Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Ердоган ја присвои Аја Софија

palinchak/BigStock.com

Ердоган ја присвои Аја Софија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како што и се очекуваше, ја присвои Аја Софија за да одново  биде една од џамиите во Истанбул, откако Државниот совет на Турција го прифати барањето на исламистите ова монументално здание, старо 14 векови, да се претвори во верски објект.

До ова решение, објектот што претставува своевиден  симбол на градот кој поврзува два континента и културите на Западот и на Истокот, беше музеј, отворен за сите луѓе, припадници на разните религии,  затоа  што зданието првично е изградено како  христијанска црква, а од 15 век  насила е преадаптирана во џамија – се до 1934 година.

Попуштање на исламистите

Државниот совет, со своето решение, практично, има избришано речиси 600 години од историјата, прифаќајки го како аргумент тврдењето на исламистите дека Аја Софија е, наводно, оставина на османлискиот султан Мехмед, затоа што тој во 1453 година, кога после бројните опсади бил освоен Константинопол и веднаш преименуван во Истанбул, била заземена и катедралната византиска црква, симболот на православниот христијански свет и била претворена во џамија.

Исламистите како доказ за своето барање за одземање на музејскиот статус на Аја Софија, го имаат понудено и своето неверување во оригиналноста на потписот на Мустафа Кемал-Ататурк, врз одлуката од 1934 година на тогашната турска влада за претворање на овој историски значаен објект во музеј.

Турските секуларисти и меѓународната јавност, меѓутоа, се согласуваат дека целата оваа работа околу Аја Софија е политички мотивирана.

Се вели дека случајот околу ова здание познато во целиот свет е дело потикнато и спроведено од Ердоган, во време кога многу му е потребна политичката подршка на тврдите исламисти , во општеството и во неговата партија.

Целта е  да ги засили своите лични позиции кај гласачите, после 20 години на власт,  во време кога државата е потресена од  економска криза , што сега е дополнително зголемена поради глобалната пандемија со коронавирусот.

Погазен аманетот на Ататурк

Ердоган подолго време се закануваше дека ќе ја претвори Аја Софија во џамија, не грижејќи се премногу  дека со таквото решение  станува првиот политичар во современа Турција кој го има погазено еден од  аманетите на „таткото на Турција“ – Ататурк , непочитувајќи една негова историска одлука, донесена на почетокот од модернизацијата и европеизацијата на државата.

Турските медиуми објавија дека претседателот ја посетил Аја Софија, за да види како напредувале работите околу нејзиното претворање во џамија.

Најавено е дека веќе следниот петок, нововоспоставената џамија ќе ги прими своите први, 500  исламски верници. Не се знае дали на молитвата ќе присуствува и Ердоган, но е соопштено дека сите христијански икони и фрески ќе бидат покриени во време на одржувањето на верскиот обред.

Аја Софија прв пат е изградена во 537 година. Во 1453 година е претворена во џамија, со доградба на четири минариња на четирите страни од црквата. Од пред 86 години е музеј.

ЕУ, САД и целата меѓународна јавност го осудуваат Ердоган за ваквото решение.

Само Русија застана во негова одбрана. За Москва, станува збор за внатрешна работа на Турција.

Орбан сега се расправа со Марк Руте

Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој во изминатите десет години, откако владее со Унгарија, две третини од својот мандат го има потрошено на кавгите со лидерите на другите земји членки на ЕУ, кои го осудуваат неговото авторитарно владеење и пресметката со западните демократии и нивниот либерализам.

Тие судири се засилија од 2015 година, кога Орбан се спротивстави на еден од темелните принципи на Унијата – за солидарноста меѓу земјите членки, кога не сакаше, привремено, да прифати само околу три илјади бегалци и имигранти.

По тоа, ги отвори картите на своето владеење- додавајќи му на својот популизам и националистички , а не ретко и расистички елементи, судирајќи се со основните норми на правото врз кои е поставена ЕУ.

Европската комисија веќе има покренато постапка околу делувањето на Орбан,  а повеќето од државите во Унијата сметаат дека непочитувањето на законите на ЕУ би требало да се санкционира со врзување на користењето на развојните фондови на ЕУ, со почитувањето на правната држава и на правните стандарди во Унијата.

Холандскиот премиер Марк Руте тоа и отворено го има побарано во сегашната дебата на Самитот на ЕУ во Брисел, за новиот буџет во следните седум години, како и за специјалниот фонд за санација на економиите во ЕУ, после хаваријата предизвикана од епидемијата со коронавирусот.

На тоа Орбан остро се има спротивставено и се заканил со вето на целиот пакет-мерки.

„Има некои, како (Марк) Руте кои постојано ме напаѓаат и критикуваат. А, тоа е напад врз Унгарија и нејзините интереси и тоа нема да му помине. Неговите (на Руте) барања се целосно неприфатливи“ – им изјавил налутено Унгарецот на неговите новинари.

Јапонците против Олимпијадата во 2021 година

Големо мнозинство Јапонци, од дури 70 отсто се против, или се за ново одлагање на Олимписките игри во Токио, покажуваат последните истражувања на јавното мислење.

Три четвртини од анкетираните така се определиле затоа што не веруваат дека до јули 2021 година , ќе биде совладана глобалната пандемија со коронавирусот.

Се смета дека доаѓањето на голем број спортисти од сите страни на светот, како и на навивачи, само ќе го зголеми ризикот за внесување на вирусот во Јапонија и за неговото повторно раширување.

Мнозинството Јапонци веруваат дека е премногу ризично да се организираат Игри во услови на незалечена пандемија.

Другите се на мислење дека наместо да се трошат пари за Олимпијада, тие би требало да се пренаменат за борба со пандемијата, како и дека Игрите гледано во целина се премногу скапи, па треба да се откажат.

Во март годинава, Олимпијадата во Токио предвидена за ова лето, се одложи за крајот на јули и почетокот на август следната 2021 година, токму поради епидемијата со коронавирусот.

Јапонската влада тогаш соопшти дека доколку Игрите нема да се одржат и во следната година, Јапонија ќе се откаже од организацијата на Олимпијадата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе