Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп смени уште еден шеф на Пентагон

Марк Еспер/U.S. Department of State

Трамп смени уште еден шеф на Пентагон

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп соопшти на Твитер дека САД имаат нов министер за одбрана. Тоа е Кристофер Милер, досегашен директор на Националниот центар против тероризам.

Во својот препознатлив стил, да ги менува луѓето преку соопштенија на социјалните мрежи, тој и овој пат, грубо порача дека досегашниот шеф на Пентагон, Марк Еспер е сменет од таа функција.

Единствено што има во соопштението е дека Милер веднаш стапува на новата должност и веќе е виден како влегува во зградата на министерството за одбрана.

Министер 18 месеци

Иако поразен на изборите и гневен (веројатно на сите) затоа што не освои уште еден претседателски мандат, Трамп има право до 20 јануари, до кога треба да се изврши смената во Белата куќа, да презема вакви мерки – да сменува и назначува луѓе во администрацијата, иако е на заминување.

Но, спикерот на Конгресот Ненси Пелоси ја осуди ваквата постапка на претседателот, означувајќи ја како „создавање хаос во американската демократија и во финишот на мандатот“.

Еспер беше министер (секретар за одбрана) 18 месеци.

Тој е поранешен армиски офицер и поранешен припадник на Националната гарда и на функцијата беше поставен по оставката на неговиот претходник Џејмс Матис, човек од првата администрација на Трамп, со кого беше од почетокот на изборната кампања во 2016 година.

Против користење на војската

Со него, актуелниот претседател се судри околу одлуката на Белата куќа Американците да се повлечат од Сирија и да ги остават сојузничките Курди на милост и немилост на Турција и Русија. Матис беше незадоволен и од тоа што одлуката за напуштање на сирискиот фронт беше донесена без консултација со Пентагон и со командантите на теренот, во Сирија.

Еспер, пак, беше во постојан, тивок вербален конфликт со Трамп, откако во јуни годинава јавно се спротивстави на барањето на Белата куќа на улиците во некои американски градови да се испратат припадниците на војската на САД (!), за да се справат со анти-расните протести.

Таквата одлука Еспер сметаше дека е непотребна, а претседателот ја оправдуваше со „неспособните“ власти во некои сојузни држави, сите под контрола на демократите.

Овој професионален војник (како и Матис) беше во судир со Трамп и околу односот на претседателот кон НАТО и кон американските сојузници во Алијансата, за што шефот на Пентагон, сметаше дека е сосема погрешен.

Нови смени до средина на јануари?

Неговото сменување, меѓутоа, беше најавувано во медиумите во САД уште во текот на летото, особено кога портпаролот на Белата куќа му порача на државниот секретар дека одлуката за војската и каде треба да се употреби ја носи шефот на државата.

Покрај сменувањето на Еспер, медиумите сега очекуваат таа судбина, до средината на јануари, да ги снајде и директорот на ФБИ, Кристофер Вреј и директорот на ЦИА, Џина Хаспел.

Впечаток во Вашингтон е дека доколку се случи тоа, таквите потези на претседателот на заминување остануваат невообичаени и само го покажуваат неговиот гнев од изборните резултати.

Со своето најавување за тужби и за откривање „скандалозни работи“ кои му ја имаат „одземено победата“ тој само продолжува да и носи штета на САД, на нејзиниот углед и престиж во светот, како и да ја поткопува довербата на Американците во сопствениот политички систем.

А, тоа е она што Трамп веќе го има покренато во изминатите години, откако е во Белата куќа.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе