Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сите претседатели на Боб Вудворд

Сите претседатели на Боб Вудворд

Во само две години, поранешниот американски новинар-истражувач, а сега писател Боб Вудворд (77) објави две книги за актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Првата во 2018 година, под наслов „Страв“, а втората се појавува пред Американците овие денови, во средината на септември и е заглавена како „Гнев“.

Страв и Гнев

Во првата се опишува појавувањето на Трамп како претседателски кандидат за изборите во 2016 година.

Се открива неверувањето дури и на неговиот поранешен советник за стратегија – ултра-десничарот Стив Бенон дека еден човек како њујоршкиот милијардер, целосен новак во политиката и поранешен поддржувач на демократите, би можел како републиканец да влезе во Белата куќа.

Книгата уште го покажува и начинот на кој Трамп ги повлекува своите потезите, сега како шеф на државата и стравот од тоа каков може да биде ефектот од нив- за Америка и за светот.

Втората книга „Гнев“ пак е направена од серијата разговори што Вудворд ги има направено со претседателот на САД, во Овалниот кабинет во Белата куќа, сите снимени со негова согласност и знаење.

Корона и грипот

Главнината на откритијата што ги носи оваа книга е дека Трамп од почетокот добро знаел за големата закана за САД од смртоносниот коронавирус, дека тој е далеку пострашен од „обичниот“ грип, а сепак, го сокривал тоа од американската јавност.

Минимизирајќи ја заканата и упорно спротивставувајќи се на воведување карантин, или на примена на сите остри мерки за борба со епидемија, како што тоа го правеа во Азија и во Европа.

Јавноста во САД реагираше гневно на сите овие откритија (и признанија) на самиот Трамп, особено кога експертите имаат утврдено дека доколку американската администрација реагирала навреме, би биле спасени 36 илјади човечки животи.

Дисквалификација за авторот

Симпатизерите и поддржувачите на претседателот од крајната десница на Америка, веднаш се нафрлија врз авторот на книгата, онака како што тоа го има направено и самиот Трамп. На тоа се приклучија дури и ултра-десничарите од балканскиот регион кои се „запалени“ трамповци.

Тие бранат се она што тој го прави во САД, исто онака како што ги бранат во своите земји домашните мали популисти, деспоти и приврзаници на авторитарни режими и власти, дисквалификувајќи го политички и идеолошки авторот на книгата- како „навивач“ на демократите и на сегашниот претседателски кандидат Џо Бајден.

Најголемиот дел од овие балканциве, не ни знаат за Вудворд, и сето тоа го прават само како активисти на партиите на Балканот кои мразат вистинска демократија, мразат либерални определувања и над се, сакаат лидери како Лукашенко, Путин или Ердоган.

Дваесет книги

А, Боб Вудворд не е автор кој се пресметува со Трамп и со се она (погрешно) што тој го има направено на домашната и на меѓународната сцена.

Авторот само го открива она што инаку сите го имаат забележано во однесувањето на Вашингтон во изминатите четири години, што влијаеше врз светската политика, а посебно за уредувањето на меѓународните односи – да бидат онакви какви што се сега.

Во секој случај, Вудворд во своите 20 години како писател, по напуштањето на новинарството, има напишано книги за повеќето американски претседатели. Освен овие две книги за Трамп, тој има напишано книги и за Бил Клинтон, за Џорџ Буш и за Барак Обама и во нив авторот не се однесува како навивач- онака како што тоа се мисли на Балканот.

Новинар од кариера

Во новинарството Вудворд е влезен многу млад, веднаш по дипломирањето на Универзитетот Јеил. И веднаш конкурирал во „Вашингтон Пост“ – и во тоа време, а и сега, еден од најугледните американски весници.

Во него тој ќе ја изгради својата кариера и ќе стане познат низ целиот свет, но при првото пријавување ќе биде одбиен. Образложението било дека бил неискусен, дури и за работа во градската рубрика на весникот.

Амбициозниот Вудворд тогаш ќе почне да пишува во еден мал, локален весник, за да стекне новинарско искуство и одново, во 1971 година, ќе конкурира во „Пост“. Овој пат редакцијата ќе го прифати и ќе му додели место во градскиот сектор, за да ги покрива работите и состојбите во американскиот главен град – во Вашингтон.

Аферата „Вотергејт“

Само после една година работа во редакцијата, Вудворд, заедно со колегата Карл Бернстин, од главниот уредник ќе ја добијат задачата- со која и двајцата ќе влезат во историјата на американското, но и на светското новинарство. Она истражувачкото.

А, задачата е да истражат кој и зошто извршил провала во канцеларијата на Демократската партија, сместена во деловно-станбениот комплекс „Вотергејт“ покрај брегот на реката Потомак во Вашингтон. Упадот се случи во екот на предизборната кампања за претседателските избори во 1972 година.

Истрагата што почна како криминална тема, се претвори во најголемата афера во историјата на САД, која прво, покрена истрага во Конгресот по што се покрена постапка за импичмент (отповикување ) на претседателот, а заврши со оставка на претседателот.

Вудворд/Бернстин против Никсон

Аргументите кои низ своите написи ги покрена тандемот Вудворд-Бернстин, како и целата редакција на „Вашингтон Пост“, а и истрагата на разните конгресни комисии, навестуваа дека тогашниот претседател Ричард Никсон ќе биде сменет од функцијата.
Не сакајќи да му се случи тоа, во 1974 година Никсон се определи за оставка.

Наместо да биде првиот претседател кој бил тргнат од Белата куќа на овој начин, Никсон стана првиот претседарел во историјата на САД кој поднесе оставка. Како поранешен шеф на државата можеше да биде изведен и на судење, но неговиот наследник, Џералд Форд веднаш по стапувањето на должноста, го помилува Никсон.

Сето тоа се случи по само три години новинарски стаж и на обајцата. Тие пак, веднаш по тоа, заедно ја напишаа книгата „Сите луѓе на претседателот“ која се појави во 1974 година, предизвикувајќи огромен интерес во Америка и низ светот.

Ароганција во Белата куќа

Две години потоа, Холивуд сними и филм за аферата, користејќи ја книгата и под истиот наслов. Тогаш младите актери Роберт Редфорд (во улогата на Вудворд) и Дастин Хофман (како Бернстин) многу уверливо ја пренесоа атмосферата на времето кога новинарите и новинарството ја поразија политиката.

После аферата и долго потоа, па и сега кога најголемиот број од луѓето не се веќе живи, останува прашањето- зошто Никсон и неговите советници воопшто го направија тоа што го направија- да пратат луге за да провалат во изборниот штаб и канцеларијата на демократите, кога тоа воопшто не им беше потребно.

Никсон беше уверлив фаворит во изборната трка во 1972, пред тогашниот безличен кандидат на демократите, па лесно и без криминалната операција ќе го добиеше својот втор мандат. Тој и онака уверливо победи на изборите, иако по се што имаше направено, не можеше да остане во Белата куќа.

Признанието на Трамп

Истата таа дилема постои и сега, по појавувањето на книгата „Гнев“.

Зошто му било потребно на Доналд Трамп, отворено – on the record – да зборува и практично да признае дека свесно ја манипулирал (лажел) американската јавност околу коронавирусот и ковид. Уште во присуство на својот зет-советник Џаред Кушнер, а по совет на трамповиот близок сенатор Линдзи Греам.

Меѓутоа, некои во САД го критикуваат и Вудворд. Најмногу за тоа дека ги чувал снимените разговори со Трамп за својата книга, никого не информирајќи што му има признаено претседателот.

Одбраната на претседателот

Така има реагирано и самиот Трамп. „Ако беше толку загрижен за луѓето, зашто (Вудворд) не го објави она што му го имам речено – ќе спасеше човечки животи“ – цинично ќе изјави во еден од своите Твитер коментари претседателот.
На ваквите критики, Боб Вудворд, пак, реагирал повикувајќи се на карактерот на самиот претседател.

„За мене најголем проблем беше да утврдам дали се она што ми зборуваше Доналд Трамп е вистина“.

Затоа и се оставил за во неговата книга.

Дел од снимените разговори се појавија сега (прво) во „Вашингтон Пост” и во Си-Ен-Ен, откако книгата е готова, а медиумите објавуваат само делови кои ги избира издавачот.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе