Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Рускиот опозиционер Алексеј Навални – отруен?

Andrys Lukowski/BigStock.com

Рускиот опозиционер Алексеј Навални – отруен?

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални (44) е примен итно на лекување во болницата во градот Омск, во Сибир, откако во текот на авионскиот лет од сибирски Томск, за Москва со кој патувал, нагло му се слошило. Тој паднал во бесознание, па авионот принудно се спуштил на аеродромот во Омск, за да го однесат Навални во болница, на лекување.

Во болницата, тој бил веднаш префрлен во одделението за интензивна нега, без свест и ставен на респиратор. Лекарите потврдиле дека неговата здравствена состојба е „сериозна“ и дека се наоѓа во кома.

Втор обид за труење

Неговиот портпарол Кира Јармиш, која е и претставник за медиумите на Фондацијата за анти-корупција што Навални ја има формирано во 2011 година, изјавила дека „верува оти тој е отруен со некаква супстанца, што му била ставена додека го пиел чајот што го нарачал на аеродромското бифе во Томск“.

Според нејзиното објаснување, тоа било единственото нешто што Навални го има испиено тоа утро, до моментот кога му се слошило во авионот.

Јармиш потсетува дека минатата година, тој има добиено силна алергиска реакција, која според наодите на руските лекари, може да се добие од труење со непозната хемиска супстанца.

„Неговата сегашна состојба е критична, но се наоѓа во стабилна состојба. Труењето е една од можните причини, но може да постојат и други акутни состојби кои имаат исти клинички знакови како и при труење“- рекол доктрот од болницата во Омск, Анатолиј Каниченко.

Лекарот навестил дека ќе ги очекуваат лабораториските наоди, но до правењето на овој текст, нив ги нема, па се уште не се знае што е причината овој руски опозициски политичар, наеднаш, да падне во бесознание и потоа во кома.

„Странска агентура“

Алексеј Навални е правник по професија, но во Русија и во меѓународната јавност тој е познат по тоа што повеќе од една деценија води битка со корупцијата во неговата земја, за која тврди дека е поттикнувана и поддржувана од власта. Во светот важи и како најгласниот критичар на политиката на претседателот Владимир Путин.

Досега е десетина пати апсен и осудуван на затворски казни, најчесто затоа што организира протести против Кремљ, за кои го обвинуваат дека немале формална дозвола од руските власти. Европскиот суд за човекови права пресуди минатата година дека сите апсења и пресуди против него, биле политички мотивирани.

Власта во Русија на тоа реагираше така што неговата Фондација ја прогласи за „странска агентура“!?

Сегашната ситуација и сомневањата дека Навални е отруен, предизвикаа бурна реакција во европската јавност и во ЕУ, затоа што овој инцидент потсетува на слични такви кои се случија со руски дисиденти и противници на Путин и на неговата власт, во изминатите години.

Литвиненко и Немцов

Во 2006 година, во Лондон беше брутално убиен Александар Литвиненко, откако во кафулето на лондонскиот хотел „Милениум“ има испиено шоља со чај, заедно со своите поранешни колеги од КГБ. Никој од нив ништо не им се случи, но Литвиненко умре по две недели во тешки маки, отруен со радиоактивен изотоп, ставен претходно во чајот. Тој нагло падна болен откако се вратил дома.

Во среде Москва, во близината на ѕидините на Кремљ, беше ликвидиран и Борис Немцов, додека се шетал со својата девојка- Украинка, со два истрела од зад грб, во главата.

И во двата случаи никој не беа ниту барани, а ниту откриени нарачателите на убиствата, а Немцов не беше било кој – во времето на руската транзиција тој беше заменик премиер на Русија, кога претседател на земјата беше Борис Елцин.

Пред две години, во еден ваков инцидент, беше нападнат со цел да биде убиен и поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал, во својот дом во англискиот град Солзбери. Беше употребен нервниот отровен агенс – новичок – ставен во шише од позната марка на женски парфем, но тој успеа да го преживее нападот.

Ризична политичка активност

Веста за наглото разболување на Навални, предизвика реакција на германскиот канцелар Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон, кои побараа детална истрага за случајот.

Двајцата европски политички лидери, на нивната заедничка средба во Франција, во четвртокот, ја подржаа иницијативата на една германска НВО, рускиот опозициски политичар да биде префрлен на лекување во Германија.

„Секој кој се занимава со опозициска активност во Русија, секогаш ризикува да биде уапсен или убиен“ – има еднаш изјавено Навални.

Во јуни годинава тој остро се спротивстави на уставните реформи на претседателот Путин и на референдумот за нивното усвојување. Според Навални тоа беше обичен „пуч“ и „насилство врз Уставот „на Русија.

Со реформите кои лесно минаа на референдумот, на Владимир Путин му се овозможува да владее со земјата до 2036 година.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе