Џони Деп прогласен од суд за насилник!
Холивудската ѕвезда Џони Деп (57) го загуби спорот со лондонскиот таблоид „Сан“ кого го тужеше за клевета, откако овој најтиражен британски весник има објавено текст за тоа дека актерот „ја тепа и ја злоставува“ својата (сега веќе) бивша сопруга.
Судијата на Вишиот суд во Лондон, меѓутоа, пресуди дека во случајот „нема клевета“, затоа што, според наодите на судот – Деп, навистина ја има нападнато сопругата и тоа повеќепати, по што таа почнала да стравува за својот живот!
Ваквата пресуда може да му наштети на угледот на познатиот актер, но и на неговата кариера, откако судијата во процесот, целосно ги прифати тврдењата на поранешната сопруга, младата актерка Амбер Херд.
Таа во случајот „Деп против „Сан“ се појави во улогата на сведок на одбраната, но ја искористи приликата остро да го обвини Деп за „насилство во текот на целата нивна петгодишна бурна врска“.
Адвокатите на Деп остро реагираа на ваквата пресуда, означувајќи ја како „перверзна“ и како „збунувачка“, затоа што, според нив, се засновува само врз изјавата на еден сведок и тоа на поранешната сопруга, не земајќи ги во предвид и сведочењата на другите сведоци. Адвокатите најавија дека ќе поднесат жалба, забележувајќи дека „би било смешно на неа да не се реагира“.
Отфрлајќи ја тужбата на Деп против весникот за клевета, судијата, всушност, му пресуди на актерот кој од овој суд е прогласен за „насилник“ кој навистина ја тепал својата сопруга.
Самата Херд во едно од сведочењата, има речено дека имало дури 14 такви случаи кога Џони Деп „знаел да се претвори во чудовиште“ – удирајќи ја со шлаканици, со тупаници и со клоци. Неговата поранешна сопруга, Венеса Паради, пак, има речено, дека додека таа била во брак со него, тој никогаш не бил насилен, ниту пак имало такви случаи.