Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Синот Џејмс против таткото Руперт Мардок

Leonard Zhukovsky/BigStock.com

Синот Џејмс против таткото Руперт Мардок

Џејмс Мардок, помлад син на медиумскиот магнат Руперт Мардок, соопшти дека ја напушта компанијата на својот татко.

Во соопштението се вели дека синот поднесува оставка на членството во Управниот одбор во Њуз Корпорејшн, една од најголемите и најмоќните медиумски компании во светот, објаснувајќи ја својата постапка со своето „несогласување со уредувачка содржина“ на изданијата на компанијата.

Освен тоа, Џејмс не сокрива дека не се согласува ниту со некои од, како што вели, стратешките одлуки направени од компанијата, или што ќе рече, со одлуките на неговиот татко.

Ваквото решение на синот Мардок колку да делува изненадувачки за пошироката јавност, особено што сите внатрешни и семејни несогласувања, досега беа успешно сокривани, за познавачи на состојбите во компанијата и во семејството, тоа не е така.

Џејмс за Џо Бајден

Медиумите во САД и во Европа, на пример, потсетуваат дека синот уште од порано има критикувано некои од изданијата на Њуз Корпорејшн, меѓу кои и угледниот њујоршки весник Вол Стрит Џорнал, за тоа како овој весник го има покривано прашањето за глобалните климатски промени.

Меѓутоа, несогласувањата меѓу синот Џејмс и таткото Руперт имаат и подлабока и тоа политичка заднина.

Додека основачот на компанијата, Руперт Мардок отворено го подржува американскиот претседател Доналд Трамп, синот Џејмс има дадено стотици илјади долари поддршка за кампањата на Џо Бајден, демократски противкандидат на републиканецот Трамп, за претседателските избори во ноември оваа година.

По повлекувањето на помладиот син, се очекува во Управниот одбор и во компанијата да се засили улогата на постариот син, Лаклан Мардок кој и сега е потпретседател на Њуз Корпорејшн. За него се вели дека целосно ги дели погледите на таткото, како политички, така и за функционирањето на компанијата.

Руперт Мардок не го коментираше потегот на својот син Џејмс, освен што беше издадено  едно студено, службено соопштение во кое таткото (заедно со Лаклан) му се заблагодаруваат за досегашната работа на помладиот син и брат.

Критикувани сопствените весници

Компанијата Њуз Корпорејшн поседува, или има под своја контрола на стотици весници и електронски медиуми низ светот.

Во Британија, на пример, меѓу другите, Мардок ги поседува Тајмс, неделникот Сандеј Тајмс, како и таблоидот Сан,  најтиражниот весник во Обединетото кралство.

Во Австралија, пак, од каде потекнува таткото Руперт и од каде е почната изградбата на неговата медиумска империја – тој ги поседува весниците Аустралиан, Дејли Телеграф, како и Хералд Сан.

Нема засега детали за тоа како тргнало несогласувањето на синот и таткото, за да разврската се најде во целосното повлекување на Џејмс Мардок, но претпоставка е дека кризата во односите настанала околу катастрофалните пожари што ја зафатија Австралија, минатата година.

Тогаш Џејмс и неговата сопруга јавно, во изјава за еден интернет весник, имаат изразено згрозување (!) за тоа како весниците на Њуз Корпорејшн известуваат за пожарите кои имаат опустошено цели подрачја во оваа земја-континент.

Разидување за климатските промени

Недоразбирањето, всушност, е околу климатските промени и за тоа дали воопшто и колку тие влијаеле за катастрофалните пожари кои неколку месеци не можеа да се совладаат.

Австралиските весници (во сопственост на мардоковата компанија), целосно го имаат минимизирано ефектот на промените во климата врз ланската сезона на пожари која беше прогласена како катастрофална, како ретко кога до сега.

Така размислува и нивниот газда- Руперт Мардок. Тој на неколкупати има изјавено дека е голем скептик во врска со климатските промени и дека повеќе верува оти станува збор за „човечкиот фактор“, односно дека пожарите биле намерно подметнати.

Џејмс Мардок е роден во Лондон, во 1972 година, како трето дете на Руперт, од неговиот брак со Ана Торв. Од тој брак се и ќерката Елизабет и синот Лаклан.

Досега, формално, Џејмс беше извршен директор на „21 Сенчери Фокс“, пред компанијата Дизни да откупи најголем дел од нејзините средства.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе