Министер брани топлес
Францускиот министер за внатрешни работи Жерард Дарманин застана во одбрана на топлес сончањето на француските плажи, откако на една медитеранска плажа полицијата побарала од три жени, да ги покријат своите разголени гради.
Полициската интервенција на плажата во француското место Сент Мери ла Мер, уследила по приговорот од едно семејство кое исто така било на плажата. На родителите им пречеле „разголените жени“ за кои сметале дека се непристојни и дека тоа е недопустливо во присуство на нивните деца.
Побарале интервенција од локалната полиција и тие тоа го направиле. Но, на крајот излезе дека – настрадале полицајците, што воопшто интервенирале за една ваква работа.
Нивниот шеф, францускиот министер, ги прекорил јавно, објаснувајќи дека било погрешно што барале од жените да ги стават на себе градниците од костимите за капење, доколку сакаат да останат на плажата и да продолжат да се сончаат.
Во посебно соопштение, локалната полиција го потврдила случајот, прифаќајќи дека била направена грешка со интервенцијата – особено што во Сент Мери ла Мер, не е забрането жените да се сончаат во топлес.
Случајот, меѓутоа, предизвика бурна реакција во Франција. Едни реагирале така што изјавиле дека „им е преку глава од претераната финост и угледност, дури и на плажа“. Други пак прашувале- дали сега е забранет и топлесот.
Во земјата никаде топлес не е забранет, но на локалните власти им е оставено, да може да забранат жените да се сончаат без градник, на некои плажи.
Како и да е, едно истражување открива дека Французинките и не се толку запалени за сончање во топлес, како што тоа било порано. Само 22 отсто од жените изјавиле дека се сончаат без горниот дел од костимот за капење. Во Шпанија тој процент е повеќе од двојно повисок – изнесува 48 отсто, додека во Германија- 34 отсто.