Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Русија отвора воено претставништво во Белград

BalkansCat/BigStock.com

Русија отвора воено претставништво во Белград

Руското министерство за одбрана отвора во Белград свое воено претставништво, соопштува српското министерство, објаснувајќи дека тоа ќе биде издвоено од руската амбасада, но дека сите членови на претставништвото, иако не се дипломати, туку, како што се вели, технички специјалисти, ќе имаат дипломатски статус и дипломатски имунитет.

Во соопштението се вели дека целта на оваа „воена мисија“ е давање поддршка, како и побрзо решавање на прашањата поврзани со воено-техничката помош и соработката на двете земји на воен план, во рамките на претходно постигнатиот и потпишан руско-српски договор.

Мисија со дипломатски статус

Ваквото соопштение веднаш предизвика бранување во оние делови од српската јавност кои не се согласуваат со натамошното зацврстување на односите меѓу Белград и Москва и кои сметаат дека Србија мора веќе да се определи на која страна ќе продолжи натаму на политички и геостратешки план, без да седи, како досега на „две столчиња“.

Има проценки дека руската „воена мисија“ значи повреда на суверенитетот на државата, особено после сите нејаснотии и недефинираната положба на (рускиот) „хуманитарен центар“ во Ниш, за кого западни безбедносни експерти тврдат дека е „потенцијална руска воена база“.

Во Белград, каде во тек е создавањето на новата српска влада, по парламентарните избори во јуни, па (до овој момент) не е познат распоредот на министерските места, се смета дека отворањето на руското воено претставништво, било неопходно!

Топло-студено со Москва

Тоа се објаснува со „крајната фаза за испорака на авионите Миг-29“, за кои се верува дека ќе се монтираат во Србија, па дека во овој момент руската мисија била потребна не само за одржување на веќе набавените руски воени хеликоптери и ракетни системи за против-воздушна одбрана, туку и за модернизацијата на „миговите“.

Српски воени експерти во ова гледаат и можност за натамошно опстојување на перспективата на воената соработка меѓу Белград и Москва.

Кога српската страна објави пред конференцијата во Вашингтон дека го запира купувањето оружје, излезе дека тоа се однесува само на Русија, бидејќи во меѓувреме, Србија набавуваше оружје од Кина, од земјите на ЕУ, а преговара за купување дронови од Турција и оружје од Израел.

„Две столчиња“

Конечно, во отворањето на руската воена мисија има и многу политика. Особено, што веста за претставништвото доаѓа во време на заладени српско-руски односи, по српско-косовскиот Самит во Белата куќа, во Вашингтон, под покровителство на актуелниот претседател на САД, по острата реакција на руското МНР, како и откажувањето на посетата на Владимир Путин на Белград, претходно најавувана за 20 октомври.

„Мисијата“ (претставништво), во секој случај, треба да покаже – и дома, а и надвор- дека се продолжува со српската политика на „две столчиња“ која, се верува, Москва ја има одобрено.

Затоа, белградски политички аналитичари проценуваат дека „воената мисија“ нема да предизвика некаква реакција на НАТО, но дека секако ќе предизвика незадоволство во ЕУ.

Потсетување од Брисел

Веќе неколкупати досега, Белград е предупредуван дека од земја-кандидат за членство во Унијата (каква што е Србија) се очекува да ја усклади својата надворешна и одбранбена политика со онаа на земјите од Европската Унија.

Впрочем, за тоа постои и посебно поглавје кое во текот на пристапните преговори сите земји-кандидати мора да го прифатат. Без него не може да се заокружи и да се затвори преговарачкиот процес.

Тоа се случи и овој пат, па на соопштението на српското министерство за одбрана, реагираше портпаролот на европскиот висок претставник за надворешна и безбедносна политика во Брисел – потсетувајќи ја Србија на нејзините обврски на европскиот пат.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе