Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Исламска држава во крвав поход на Виена

Исламска држава во крвав поход на Виена

Исламска држава (ИД), џихадистичка, терористичка организација, ја презеде одговорноста за крвавиот поход на еден нејзин припадник во Виена, извршен во понеделникот, во кој беа убиени четири лица, а дваесетина други беа потешко или полесно повредени.
Веста за тоа ја пренесоа европските агенции, повикувајќи се на објавениот текст и фотографија на убиецот, на исламската агенција Амак.

На фотосот, се гледа машко брадосано лице кое агенцијата го именува како Абу Дагна ел Албани. За него се вели дека во терористичкиот напад користел пиштол и автоматска пушка, не споменувајќи притоа дека уште некој друг учествувал во нападот во австрискиот главен град.

Роден и израснат во Австрија

Така или не, за австриските власти, меѓутоа, терористот е Австриец со албански, етнички корени, роден во Виена и израснат и школуван во европска Австрија. Станува збор за 20 годишниот Кујтим Фејзулај, чии родители потекнуваат од Македонија. Преку нив, тој покрај австриското државјанство, станал носител и на државјанството на Република Северна Македонија.

Во интервенцијата на специјалците на австриската полиција, овој млад, радикализиран исламист, уште и обучен да убива – беше ликвидиран.

Покрај оружјето со кое убивал, полицајците на неговото тело откриле и лажен елек, на бомбаш-самоубиец.

Се смета дека имал намера неговиот крвав пир да трае и подолго и да биде исполнет и со заплашување на луѓето кои во тоа време се затекнале на улиците.

Нападите се извршени врз шест локации во во Виена. Првично се претпоставуваше дека цел е една еврејска синагога, која е во тој дел од градот, но се покажа дека нападот бил насочен само кон луѓето кои се шетале, или седеле по околните кафулиња. Напаѓачот притоа, не водел сметка, а ниту се грижел кои се луѓето, какво им е етничкото потекло и на која религија и припаѓаат.

Виена под опсада

Потоа, се мислеше дека терористот не дејствувал сам и дека со него имало уште еден напаѓач. Тоа предизвика дополнителен страв кај властите и паника меѓу жителите на Виена. Граѓаните беа повикани да не излегуваат од дома, а владата и градскиот совет на Виена се согласија во вторникот да не работат градинките и училиштата.

Подоцна тој ден, министерот за внатрешни работи Карл Нехамер објави дека полицијата, како и војската која тргна во потрага по можниот втор џихадист, сепак, немаат сознанија, а ниту потврда дека во нападот биле вклучени двајца.

Во потрагата се уапсени дваесетина лица – сите на возраст меѓу 16 години (најмладиот) и 25 години, колку што има најстариот меѓу уапсените. Десетмина од нив се уапсени во австрискиот главен град, додека другите се откриени во Сент Полен.

Во изјавата за јавноста, министерот го има опишано терористот како „наш човек, Австриец“ кој им бил познат на полицијата, како и на безбедносните органи. Австриската тајна служба имала сознанија дека тој е поврзан со најрадикалните исламистички кругови во земјата и дека е дел од една група од 90 млади, локални исламисти кои се подготвуваат да се вклучат во војната во Сирија, на страната на џихадистите.

Уапсен, па ослободен

Властите сега признаваат дека напаѓачот имал криминално досие за терористичко здружување.

Во април 2019 година, Фејзулај (ел Албани) бил осуден од еден австриски суд на 22 месеци затвор, затоа што се обидел да се префрли во Сирија, за да им се приклучи на тамошните џихадисти. Во почетокот на декември, меѓутоа, бил ослободен, затоа што според австриските закони, станува збор за помлад полнолетник.

Терористичкиот напад во Виена предизвика шок во Австрија и страв во Европа дека бранот од вакви напади би можел да се рашири, но во исто време предизвика остра осуда во европската јавност, па дури и во САД, каде двајцата претседателски кандидати ги осудија случувањата во Виена.

Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен рече дека станува збор за „напад врз либералната демократија што терористите ја мразат“ и ги повикува Австријците, да ги бранат демократските вредности, наспроти омразата, заговарајќи единство и толеранција.

Во сличен тон зборуваше и канцеларот Себастијан Курц. Тој рече дека непријателот сака да го подели австриското општество, порачувајќи дека непријателите на Австрија не се припадниците на разни други религиозни заедници, туку терористите.

„Борба со тероризмот, не со муслиманите“

„Ова не е борба меѓу христијанството и муслиманите, ниту меѓу мигрантите и Австријците, туку меѓу цивилизацијата и варварството“- има речено Курц во своето обраќање до јавноста во земјата. Тоа на некој начин го објаснува и етничкиот и религиозниот состав на жртвите и на ранетите.

Меѓу нив има и христијани и муслимани. Еден од четворицата убиени е македонски Албанец од струшкото село Велешта, кој бил на работа во Виена, а во моментот на нападот, седел со другари во едно кафуле. Со албанско етничко потекло е и еден од повредените полицајци, а има повредени државјани на БиХ.

Крвавиот поход врз австрискиот главен град доаѓа веднаш по случувањата во Франција.

Во кус временски период, во Париз беше брутално ликвидиран еден учител по историја, од 18 годишен Чечен, роден во Москва, кого родителите го донеле во Франција, па млад Тунижанец, со нож нападна неколку луѓе во Ница, убивајќи еден од нив. Малку пред тоа, исто така млад Пакистанец, со сатар влезе во просториите на хумористичко-сатиристичниот весник „Шарл Ебдо“, повредувајќи неколкумина.

Провоцирање меѓуверски судир?

Европски безбедносни експерти сметаат дека виенскиот напад може да е поврзан со француските случувања, кои се објаснуваат како реакција на карикатурите што луѓето во „Шарл Ебдо“ ги прават за мулиманскиот пророк Мухамед. За тоа беше обезглавен учителот додека зборувал за толеранцијата и за слободата на мислењето. За тоа беше нападната и редакцијата, на денот кога почна процесот за терористичкиот напад пред пет години.

Меѓутоа, има проценки дека нападот во Виена, па и оние во Франција, да се дел од нова тактика на терористичките групи и организации и на оние кои стојат „во сенка“ во исламскиот свет, финансирајќи ги и подржувајќи ги. Новото е во тоа – наместо во поголеми напади, млади џихадисти, веќе затруени со омраза, да се наведуваат да изведуваат „соло“ напади.

Останува и нејасно дали навистина ИД се уште има контрола врз џихадизмот, како во времето на убиениот водач Ел Багдади. Но, како и да е, некои експерти проценуваат дека кој и да стои зад сите овие напади, целта е да се предизвика „судир на цивилизациите“ на европскиот континент.

И австрискиот претседател и канцеларот Курц, од Виена порачуваат дека Европа тоа нема да го дозволи.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе