Бил Гејтс: Ме обвинуваат дека заработувам на човечки животи!?
Бил Гејтс, коосновач на „Мајкрософт“, американски милијардер и филантроп, во ова време на глобална пандемија со коронавирусот, во исто време, стана и херој, но и „убиец-заговорник“ кој наводно се обидува да заработува пари од вакцината против вирусот што продолжува да се шири низ светот и да убива.
„Спасувам животи, а мене ме обвинуваат дека заработувам, одземајќи човечки животи“ изјавил Бил Гејтс за американскиот „Блумберг“.
Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ има одделено 350 милиони долари за борбата со вирусот и со Ковид и има определено пари за производство на вакцина за компаниите „Астра-Зенека“, за „Џонсон и Џонсон“, како и за „Новавакс“.
Измислени обвинувања од антиваксерите
Меѓутоа, токму во ова време, Гејтс кој и досега има одделено милијарди долари за здравјето на луѓето, остро беше напаѓан и обвинуван од АНТИВАКСЕРИТЕ, од оние кои постојано измислуваат теории за некаков заговор, но и од политичката ултра-десница и конзервативните кругови во САД и низ светот, дека тој го има ПОДМЕТНАТО вирусот, што инаку ни дојде од кинески Вухан, за да може да прави уште повеќе пари!?
„Антиваксерите војуваат против мене затоа што знаат дека сум вклучен во истражувањето за побрзо откривање вакцина. Тогаш, немајќи ништо друго, ја извртуваат целата работа. Па, така, наместо што давам пари за спасување на луѓето, излегува дека заработувам на одземање човечки животи“- вели Бил Гејтс.
Во разговорот за „Блумберг“ тој рекол дека верува оти најголемиот дел од светската јавност, од луѓето, сепак, имаат разбрано дека сето ова се само измислици и приказни за некаков заговор, како и дека на крајот светот ќе успее да го победи вирусот.
Кога станува збор за вакцината против корона, Гејтс се надева дека до крајот на оваа година би можело да се појави вакцина, иако тој се сомнева дека таа ќе биде доволно ефикасна, како што би требало да биде – за да ја совлада болеста и да го запре ширењето на заразата.
Но, верува дека во 2021 година, неколку вакцини ќе бидат подготвени.
Победа над вирусот во 2021 година
Бил Гејтс се согласува дека антиваксерите создаваат проблеми, ширејќи ја пропагандата против вакцинирањето.
„Од 2016 година, на два пати бев во Белата куќа и ми рекоа дека би требало да ги послушам антиваксерите. Тоа е навистина иронично. Тие така зборуваат, а треба само да ги прашаме – па, како тогаш да излеземе, сите, од оваа пандемија“ – вели Гејтс.
Според неговото мислење, вакцинирањето треба да биде задолжително, но само за лицата кои работат во домови за стари лица и за оние кои се во постојан контакт со нив.
Гејтс верува дека иновациите во терапијата ќе почнат да ја намалуваат смртноста.
Тој, меѓутоа, смета дека вистинскиот крај на пандемијата и на вирусот ќе настапи со ширењето на природните инфекции и со вакцината кои заедно ќе овозможат колективен имунитет на населението.
„Кај богатите држави тоа би можело да се случи порано во идната година, а кај сите другите до крајот на 2021 година“ – изјавил Бил Гејтс.