Корона: втор бран среде лето?
Италијанските градови, овие денови, се одново во тревога. Овој пат поради големите горештини што ова лето зафатија делови од југот на Европа и на континентот, а не од коронавирусот кој во оваа земја се задржа најдолго на почетокот од првиот бран од пандемијата, предизвикувајќи смрт на повеќе од 35 илјади лица.
А, тогаш, кога италијанските лекари и владата во Рим се бореа со кинескиот вирус, а другиот дел од Европа и од светот, не размислуваше премногу сериозно за тоа – што е она што го имаат испорачано Кинезите од Вухан, епидемиолозите и вирусолозите уверуваа дека ќе треба да се издржи до летото и до првите летни горештини.
Нивното мислење беше дека во таквите услови, вирусот ќе исчезне, или барем ќе се потисне – до есен и до сезоната на грипови.
На крајот од јули и на почетокот од август од летото 2020 пандемијата, барем во Италија, па генерално и во Европа, изгледа како да е потисната, но никој веќе не тврди дека тоа е заслуга на летните горештини, а уште помалку дека короната и Ковид-19 се победени.
Епидемиолозите поделени
Вирусот, за жал и натаму е присутен – повеќе или помалку – насекаде на европскиот континент, од северот на Европа, се до југот, до Балканот.
Бројот на заразените и натаму постојано се „освежува“ со нови лица, а најстрашниот вирус на континентот, по 1918 година, продолжува да зема „данок во крв“ – со нови жртви.
Експертите се поделени околу тоа што сега ни се случува. Дали станува збор за оддолжување на пандемијата, над сите очекувања, или пак во прашање е ВТОРИОТ БРАН на коронавирусот – што некои епидемиолози го најавуваа од поодамна.
На оваа дилема во моментот изгледа никој нема прецизен одговор. Ако, пак, се прифати дека станува збор за втор бран, прашањето е – што го покрена.
Овој пат тоа не се Кинезите, нивните валкани пазари на кои се нуди и продава и свежа храна и жив добиток и диви животни, а ниту нивните тајни лабораториски истражувања, со мешање на вирусите.
Едни мислат дека сегашниот налет на вирусот, иако во ослабнат обем, е последица на наглото олеснување на мерките за заштита и на карантинот кои претходно помогнаа пандемијата да се стави под некаква контрола, таму каде вакви мерки беа воведени.
Други веруваат дека е последица на недисциплината и на неодговорниот однос на поединци и на цели заедници – етнички, или верски – кон воведениот ред и мерките на дисциплина во услови на пандемија.
Вината, сепак, е кај луѓето
Европската ултра – десница одлучи да ја користи ваквата криза. Всушност, продолжувањето на санитарно – епидемиолошките мерки ги употребува за критики кон владите во некои од земјите во ЕУ, како во Германија, на пример.
Во основа, меѓутоа, собирањето по улиците се користи за промовирање на нивната мрачна идеологија.
А, тоа значи – на национализмот и нео-нацизмот, како и на ксенофобијата и анти-исламизмот.
Здравствените експерти, од своја страна, прифаќаат дека мораше да има релаксација на претходно воведената изолација на луѓето, за заживувањето на економијата и одбегнувањето на економски колапс.
Одговорноста за ова што се нарекува втор бран, затоа, ја префрлаат, пред се, кај луѓето.
Станува збор за оние кои не почитуваат ни минимални мерки за заштита и претпазливост која би требало да ја има и во време на т.н. сезонски грипови, а тоа е носењето заштитни маски (главно во затворени простори) и дистанцирањето на 1,5 до два метри оддалеченост.
Но, најмногу од се, тоа е непочитувањето на препораката за несобирање на повеќе луѓе на едно место. Во кафулиња, ноќни клубови и ресторани. Во продавници и на стадиони и спортски сали.
Посебно не на домашни забави и дружења, на младешки журки, како и на верски и религиозни празници и прослави, сокривајќи се од здравствените власти, лажејќи ги за тоа каде и со кого биле на некој ваков настан.
Исламски верски чествувања
Експертите сметаат дека токму таквото однесување – неодговорно кон себе и опасно за пошироката заедница, го има покренато вториот бран.
Во Германија пандемијата одново се распали, со доаѓањето на сезонски работници од странство, главно од Истокот, изгледа без некое потемелно проверување, во широк обем па во некои мали места се вратија карантинот, а некаде и полицискиот час.
Таквата ситуација, потоа се повтори и за време на исламските празници ова лето и адетот на муслиманските верници да се собираат во големи толпи. Можеби беше почитувана забраната да не собираат по џамиите и верските објекти, но не и да не се оди по домовите – за честитање и заедничко празнување.
Тоа пак не значи, дека сета вина сега треба да се префрли врз етничките и врз верските заедници на доселениците во земјите од Западот на Европа. Особено што короната се врати и таму каде нема вакви побројни заедници, или каде тие биле подисциплирани.
Лекарите и локалните власти најмногу обвинуваат за нешто друго – тоа е одбивањето на луѓето да се тестираат. Или што е уште полошо – сокривајќи ја својата здравствена состојба, не одејќи веднаш на лекар кога ќе почувствуваат дека не им е добро, или кога веќе ги имаат симптомите што може да навестат коронавирус.
Балканот сериозно погоден
Стигматизацијата и сокривањето на вистината е присутна насекаде – од САД и Латинска Америка, до Африка и Азија, на крајниот Исток.
Ја има низ западните држави и на Балканот, посебно. Во нашиот регион – и христијаните и муслиманите, и верниците и атеистите – не се придржуваа (а тоа го прават и сега) до крај на заштитните мерки.
Наместо да се држат за препораките, се почна со обвинувања за тоа кој е повеќе виновен. А, тоа го искористија националистите од двете страни, за да замешаат политика – колку да собираат поени од пандемијата.
Во Република Северна Македонија, пандемијата е под контрола, но се уште има новозаразени. Велат – 70 отсто од заразените доаѓаат од муслимански средини и сето тоа се врзува за поминатите празнувања.
Во Република Србија состојбата подолго време е далеку потешка. До тоа дојде откако властите пред крајот на јуни прогласија дека ја победиле короната, а сегашната слика во оваа земја, изгледа поразувачка – со 300 – 400 новозаразени и по десетина мртви – секој ден.
И Црногорците и Словенците прогласија дека се Corona Free држави, па сега регистрираат и смртни случаи.
Хрватска која е силно зависна од туристичката економија, како и Грција признаваат – и едната и другата – дека короната се вратила и дека има и смртни случаи, иако во далеку помал обем од оној, српскиот, или од оној во БиХ. Сето тоа доколку податоците што ги прикажуваат не се правени за да не ги исплашат туристите.
Британците се спремаат за трет бран
Шпанија, на пример, стравува дека со новозарзените 1500 пациенти, во еден ден, може да ги загуби туристите кои се упатија кон оваа земја, не размислувајќи многу за тоа дека делови од Каталонија, па и во самата Барселона, како и Галиција и Астурија, се одново под карантин.
Британија која поради погрешната политика на стартот има регистрирано 305 илјади заразени и над 46 илјади починати пациенти, верува дека Европа е веќе во вториот бран, па тамошните власти се подготвуваат за третиот „удар“ на вирусот што некои британски експерти (како и владата) сметаат дека е неизбежен.
Владата во Лондон набрзина ги повлече сите свои туристи од Шпанија, а како мерки за заштита, освен маските и физичкото дистанцирање на луѓето, се заговара – луѓето меѓу 50 и 70 години, да останат дома, како и затворање на пабовите, за да може да работат на есен, од септември – училиштата!
Во Мелбурн, во Австралија, каде сега е зима, меѓутоа, не размислуваат за тоа. Тие во овие недели се како во Италија, рано пролетоска.
Мелбурн затворен град
Овој град, посебно, е силно погоден од вториот бран на вирусот, а ситуацијата никако не успеваат да ја стават под контрола. Само во десетина денови има над девет илјади новозаразени, далеку повеќе отколку во време на првиот бран, за кој се мислеше дека во оваа голема земја – континент не може да се повтори.
Известувачот на Скопје/Глобал од сојузната држава Викторија и од Мелбурн кој е втор по големина австралиски град вели дека градот делува празно и пусто, поради итно воведените ригорозни мерки за заштита. На сите влезови во градот се поставени големи светлечки натписи на кои стои запишано – Одете право дома и останете таму, во изолација!
Мерките кои ги применува локалната и федералната влада, според Австралијанците се „без преседан“ во овдешната пракса.
Никогаш во оваа земја немало вакви рестрикции. Во јавноста се стравува дека поради тоа би можело да се појави и недостиг на храна, а посебно на месо.
Воведениот карантин, како и полицискиот час, ќе присилат околу еден милион работници да останат дома, што ќе се одрази врз производството и врз снабдувањето.
Полициски час – шест недели
Во Мелбурн се затворени продавниците, фабриките и сите други бизниси кои се сметаат дека не се неопходни. Град од пет милиони жители, ноќе (меѓу 20 и 05 часот наутро) живее во услови на полициски час. И така ќе биде во следните шест недели.
Единственото оправдано излегување од дома ќе биде за здравствените работници и за оние кои пружаат нега по домовите. Владата ќе им подели плата на вработените што ќе бидат дома, следните 14 денови, но се смета дека тоа е мала и крајно неопходна издршка која не може долго да трае. Претходно, делови од градот се во карантин од 9 јули.
Дозволено е само едно лице од едно домаќинство да може да оди во продавница, за да пазари за целото семејство.
Австралијанците од Викторија и нејзиниот главен град се во состојба на шок.
Федералниот премиер Скот Морисон порачува – нема друго – ќе мора да се издржи за да се совлада и вториот бран од коронавирусот.
Во Австралија се убедени дека тие се сега на ударот на тој бран на пандемијата.
Сервис – Скопје/Глобал