Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Израел го призна Косово веднаш по средбата во Вашингтон

dbajurin/BigStock.com

Израел го призна Косово веднаш по средбата во Вашингтон

Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави во Приштина дека уверувања и неверувања околу тоа дали Косово е признаено од Израел, или не, се апсолутно непотребни, затоа што владата во Ерусалим тоа го има направено уште веднаш по средбата во Вашингтон, во Белата куќа (со претседателот на Република Србија) и по објавувањето за потпишаната спогодба меѓу Приштина и Белград.

„Израел го призна Косово како независна држава само 22 минути по потпишувањето на спогодбата. Било кој да има резерви, или двоумење околу спогодбата, како и за тоа дали таа му носи штета на косовскиот суверенитет, треба да знае дека греши“- рекол Хоти.

Канцеларија со кредибилитет

Според него, спогодбата целосно ќе биде спроведена. Едноставно затоа што е постигната и е потпишана во Овалната канцеларија во Белата куќа (службената канцеларија на претседателот на САД). „Тешко дека има некој друг службен кабинет, со поголем кредибилитет од овој“- изјавил косовскиот премиер.

Ваквата реакција на Хоти доаѓа по острите критики што на негова сметка беа упатени во косовскиот главен град од политичките лидери на опозицијата, како и од поранешниот премиер Рамуш Харадинај кој дури и се заканува со предизвикување владина криза и пад на владата.

Единствен кој отворено ја подржа спогодбата на Приштина и Белград беше се уште актуелниот претседател на Косово, Хашим Тачи кој требаше да биде дел од целиот овој процес, затоа што до сега тој разговараше (преговараше) со претседателот на Република Србија околу финализацијата на косовското прашање.

Белград со свои толкувања

Тие двајцата (многу е веројатно) дека се имаат согласено решението да се бара со „цртање“ нови карти на Балканот и со размена на територија меѓу Косово и Србија, но се повлече од преговорите, откако Судот во Хаг за Косово објави дека се подготвува обвинување за Тачи, за воените судирања пред дваесетина години, меѓу Ослободителната војска на Косово (ОВК) и тогашните српски безбедносни и паравоени сили.

Во меѓувреме, во Белград и понатаму продолжуваат различните толкувања на спогодбата, за тоа што во неа е содржано, како и за тоа дали станува збор за обврзувачки документ, или само за некакво „писмо за намери“.

Тоа посебно се однесува на преселувањето на амбасадата на Република Србија од Тел Авив во Ерусалим, што Израелците го третираат како свој главен град и за израелското признавање на косовската независност.

Советник за надворешни прашања на претседателот Александар Вучиќ, за белградските провладини медиуми инсистира дека сето тоа е работа за која дури сега ќе треба детално да се разговара и преговара. А, што се однесува за селењето на српската амбасада, овој советник рекол дека тоа ќе зависи од одлуката на израелската влада – околу статусот на Косово.

Дипломатски односи

Како сега стојат работите, меѓутоа, излегува дека Авдулах Хоти е во право.

Израел го има признаено Косово како посебна, независна држава. Во петокот вечерта, премиерот Бенјамин Нетанијаху, соопштил дека Израел го признава Косово и дека двете земји одлучиле да воспостават дипломатски односи.Израелскиот весник „Тајмс оф Израел“ сега тврди дека официјален Белград се заканува оти нема да го исполни својот дел од спогодбата од Вашингтон, кога станува збор за преселувањето на амбасадата во Ерусалим.

Според овој весник кој се повикува на „висок функционер“ во Белград чиј идентитет не го открива, српската страна „би можела да прифати некој вид дипломатски односи на Ерусалим и Приштина, но не и признавање на Косово како суверена држава“.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе