Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нови оставки во „војната“ на Борисов и Радев

EU2017EE Estonian Presidency, Tallinn Digital Summit Arrivals Boyko Borisov Cropped, CC BY 2.0

Нови оставки во „војната“ на Борисов и Радев

Бугарскиот министер за правда Даниел Кирилов поднесе оставка, по острите критики во делови од бугарската јавност, што ги предводат опозициските социјалисти, како и кругови околу претседателот на државата, околу текстот на новиот Устав на земјата што го подготвува владата, за кој министерот е еден од неговите автори.

Кирилов е петтиот министер во владата на премиерот Бојко Борисов, од јули, кога шефот на државата покрена вистинска „војна“ против премиерот – барајќи тој и целата негова влада да поднесат оставка.

Претседателот Румен Радев кој е на функција од 2016 година, избран со поддршка на бугарската социјалистичка партија, јавно ги повика граѓаните да излезат на улиците за да ја соборот владата, која ја обвинува за корупција, за врски со мафијата и за задушување на слободата на говорот!?

„Уставна козметика“

Од тогаш траат уличните протести на кои се бара оставка на Борисов, а тој настојува да „преживее“ со реконструкции на владиниот состав и со оставките на некои негови министри.

Во секој случај, станува збор за обид на сегашната владина коалиција, што ја предводи неговата десно-центристичка партија ГЕРБ, да остана на власт, до март, следната година, кога треба да се одржат редовните, парламентарни избори.

Во тие настојувања да нема предвремени избори, Борисов го покрена и процесот за менување на политичкиот систем во Бугарија, низ измените на Уставот.

Демонстрантите и критичарите на власта сметаат дека уставните реформи се „само компилација од постоечките одредби, со додадени мали новини“, нарекувајќи го целиот процес “уставна козметика“.

Најчесто се критикува тоа што и во новиот проект недостасува поголема одговорност на државниот обвинител.

А, всушност, од тука, од постапката на државниот обвинител е покренат и жестокиот политички судир на Борисов и на Радев.

Обвинителството има отворено истрага против двајца советници на претседателот кои едно време биле и притворени и при тоа, наложен претрес на кабинетот на шефот на државата.

Претседателски „пуч“?

Веднаш по тоа, Радев ја има започнато кампањата против Борисов, против обвинителството и обвинителот, обвинувајќи ја актуелната влада за корупција и за врска со мафијата.

Бугарија е најмалку развиена земја-членка во ЕУ, во која и натаму постои корупција, но тоа е ситуација која постои уште од времето на социјалистичките влади во Софија. Партијата ГЕРБ врз тие основи ја има освоено и власта, а Борисов тера трет мандат како премиер.

Софиските аналитичари уште од порано навестуваа ваков судир меѓу премиерот кој има зборувано дека кариерата би сакал да ја заврши како бугарски претседател и актуелниот претседател кој не крие дека сака уште еден мандат.

Неговата „војна“ со Борисов, меѓутоа, може да се оквалификува и како претседателски „пуч“. Претседателот на Бугарија нема овластувања да се замеша на овој начин во политиката на земјата, уште силно заземајќи една страна на политичката сцена – онаа на опозицијата.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе