Починала од Ковид за време он-лајн настава
Аргентинката Паола де Симон (46), универзитетска професорка од Буенос Ајрес, починала од Ковид во својот стан, додека одржувала он-лајн предавање за своите студенти.
Таа била во карантин, заразена со корона вирусот веќе четири недели и болна од Ковид-19, па бидејќи била во изолација, своите предавања им ги пренесувала на студентите преку видео-линк комуникација.
Последното предавањето се одвивало нормално, додека, наеднаш, професорката не им рекла на студентите дека не се чувствува добро. Веднаш по тоа, нејзините шокирани и исплашени студенти виделе како таа се струполила на подот, без свест.
Проблеми со дишењето
Според локалните медиуми, починала пред воопшто екипата за итна медицинска помош да пристигне за да и помогне.
Прв до неа, сепак, пристигнал нејзиниот сопруг, инаку и самиот лекар, ангажиран околу борбата на Аргентина со коронавирусот и силно раширената пандемија. Подоцна тој изјавил дека единствено што можел да направи било да констатира дека сопругата била мртва.
Нејзините студенти за медиумите во Буенос Ајрес ги опишувале деталите од последните моменти од животот на Де Симон и од нејзиното последно предавање.
Таа прво се пожалила дека има проблеми со дишењето. Кога студентите гледале како се тетерави, барале од неа да им ја даде адресата на станот каде живеела и од каде вршела он-лајн предавања, за да може да повикаат лекарска помош, но не можела повеќе ниту да им одговори.
Смрт од срцев удар?
Од нејзините претходни објаснувања, студентите знаеле дека таа се жалела оти не се чувствува добро, дека има воспалување на белите дробови и дека болеста предолго трае. Не е јасно, меѓутоа, зашто не била во некоја болница, кога веќе била толку долго болна од Ковид, па дури и работела како предавач.
Медицински експерти тврдат дека така, како што се опишува нејзината смрт, малку е веројатно дека починала директно од Ковид, туку дека болеста (најверојатно) предизвикала тешко оштетување на срцето, па Паола де Симон починала од срцев удар.
Аргентина до сега има регистрирано над 500 илјади заразени и заболени лица. Повеќе од 10.500 пациенти се починати.