Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Сите жени на Владимир Путин“

shganti777/BigStock.com

„Сите жени на Владимир Путин“

Сега кога веќе е познато дека рускиот претседател Владимир Путин (68) може да остане во Кремљ, како неприкосновен лидер на Русија, се до 2036 година, во тамошните, но и во европските и американските медиуми, почесто почна да се зборува и пишува за неговата приватност, па и за тоа дека е миленик на руските жени.

Всушност, таквата слика за него делува помалку нестварна, особено за што за Путин, обично, се пишува како за повлечен човек кој никогаш не зборувал за себе. Сепак, таа слика за него, во изминати 20 години, откако е на власт, продолжува да ја гради и да ја одржува руската официјална пропаганда.

Развод со Људмила

Но, во таквата претстава за овој поранешен функционер и оперативец на некогашното КГБ, кого Борис Елцин на крајот од деведесеттите години на 20 век, го определи за свој наследник, прво, доделувајќи му ја премиерската функција, Кремљ дозволува да се појавуваат и детали за неговата блискост со жените.

Тоа стана видливо откако Путин, во 2014 година, (не)очекувано се разведе од својата сопруга Људмила, со која беше во брак 21 година и со која има две ќерки.

Од тогаш повремено почна да се „откриваат детали“ за тоа дека рускиот лидер е „близок“ со некоја жена, сите далеку помлади од него. Ниедна од тие врски за кои имаат пишувано и руските медиуми, не беше потврдена.

Меѓутоа, ниту една не беше демантирана, како од Кремљ, така и од жените кои беа поврзувани со претседателот.
Останува уште да се нагаѓа што беше причината за разводот на Владимир Путин со сопругата Људмила, поранешна стјуардеса на авионската компанија „Аерофлот“.

Познато е само дека нивната постара ќерка е родена во Санкт Петерсбург, дека таа се занимава со научна работа, а дека втората е во Дрезден, во некогашна Источна Германија, каде таткото работел како раководител на тогашната советска тајна служба (КГБ).

Помладата ќерка е мажена за еден руски бизнисмен, а таа самата е танчерка, но е вклучена во некоја од руските културни институции.

„Прва дама“ во сенка?

Кога се шпекулира околу причините за разводот, од тоа време, додека се уште имал венчален прстен на десната рака, се покажува една фотографија на која Путин е (безмалку) во прегратка со Алина Кабаева. Од тогаш, за неа се зборува како за руската „прва дама“ во сенка.

Таквата поза може да се рече дека не мора ништо да значи, но приказната за нивната „врска“ се одржуваше во руската јавност се до минатата година, од кога за Кабаева веќе никој не зборува, а таа никаде се нема појавено во јавноста.

Кабаева, убава млада жена, е поранешна руска гимнастичарка. Олимписки победник од Игрите во Атина 2004 година, а има освоено и златни медали на светските првенства меѓу 1999 и 2003 година.

За неа се знае дека еднаш се има појавено и на насловната страница на руското издание на списанието „Вог“.

Потоа, наеднаш, влезе во руската политика – како пратеник на путиновата партија Обединета Русија.

Велат, има гласано против тоа руски сирачиња да може да се усвојуваат од семејства во САД, но и дека е застапник за тоа да се има разбирање за ЛГБТ заедница, што во Русија не поминува, откако самиот претседател остро се спротивстави на тоа.

„Тајно дете со Кабаева“

Како и да е, гласините кои се одржуваат во руската јавност зборуваат дека во 2015 година, таа тајно има родено дете од врската со Путин во една болница во Швајцарија.

Ниту тој, а ниту Кабаева ја имаат потврдено таквата информација.

Никој ја нема ниту демантирано, но кога на нејзината рака, фото репортерите и новинарите имаат забележано бурма, почна да се зборува дека тие двајцата тајно се венчани. Минатата година, одново, се пишуваше за тоа дека Кабаева на Путин му има родено, овој пат, близнаци, но веднаш по тоа, исчезна од јавноста.

Никој веќе и не прашува што се случува со Алина Кабаева, но кога се зборува и пишува за „сите жени на Владимир Владимирович“, таа секогаш се прикажува како најпознатата и најистакната партнерка на рускиот претседател.

Абрамович како „стројник“

А, на списокот на жените со кои (наводно) тој бил близок се споменува и поранешната сопруга на медиумскиот тајкун Руперт Мардок, старлетата Венди Денг.

За нејзината врска со Путин, велат, заслуга имал рускиот милијардер Роман Абрамович кој ги запознал на еден прием.

Потоа, се споменува и 40 години помладата Алиса Харчева, манекенка и поранешна финалистка на изборот за мис на Русија, за која се зборува дека му пратила и подарок на рускиот претседател за неговиот 60-ти роденден, како и новиот личен фотограф на претседателот, младата Јана Лапикова.

Таа е поранешна манекенка (за долна облека) и егзотична танчерка и некои руски медиуми се распишале за „новата врска“ на претседателот со младата фотографка. Морал да интервенира и официјалниот портпарол на Кремљ, Дмитри Песков кој објаснил дека Лапикова била ангажирана„не поради нејзиниот изглед и женственост, туку затоа што е врвен професионалец“.

Шпионки, балерини и оперски пејачки

Во друштвото на „путиновите дами“, медиумите ја имаат ставено и Ана Чапмен, инаку по професија, колешка на Путин од неговите млади денови.

Таа до избувнувањето на шпионската афера со Американците, беше оперативец-разузнавач на ФСБ, која, сепак беше депортирана од САД, заедно со уште десетина т.н. „успиени шпиони“, во една операција како од времето на „Студената војна“.

Атрактивната млада Ана, која наводно, му паднала за око на рускиот претседател, претходно, има дејствувано во Велика Британија, каде и фиктивно се омажила (од таму англиското презиме) и уште побрзо се има разведено.

Сето тоа и било потребно само како покритие за шпионската работа и за да се стекне со британско државјанство, за да може да се префрли во САД.

Конечно, меѓу жените блиски до претседателот на Русија, се споменуваат и една оперска ѕвезда – Ана Нетрепко, се додека не се разбра дека таа е бремена и роди дете од нејзината врска со колега од операта- руски тенор, како и балерината Светлана Захарова.

За неа, пак, се вели дека е членка на Болшој театарот, но и на Советот за култура при претседателот на Руската федерација.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе