставена , иако и Унгарија и Полска имаат најголема корист токму од буџетските пари на ЕУ. Тие жестоко се спротивставуваат на условот што Унијата го воспостави на барање на Европскиот Парламент.
Според Сорос, тоа само значи дека се виновни за „шокантното кршење на принципот за владеењето на правото“ во нивните земји, па сега не сакаат да платат за своето однесување.
Tој смета дека владеењето на правото не е никаква апстрактна концепција, а спротивставувањето на Орбан, како и на „ вистинскиот владетел во Полска“ Јарослав Качински го објаснува со стравот дека владеењето на правото ( во нивните држави) ќе стане пречка за , како што вели, нивната „ лична политичка корупција“.
Заобиколување на ветото
-Ветото, всушност, претставува очајничка игра на двајца „ сериски престапници“ , а унгарско-полската блокада се претвора во случај без преседан.
Тоа предизвикува конфузија во целата Европска унија околу тоа како да се спречи оваа ситуација и како таа да се заобиколи, за да не страда целата ЕУ- вели Сорос во својот напис за чешкиот портал.
Се тврди дека Унијата, сепак, располага со механизам што може да помогне, за да се одблокира состојбата околу буџетот и специјалниот фонд за санација, а при тоа да не им се прават поголеми отстапки на Будимпешта и на Варшава, со откажување од новиот механизам.
Европскиот Парламент, во меѓувреме, веќе соопшти дека одлуката за механизмот е веќе донесена и европратениците порачуваат дека за тоа повеќе нема да се расправа.
Засега, никој од Брисел, јавно го нема покренато прашањето околу користење на техниката- да се усвојат новиот седумгодишен буџет и пакетот за санација на последиците од пандемијата, така што ќе се заобиколи ветото на овие две држави.
Подршка од две третини Европејци
Берлин кој претседава со ЕУ до крајот на оваа година и канцеларот Ангела Меркел и натаму настојуваат да се дојде до компромис. Официјален Париз, меѓутоа, веќе порача дека Унијата мора да се обезбеди со механизам за тоа како да се одблокира вето ( на земја-членка) кое ја попречува целата Унија да оди напред.
Поранешниот белгиски премиер, сега европратеник, Ги Верхофстад отиде чекор понатаму, па веќе има понудено и правно решение кое , инаку, и стои на располагање на Унијата. Тој предлага еден таков механизам да се употреби, за да се донесат овие два економски пакети, без гласовите на Унгарија и на Полска. Но, Верхофстад инсистира дека во тој случај, тие не би ги добивале парите, во годишни износи – додека не ги прифатат двата пакети, онакви какви што се предложени од Европската комисија.
Јавноста во Унијата, инаку, е силно на страната на Брисел и на Европскиот Парламент. Според направеното истражување, на територијата на целата ЕУ, над 77 отсто од Европејците се согласуваат со механизмот – користењето на парите од европските фондови да се врзува за владеењето на правото во земјите- членки.