Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Кога крадецот вреска – држете го крадецот!

digitalista/BigStock.com

Кога крадецот вреска – држете го крадецот!

Изборите завршија. Корона вирусот ги измени предизборниот амбиент и воведе здравствени протоколи во изборниот процес, но сепак, не успеа да го смени пристапот на македонските партии.

ВМРО-ДПМНЕ, на пример, која се најде во позиција на опозиција, наместо да им се извини на граѓаните за сето лошо што им го направи и ним и на државата, да се реформира, кадровски да се обнови, идеолошки да се профилира и организира – од партија со воена организација, да се трансформира и граѓански да се релаксира, продолжи по старо – како ништо да не било.

По многу нешта претставува единствена – уникатна партија, но не во позитивна смисла, затоа и наликува на некој вид антиполитичка партија, политичка секта која дејствува исклучиво макијавелистички – (партиски), за тоа дека целта ги оправдува средствата.

А, таа цел е – власт, моќ, криминал, лично и партиско богатење, општествени статусни привилегии, неказнивост и блокирање на владеењето на правото.

Пуч на заминување

Остана единствена партија што зароби држава (потврдено во документ на ЕУ).

Во тој период направи такви закони кои и овозможија нејзините инсталации, со партиски војници во институциите, администрацијата и најмногу во судството и полицијата, да ги опструираат и саботираат политиките и проектите на новата проевропска и реформска власт.

Или, да води свои автономни политики, командувани од „Белата барокна шампита“ (за што виновна е и власта).

Тоа е единствена партија во светот, која шест месеци по изборите не сакаше да ја предаде власта на оние што имаа создадено парламентарно мнозинство да формираат влада. А, како последен обид да остане на власт и покрај поразот, беше обидот за крвав државен удар од 27 април 2017 година.

Власта на заминување прави пуч за да остане на власт!!

Поради храброста и внимателноста на лидерите и партиите од новото парламентарно мнозинство и вмешувањето на некои од странските амбасади, беше спречен не само државен удар, туку можеби и интернационален и меѓунационален конфликт.

Мамење на наивните

Оваа партија е единствена во Европа, чие (државно/партиско) раководство изнесе од државата и присвои, според констатацијата на релевантни меѓународни институции, повеќе од 5 милијарди евра во финансиските оф-шор дестинации.

ВМРО-ДПМНЕ беше единствена партија во која „Големиот брат“ и неговиот „Голем братучед“ прислушуваа 25.000 граѓани на оваа земја, дипломати, новинари, бизнисмени и сите функционери во нивната партија, пониски од нив.

Затоа, стана и единствена партија чии, околу 300 од највисоките до функционери од пониските ешалони, се или осудени, или против нив се покренати судски и обвинителски процеси и истраги.

Конечно, таа е и единствена партија која од македонската историја го украде како свое целото историско- револуционерно движење, самопрогласувајќи се за негов наследник, а ги украде и во своето име ги стави и четирите букви ВМРО – за мамење на наивните!

Со една таква карактерност – на апсурдна уникатност, што за една партија, во основа, значи антиполитичност, ВМРО-ДПМНЕ ја градеше и практикуваше и својата изборна стратегија – која кај нив, по традиција – почнува веднаш по завршување на некој изборен процес . Во случајов, почнаа пред три и кусур години, откако партијата е во опозиција, а кулминацијата ја достигна во изборната кампања (црна кампања, лажни вести, медиумска логистика со странски пари и домашни и странски медиуми, афери…).

Без сопствена изборна платформа

Во својата битка против Власта на СДСМ и на Зоран Заев, водството на ДПМНЕ не се ниту потруди да измисли своја автентична програмска платформа.

Едноставно, ископира сé што претходно го користеше опозицијата на чело со СДСМ, Шарената револуција и НВО при уривањето на авторитарниот режим на Груевски.

Повнимателните проследувачи на политичките настани и аналитичари, во тие копирања на политики, соопштенија и изјави често забележуваа дека во ништо, притоа, не беше интервенирано, па се мешаа и времиња, партии, околности, податоци!

Додека СДСМ и Шарените го уриваа режимот со автентични „бомби“ од прислушуваните разговори од УБК, постојано укажувајќи на организиран криминал од врвот, а пред сé, од побегнатиот Груевски и врхушката околу него, на штотуку завршените парламентарни избори, ДПМНЕ се потпираше само на „црната пропаганда“, платена и затоа поддржана од повеќето домашни национални телевизии, дневни весници и неделници, и мал милион портали.

Целта беше да се создаде перцепција за (наводно) катастрофични состојби во Македонија, за неспособна власт, огромен криминал и за национално предавство со името, во што и делумно се успеа.

А, всушност, беше испукана само една погласна петарда од типот на „Рекет“ (а, во суштина, станува збор за „Поткуп“), како и некои побезначајни „петарди“ од телефонски снимани разговори само за да се оцрнува Заев, кој очигледно стана опсесија, но и своевиден психолошки проблем на Мицкоски.

Лажната теза – „сите се исти“

Да биде апсурдот поголем, сето тоа се правеше кога власта оствари историски постигнувања. Го реши проблемот со името со Грција и уреди добрососедството со Бугарија на најоптималниот можен начин.

Конечно, успеа да ја внесе земјата во НАТО, да добие преговарачка рамка за влез во ЕУ, а германската канцеларка Ангела Меркел најави почеток на преговорите со Република Северна Македонија до крајот на годината, во време на германското претседавање

Сега веќе е сосема јасно дека сето ова што се направи пред и во текот на изборната кампања имаше единствена цел – да се дојде до вмровската теза – „сите се исти“ и таа да им се продаде на гласачите и на домашната јавност.

Пред сé, на неопределените, како и на оние кои се нарекуваат „разочараните шарени“, потоа на суетните „бранковисти“, на хронично преплашените интелектуалци, како и на дел од Албанците.

Притоа, намерата не им беше да придобијат гласачи за себе, бидејќи добро им е познато дека овие категории граѓани никако не би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, туку за да се дотера ситуацијата до степен кога на луѓето да им се одмили и од партии и од гласање.

За да апстинираат и да не го дадат гласот на противничкиот табор.

Како и да е, вакви нешта може да се случуваат само кај нас.

Потценување на гласачите

Па, како беше можно ВМРО-ДПМНЕ – партијата што ја зароби, изолира, ограби и урниса државата со класичен и политички организиран криминал – толку многу да ги потценува граѓаните и нивното паметење, за да сега ветува борба против криминалот и обнова!
Ова многу наликува на познатата ситуација кога крадецот кој го гонат, одеднаш крикнува – „држ’те го крадецот“!

Или оној што намерно некому му ја урнал куќата (во нашиов случај – државата), да ги бара гласовите на луѓето – за да ја обнови!

Граѓаните на Македонија, затоа, на изборите што се одржаа во средината на изминатата недела, требаше да се определуваат за минатото, или за иднината.

Определувањето беше едноставно – минатото значеше враќање на соборениот, деспотски режим и секако и на побегнатиот азилант од Будимпешта.

Значеше реставрација на истиот стил на раководење/страховлада, на меѓународната изолација, на полициска држава од типот ВМРО-МВРО, на „сваровски судство“, на ирационални проекти од типот „Скопје 2014“.

Тоа значеше – барање некакви антички корени, продавање национал-популизам, клиентелизам, криминал и полнење на сопствените сметки во оф-шор дестинациите.

И, сето тоа уште надградено и со „месијанство“ на лидерот, кој со сиот ум на спотови се претставуваше како пастир, исцелител, даскал, ѕидар, исполнувач на желби…

Иднината пред минатото

Како власт (владата отслужи три години, а Заев беше премиер 30 месеци), СДСМ има направено определени грешки. Може да се рече и дека не успеа да исполни некои од ветувањата. Меѓутоа, за кусо време ги реши клучните, стратешки определби на државата и згора на тоа – повеќе егзистенцијални проблеми на граѓаните и на општеството, недопрени со децении.

Во секој случај, владејачката партија во претходните три години, на гласачите им ја понуди посветеноста кон иднината. Нивна и на земјата. Тоа го понуди и сега.

Мнозинството од гласачите тоа го разбраа и го прифатија. Покажаа дека се определени кон иднината, а тоа значи за држава поставена врз европски стандарди, за отворено и граѓанско општество, за соработка со соседите и со партнерите од НАТО и ЕУ.

Манчо Митевски
Авторот е новинар и публицист
(Текстот првично е објавен во „Слободен печат“. Овде се објавува со скратувања)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе