Американците од Германија се селат во Полска
САД и Полска потпишаа во Варшава спогодба со која се овозможува префрлање (на дел) од американските војници од Германија каде сега се стационирани, на територијата на Полска.
Спогодбата ја потпишаа американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој една недела беше на турнеја низ неколку држави на Источна и Централна Европа, како и полскиот министер за одбрана Маријуш Блашчак.
Официјален Вашингтон соопшти дека спогодбата е резултат на неколку месечни преговори.
Засилување на воената соработка
„Спогодбата ќе ја засили нашата (американско-полска) воена соработка и ќе го зголеми военото присуство на САД во Полска, за натамошно зајакнување на НАТО алијансата, за унапредување на европската безбедност, но и како помош во обезбедувањето на демократијата, слободата и суверенитетот“ – се вели во американското соопштение.
Со оваа спогодба им се овозможува на американските воени сили да имаат пристап до дополнителните полски воени објекти, за нивно јакнење и натамошно модернизирање.
Тоа во основа значи дека на некој начин, двете страни ќе ги делат логистичките и инфраструктурните трошоци, врзани за зголеменото присуство на американската армија во Полска.
Американско-полската спогодба се однесува и на други аспекти на соработката меѓу Полска и САД, како што се тоа инвестициите и трговијата.
Полскиот претседател Анджеј Дуда го поздрави потпишувањето на овој документ.
„Поблиску до изворот“
„Спогодбата е гаранција дека во случај на опасност, нашите (американските и полските ) војници ќе бидат раме до раме и ќе ја зајакнат нашата (полската) безбедност, како и безбедноста на другите држави во овој дел од Европа“ – има речено претседателот Дуда.
Полскиот министер за надворешни работи, Јацек Чапутович, пак, изјавил дека „присуството на американските војници го јакнат нашиот (полскиот) потенцијал за одвраќање, затоа што сега ќе бидат поблиску до можниот извор на судир. Затоа, е важно што американските војници сега ќе бидат распоредени на полската територија, а нема да бидат во Германија“.
Претходно, претседателот на САД Доналд Трамп, во својот познат стил, продлабочувајќи го судирот што го има наметнато со Германија, а посебно со канцеларот Ангела Меркел, набрзина објави дека ќе ги повлече Американците од германската територија, каде се наоѓаат уште од крајот на Втората светска војна.
Казнување на Германија
Тој и не крие дека станува збор за казнување на Германија за нејзиното спротивставување на низа надворешно-политички потези на актуелната администрација во Вашингтон, што Трамп, како многу пати досега во изминатите, без малку, четири години, ги прима мошне лично и на нив исто така реагира.
Подоцна изјавуваше дека време е Американците да се вратат дома, наместо што трошат големи пари по германските градови кои од тоа се имаат збогатено, а за возврат САД не го добиваат она што го бараат.
По тоа уследи соопштение на Пентагон дека САД повлекуваат 12 илјади свои војници од Европа, но дека ќе остават 650о свои сили кои наместо во Германија ќе бидат разместени на територијата на други држави.
Беа споменати Белгија и Италија, а од тој контингент, околу една илјада Американци би се стационирале на територијата на Полска.
Полска прва се понуди
Владата во Варшава беше првата од земјите на НАТО која им ја понуди полската територија на Американците, по изјавата на Трамп дека се напушта Германија.
Во Полска и досега имаше 4500 американски војници кои се таму по руската интервенција врз Украина и анексијата на Крим. Полската влада и сега смета дека Русија е сериозна закана за нејзината безбедност и бараше и доби поддршка и помош од НАТО и од западните сојузници.
Полска и Русија имаат традиционално затегнати односи, исполнети со недоверба на Полјаците кон Москва, што потекнува од случувањата во разни епохи од подалечното и поблиското минато.
На почетокот од Втората светска војна, советските трупи ја окупираа Источна Полска, врз основа на договорот што тогашен СССР го направи со нацистичка Германија која го окупира западниот дел од земјата. Десетици илјади полски воени заробеници беа одведени во логори во Сибир, или стрелани на разни локации.
Една таква локација е Катинската шума, каде се егзекутирани неколку илјади полски офицери.
(В.П.)