Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Фидел: револуционер, но и љубовник

Selfcreative/BigStock.com

Фидел: револуционер, но и љубовник

Фидел Кастро, човекот кој авторитарно владееше со Куба безмалку шест децении, многу пати има речено дека својот живот целосно и го посветил на револуцијата, а дека неговото срце (или, љубовта) можело да и припадне само на неговата татковина.

Вака Кастро, кој мораше, веќе остарен и болен да се повлече, оставајќи му ја власта и Куба на својот брат, најчесто објаснуваше, зашто најголемиот дел од својот живот го има поминато сам- без сопруга, или животна партнерка, без семејство, „венчан“ само за кубанската револуција, за комунизмот и за татковината.

Еден брак, една љубов?

Откако тој почина, во 2016 година, а посебно кога и неговиот длабоко остарен брат Раул, се повлече, дури и во кубанските медиуми, но посебно во САД, во новински прилози и во книги, се појавија детали за приватниот живот на вечниот „Ел Команданте“. Стана веќе јасно дека Фидел не и бил посветен само на револуцијата, туку и на жените со кои велат дека ги споделувал и животот и „револуционерната посветеност“.

Оние кои имаат напишано, или пишуваат биографски книги за Кастро, се согласуваат дека Фидел Кастро само еднаш се оженил, како и дека само еднаш бил „вистински вљубен“, притоа свесно ризикувајќи го и животот, за љубовта на таа жена!

Едната била, богаташка ќерка и припадничка на кубанската аристократија, во доцните четириесетти години на 20 век.

Другата, пак, ја прикажуваат како шпионка, уфрлена во Куба (од САД и од ЦИА), за да го убие. Таа не ја извршила задачата, се вљубила во човекот што требало да го ликвидира. Но, и планираната жртва, не можел да одолее на нејзиниот шарм. Посветениот револуционер, барбудосот (брадосаниот) герилец од Сиера Маестра, веќе тргнат со своите истомисленици да го собори диктаторот Батиста- се вљубил во таа жена.

Кастро и аристократките

Како негова законска сопруга се прикажува (има и фотоси од венчавката) Марта Дијаз Баларт. Венчавката била во 1948 година, а Фидел тогаш немал брада. Имал само 22 години. Од тој брак е и единственото негово (законско) дете- син, кого нагалено го нарекувале Фиделито.

Бракот се распаднал седум години подоцна, а таа не чекајќи многу, се премажила- за еден тогашен остар политички противник на Фидел. Не само тоа, овој „класен непријател“ подоцна станал и сојузник на кубанскиот диктатор против чиј суров режим Кастро и неговите ја имаат започнато герилската борба.

Велат дека бракот се распаднал, затоа што „шармерот Фидел“ ја мамел сопругата со една аристократка (Наталија Рувелта).

Тоа го открива вкусот на Кастро во тие години – да се врзува и вљубува во жени од богатото, високо општество во тогашна Хавана – не грижејќи се премногу што тие не ги делеле неговите левичарски идеи. Наводно, љубовната врска со Наталија, се претворила во „револуционерна врска“, откако оваа богата жена, финански ја помагала борбата на својот љубовник.

Шпионката Лоренц на сцена

Американски медиуми сега пишуваат дека од таа врска, се родила ќерка, во 1956 година, на помалку од три години, пред кастровите герилци да навлезат во Хавана. Истите извори тврдат дека ќерката, од самиот почеток, не се согласувала со политиката на својот татко, со кого била во постојан судир, па во 1993 година, искористила една прилка за да побегне. Сега живее во САД.

Љубовната афера на Кастро со шпионката (?) Марта Лоренц, меѓутоа, е поинаква. Биографите на кубанскиот „ел команданте“ пишуваат дека во таа 1959 година, веднаш по соборувањето на Батиста (во новогодишната ноќ, на 1 јануари 1959), бил толку многу вљубен што станал невнимателен кон личната безбедност.

Приказната вели дека командантот дури и подарил и пиштол на жената што требало да го отруе, како и дека во една прилика, таа (наводно) го вперила пиштолот во Кастро, но „вљубеноста била посилна од задачата“. Сега Американците подготвуваат и игран филм за таа љубов, во кој е предвидено ликот на Лоренц да го толкува актерката Џенифер Лоренс.

Така, или не, после 1961 година и неуспешната операција во Заливот на свињите, за соборување на кастровиот режим, Фидел почна да изградува комунизам од советски тип, ги повика Русите за да постават ракетно оружје на островот, оддалечен стотина километри од брегот на Флорида и успеа, заедно со Москва, во октомври 1962 година, да ја предизвика ракетната криза, кога малку требаше да дојде во воен судар на САД и тогашниот СССР.

Молк на официјална Хавана

Во тоа време, во критичните шеесетти години на 20 век, Кастро, сепак, имал време и за нова љубовна врска- овој пат, со Далија Сото дел Веља, за која се тврди дека и најдолго била со Фидел, се до средината на 1975 година.

Наводно, во тоа време, изродиле дури пет синови, како и дека во 1980 година тие и тајно се венчале. Кубанската јавност, сепак, не знаела ништо за оваа жена. Таа прв пат се појавила во јавноста во 2001 година, кога била повикана на разговор на кубанската телевизија.

Американската писателка Ен Луиз Бердох го опишува Фидел Кастро како „женскарош“ и дека и покрај бројните веќе споменати врски, се верува дека низ неговите раце поминале многу жени, претворајќи ги сите во свои љубовници. Бердих тврди и дека со сите тие жени има многу вонбрачни деца. Авторката вели дури десет!

Официјалните кубански власти, меѓутоа, никогаш до сега немаат реагирано на сите овие приказни за љубовните авантури на „таткото“ на револуцијата на Куба. Ниту една приказна не е потврдена, но ниту една не е демантирана.

(Х.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе