Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Трамп во пропагандна прошетка околу болницата!

Трамп во пропагандна прошетка околу болницата!

Американскиот претседател Доналд Трамп (74) кој е болен од Ковид и се лекува во воената болница „Волтер Рид“ во сојузната држава Мериленд, во неделата направил „неочекувана прошетка“ во поширокиот болнички круг.

Прошетката била куса, а тој бил сместен во службен блиндиран автомобил, опкружен од силно и бројно обезбедување. На себе (овој пат) имал маска на лицето, облечен во костум, но без вратоврска, им отпоздравувал на своите политичко-партиски симпатизери кои се собрале пред болницата.

Како што е речено, целта на неочекуваната прошетка била за да ги поздрави своите гласачи. На Твитер, Трамп веднаш напишал „Ова е мало изненадување на големите патриоти на улицата“!

Станува збор за очигледно пропагандна постапка, за да се потврдат неговите изјави дека му е добро, дека брзо ќе се врати на работа (на претседателската функција) и дека ќе се вклучи во предизборната кампања, за изборите на 3 ноември.

Ова е прв пат, колку што се знае, некој заразен од коронавирусот и болен од Ковид, да излезе, па нека биде тоа и во автомобил и за кратко, за да се прошета во политичко-пропагандни цели.

Тоа не го направи, британскиот премиер Борис Џонсон кој иако е 20 години помлад од Трамп, беше сериозно и вистински заболен од корона.

Сега се признава дека шансите за да преживее кај Британецот биле 50:50, а неговиот министер за надворешни работи, минатата недела призна дека во владата мислеле оти го загубиле нивниот премиер!

Ваква прошетка, за јавноста, нема направено нити бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, иако е познат ултра-десничар и популист, додека беше болен од Ковид.

Постапката на Трамп ги засили дилемите околу неговата вистинска здравствена состојба.

Здравствени експерти ги критикуваа лекарите што тоа го дозволиле, квалификувајќи го шетањето на претседателот, во неговата сегашна состојба како „неодговорност, неразумност и глупост“.

Пропагандната прошетка се случи откако Белата куќа соопшти дека состојбата на Трамп пред да се префрли на болничко лекување, била многу потешка отколку што тоа беше првично соопштено.

Урсула фон дер Лајен во самоизолација

Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека е во самоизолација, како превентивна мерка од коронавирусот.

На својата страница на Твитер таа објави дека ваквата мерка била донесена затоа што минатата недела била во контакт со лице кое се покажало дека било заразено од вирусот.

Таа веднаш била тестирана и било утврдено дека е негативна, а тестови ќе бидат направени и во понеделник. Но, дека сепак, ќе остане извесно време во изолација.

Веста за Фон дер Лајен доаѓа откако вториот бран на пандемијата во Европа силно има погодено десетина земји од ЕУ.

Во таа група на земји каде вирусот се има вратено се Франција со над 13 илјади дневно заразени лица, па Шпанија, каде делови од Мадрид се под карантин, како што тоа беше и пролетоска, како и Белгија и Холандија, заедно со земјите од Источна Европа – а, пред се, Чешка и Полска.

Иако не се во ЕУ, висок пораст на заразени (како и починати) се регистрирани и во Русија, каде за прв пат се признава дека ситуацијата е „сериозна“, потоа и во Велика Британија, со дневна заразеност од над 13 илјади лица, иако се вели дека таа е можеби и повисока (!?), како и во земјите од поранешна Југославија и на Балканот, вклучувајќи ги Бугарија, а пред се, Романија.

Кензо почина од последици на Ковид

Прославениот јапонско-француски дизајнер и моден креатор Кензо Такада, починал во Париз, од компликациите предизвикани од коронавирусот и болеста Ковид-19. Имаше 81 година.

На модната сцена Кензо се појави во 1970 година со својата модна линија и веднаш предизвика сензација. Сите негови модели од првата колекција биле веднаш распродадени, а потрошувачите го имаат испразнето во еден ден и сето она што било ставено за продавање во неговиот прв бутик во францускиот главен град.

Модните критичари го имаат наречено неговиот тогашен стил како хаотичен – пред се поради големата мешаница од бои, предизвикано од неговите бројни патувања низ светот. Во Париз изгради модна куќа во 1976 година, а на пазарот понуди и палета од популарни Кензо парфеми.

Нова Каледонија не сака независност

На пацифичкиот архипелаг Нова Каледонија се одржа референдум за тоа дали оваа сегашна француска прекуморска територија да стане целосно независна држава.

Излезноста беше рекордно висока од над 85 отсто, но по втор пат, во рок под две години, населението на архипелагот (270 илјади) гласаа против независноста.

Податоците покажуваат дека 53,3 отсто од гласачите биле земјата да се остане под француска контрола, што е сепак, помала поддршка од онаа на референдумот пред две години, кога 56,5 отсто беа против независноста.

Од 1998 година, Нова Каледонија има добиено широка политичка автономија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе