Азербејџан со ултиматум до Ерменија
Она што во саботата изгледаше како еден од бројните оружени инциденти на азерско-ерменската линија на раздвојување, воспоставен во 1994 година во енклавата Нагорно Карабах, сега веќе наликува на нова азербејџанско-ерменска војна, на која, во овој момент не и се гледа крајот.
Барем според изјавите што доаѓаат од Тбилиси, а посебно од силно воинствениот Баку, од каде се порачува дека (овој пат) ќе се војува до крај – до како што се вели- ослободувањето на Нагорно Карабах и протерувањето на ерменските сили.
Прво, двете страни одбија да почнат преговори за мирно решение на конфликтот, а потоа, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев соопшти дека неговата земја нема да ги прекине воените операции.
„До конечна победа“
„Постои само еден услов за запирање на војувањето – а тоа е целосното и неодложно повлекување на вооружените сили на Ерменија од нашата територија (Нагорно Карабах). Само ако ерменската влада го прифати овој услов, судирите може да престанат. Во спротивно, војната ќе продолжи до нашата конечна победа“ – рекол претседателот Алиев.
За оваа своја позиција, азербејџанските дипломати веќе го известиле ОБСЕ, а преку нив и специјалната група „Минск“, создадена од Русија, Франција и САД, за мирно трага по мирно решение за долгата кризна ситуација под Кавказ, која во војувањата од 1991 до 1994 година однесоа околу 30 илјади загинати војници и цивили.
На некој начин, ваквата ултимативна изјава на Алиев е одговорот на официјален Баку и на повикот на францускиот претседател Емануел Макрон, за итно среќавање на групата „Минск“.
Очигледно е дека Азерите не сакаат да преговараат со Ерменците и не сакаат никакво правење компромиси и трагање такви решенија, туку инсистираат на воено решение за Нагорно Карабах, што го сметаат за составен дел на својата територија, што 30 години, практично, е независна (ерменска) енклава, врз која властите во Баку немаат никаква контрола.
Воинствени изјави на Анкара
Тоа покажува дека воените дејствија ги имаат започнато Азербејџанците, напаѓајќи ги позициите на локалните, ерменски милиции во Нагорно Карабах. Операцијата ја оправдуваат како легитимна, затоа што за нив таа претставува борба за „ослободување на дел од државната територија, што долги години е под ерменска окупација“. Воени експерти уште веруваат дека операцијата била долго и темелно испланирана и дека во таа работа „се гледаат турски прсти“.
Официјален Париз веќе изјави дека загрижуваат однесувањето на Турција и пораките кои доаѓаат од Анкара, за кои Макрон има речено дека се воинствени. Турција, пак, тоа и не го сокрива.
Не само што силно го има наоружено Азербејџан, кој на располагање има тешка артилерија, ракети и хеликоптери, а сега поседува и дронови од турско производство, туку и го поттикнува Баку да истрае во војната, ветувајќи му секаква помош.
Турскиот шеф на дипломатијата Чавушоглу отворено изјави дека доколку Азерите побараат помош, од Турција, секако, ќе ја добијат за да, како што рекол, си ја вратат назад својата територија, заземена од Ерменците. Меѓутоа, во Анкара, се верува дека (засега) турската помош не е потребна.
Поволна меѓународна ситуација?
Првите проценки за војната тргнуваат од тоа дека Азербејџан беше „понижувачки“ поразен во војната со Ерменците во деведесеттите години, веднаш по распадот на СССР, кога го загуби Нагорно Карабах кој 1991 година прогласи независност, па сега бара реванш низ употреба на воена сила, верувајќи дека овој пат е воено помоќен.
Во Баку се настојува со воена победа да се измени ситуацијата на теренот. И за таа цел одлучено е тоа да се направи сега, кога се смета дека меѓународната состојба им оди на рака.
Американците се зафатени со претседателските избори, Европа/ЕУ е зафатена со коронавирусот и со настојувањето како полесно и побрзо да се совладаат економските последици од пандемијата, а Русија има доволно свои внатрешни проблеми, сега и со Белорусија на грбот, додека Кина е далеку и овој регионален судир за еден стар проблем, нема да ја заинтересира.
Воени експерти, пак, сметаат дека Нагорно Карабах е планински регион, тежок за војување и посебно за долго водење воени операции, но со густо населени зони, токму на линијата на раздвојувањето, што би значело многу човечки жртви и мали шанси некоја од завојуваните страни да може да победи.
Закана од регионален конфликт
Тоа, меѓутоа, не ја затвора можноста од претворање на сегашниов воен судир, во поширок, регионален конфликт.
Во таа опасна разврска, покрај веќе завојуваните Азери (муслимани, повеќето од нив шиити од туркменско (турско) потекло) и Ерменците кои се православни христијани, би можело да се вклучат и Турција, пред се, како и Русија, но и некои други во соседството, Иран, на пример, кој веќе порача дека будно ја следи целата ситуација.
Турција е во НАТО, но тоа нема да ја спречи Анкара евентуално да се вклучи во конфликтот, на страната на Азерите, барем според турското однесување во изминатите години, кога таа настојува да се истакне како голем и важен играч во поширокиот регион.
Со години таа гради блиски односи со Азербејџан, откако во 1991 година прва ја призна неговата независност. Од тоа време се и изјавите дека Азерите и Турција, се „една нација во две држави“, како и дека „двете земји делат една, турска култура“.
Турција и Русија
Реџеп Таип Ердоган и сега му дава силна поддршка на Баку, обвинувајќи ги Ерменците за „окупација на дел од азерската територија“.
Во Тбилиси тврдат дека Турците веќе се вклучени во војната, обвинувајќи дека турски воен авион соборил еден ерменски „Сухој“ во ерменскиот воздушен простор, а тука е и стогодишниот ерменско-турски судир околу обвинувањето на Тбилиси за турскиот геноцид врз Ерменците во 1915 година, од страна на војниците на тогашната Отоманска Империја.
Конечно, Анкара ги има прекинато односите со соседна Ерменија уште од 1993 година, од кога ја има затворено и границата, воведувајќи блокада кон соседната ерменска држава, затоа што властите во Тбилиси ги подржуваат Ерменците во Нагорно Карабах, во текот на воените судирања во деведесеттите години на 20 век.
Од друга страна, Русија важи за блиска со Ерменија, каде има една своја база.
Москва ја вооружува ерменската армија и дури им има дадено и анти-ракетен систем С-300, но руската страна одржува добри односи и со Азербејџан, па се тврди дека и таму продава оружје, од како што се вели- чисто комерцијални причини.
„Црвената линија“ на Москва
Во сегашниот судир, забележливо е дека Русија се држи крајно внимателно, иако ја повика Турција да се воздржува и да „не долива масло на огнот што е веќе распален“, туку да се ангажира за мирно решение.
Експерти проценуваат дека Москва и не може повеќе да направи, затоа што за разлика од судирите во Абхазија, Јужна Осетија, во Придњестровје, како и во Украина, кога Русија ги повлекуваше конците, а потоа се јавуваше како помирувач и миротворец, овде во работите околу Нагорно Карабах, таа не е во игра.
Но, аналитичари на московскиот Карнеги институт, сметаат дека евентуалното турско вооружено влегување, на територијата во една поранешна советска република, е работа на која Москва не би гледала незаинтересирано и не би останала мирно- без да реагира.
Според оваа анализа, тоа е таа (руска) „црвена линија“ што до сега не беше ниту еднаш премината, кога станува збор за конфликтот околу Нагорно Карабах.
(С.С.Г.)