Лукашенко: Ниту мртов не ја давам Белорусија!
Белоруската опозиција на една страна и власта на друга, во еден ист ден, одржаа секој за себе, свое собирање на народот во главниот град Минск, опозиционерите на протестен митинг што продолжи како марш, додека власта на брзина организира контра митинг.
Сето тоа, само ја покажува целата тежина и сложеност на сегашната ситуација во Белорусија и ја открива длабоката поделеност во оваа поранешна советска република, за што досега многу малку се знаеше.
На митингот на опозицијата, се собрала маса од над стотина илјада луѓе, велат, како никогаш досега во оваа затворена и изолирана земја, која важи за најблискиот и најлојалниот сојузник на Русија.
Антирежимски марш
На контра митингот на кој, за прв пат по изборите од минатата недела, во јавноста се има појавено и „вечниот“ претседател Александар Лукашенко, според владиниот портпарол имало 65 илјади луѓе.
Извештаи од белорускиот главен град, меѓутоа, велат дека таа бројка е „секако претерана“ и откриваат дека власта на сила, со закана дека ќе бидат истерани од работа, биле доведени вработените во јавниот сектор, што инаку е вообичаена техника на сите режими и на деспотски владетели, каде и да се наоѓаат.
На опозицискиот протест и на маршот, наречен „Национален марш на слободата“ Белорусите одново бараа промена. Бараа Лукашенко да си замине од власта на која се наоѓа 26 години, деспотски управувајќи со државата, со која и натаму сака да владее.
„Сакаме и во Белорусија да се цени човечкиот живот. Сегашниот режим само ја влошува целата ситуација“ – е пораката на огромната маса демонстранти.
Обединување на опозицијата
Опозицијата во земјата која со години на ред ја немаше, слаба и над се, разединета по низа прашања, изгледа дека конечно се обединува.
Разните струи и партии, увидоа дека не може поинаку да се справи со режимот на еден човек кој на претседателската функција е уште од 1994 година, освен да се соберат и заеднички да притискаат тој да се тргне од власта.
Тоа го прават во услови кога поради долгото непостоење на вистинска опозициска сила, која на луѓето ќе им понуди и друга алтернатива за земјата, но која ќе обезбеди и демократија, почитување на човековите права, слобода и независни медиуми и институции на власта, практично, се без вистински лидер.
Младата и политички неискусна Светлана Тихановскаја, чиј сопруг е во затвор, само затоа што се пријавил за кандидат за претседателските избори, против Лукашенко, ја презеде улогата на противкандидат на деспотот на изборите од пред седум дена, претворајќи се наеднаш и во обединител на целата опозиција.
Но, таа мораше да побегне од земјата во соседна Литванија, стравувајќи за безбедноста на своите деца и за својата лична безбедност.
Барање за нови избори
Врз неа, во текот на предизборната кампања, режимот има вршено силен притисок да се откаже од намерата да му се спротивстави на Лукашенко, кога таа тоа не го стори, режимот ги режираше изборите (во нивната регуларност се сомневаше од почетокот) – одредувајќи дека актуелниот шеф на државата добил 80 отсто од гласовите, а Тихановскаја само 10.
Таа и целата опозиција веднаш го отфрлија таквиот изборен резултат, тврдејќи дека изборите се фалсификувани.
Тоа беше сигнал, за прв пат целата низа наместени избори, луѓето а се охрабрат и да излезат на протести, Режимот реагираше брутално, апсејќи го речиси целиот изборен штаб на Тихановскаја, по што таа ја напушти Белорусија.
Гледајќи што се случува на улиците на Минск, таа од Литванија прво побара луѓето да не излегуваат повеќе на протести, за да не страдаат и за да не дојде до поголем број жртви.
Пред неделниот митинг, меѓутоа, таа се огласи со нов повик – барајќи нови претседателски избори – под меѓународна, независна контрола.
На контра-митингот, Лукашено и одговори дека „нема теорија да се гласа уште еднаш“, порачувајќи им на целата опозиција и на неговите политички противници дека „не може да има фалсификат кога народот гласал за него„ за неговиот шести едно, по друго претседателски мандат.
Лукашенко на колена
Во тие моменти, тој театрално, паднал на коленици, изразувајќи им ја благодарноста на Белорусите за нивната поддршка, ветувајќи им дека и „натаму целосно ќе им биде посветен на Белорусија и на нејзините луѓе, работејќи за нивното добро“.
Во своето обраќање, меѓутоа, Лукашенко порачал и дека не му паѓа на памет да се повлече од функцијата и да замине од власта, како што тоа го бара опозицијата.
„Ниту мртов не ја давам Белорусија“- рекол вечниот претседател, предупредувајќи ги Белорусите дека земјата ќе пропаднела доколку се прифати да има нови претседателски избори.
Тој рекол дека не му се потребни странски посредници за да да се разреши сегашната политичка криза, што, секако, е алузија на случувањата во Украина, во 2013 и 2014 година, кога во тамошната криза посредуваа ЕУ и САД.
Но, уште пред контра-митингот тој имал итна средба со воениот врв на земјата, каде рекол дека врз Белорусија се „врши агресија од надвор“, што е уште едно врзување за украинските случувања.
Во Киев пред шест години, проруската власт ја користеше истата терминологија, но тоа е и терминологија на секој деспот и на секој режим, кога ќе се соочат со гневот на народот.
Путин ветува помош
И како последен аргумент за да порачува дека „не ја даваме нашата земја“ Лукашенко признал дека имал разговори со рускиот претседател Владимир Путин од кого добил гаранции дека Русија ќе помогнела доколку за тоа биде потребно.
Како и на кој начин, не се знае. Познато е само она што е официјално порачано од Кремљ – дека Москва не се меша во внатрешните работи на Белорусија и невообичаено смирената изјава на Путин дека тој очекува ситуацијата во соседната држава – многу брзо и мирно да се разреши.
Од 9 август, за прв пат, Белорусија е на нозе. Некои домашни и странски аналитичари сметаат дека земјата е на патот да биде нова Украина, а плоштадот во Минск да стане она што беше киевски Мајдан. Но, има и резерви за ваквата разврска на кризата.
Белорусија како Украина?
Прво, меѓународната ситуација сега е различна- како во Европа/ЕУ, а посебно во САД, со тамошната непредвидлива администрација и со претседател каков што е Доналд Трамп, уште и на 2,5 месеци пред, за него, крајно неизвесните избори.
Од друга страна, положбата на Украина и на Белорусија е сосема различна.
Додека Киев бараше врски со ЕУ, па дури и со НАТО, што ја натера Москва на паника, Минск нема такви амбиции.
Нема ниту од опозицијата, барем нема засега. Двете земји се зависни од гасот и нафтата од Русија, која им ја испорачува по пониски, повластени цени, за да и бидат лојални, но, стратешки, украинската позиција беше и се уште е, многу посилна од онаа на Белорусија, која е опкружена освен од Русија и од Балтичките држави, од Полска и од Украина.
„Мојот постар брат“
Руски аналитичари веруваат дека картите на гео-стратешката табла се веќе разместени (Балтикот и Полска се веќе во НАТО), Украина е во ситуација да тешко може и натаму да ги има тие амбиции, па затоа Русија, овој пат, е помирна.
Лукашенко отвори кавга (?) со Путин, кога Минск одби да дозволи изградба на три руски бази на белоруска територија, а особено откако Москва почна да бара нова спогодба со Белорусија за „поцврсто поврзување на двете земји“.
Тогаш Лукашенко изјавуваше дека „не ја дава земјата“ и дури обвинуваше дека Москва бара од него Белорусија да се „претопи во Русија“, што руската страна го отфрли, инсистирајќи дека станува збор само за економско поврзување.
Белоруската опозиција, таква каква е, тогаш остана по страна- не покажувајќи никакви антируски изливи, за разлика од онаа во Украина во зимата во 2014 година.
Сега, меѓутоа, Александар Лукашенко (65) го фали Владимир Путин (68) нарекувајќи го – „мојот постар брат“.
(С.Г.)