Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Јанша го негира геноцидот во Сребреница?

marketanovakova/BigStock.com

Јанша го негира геноцидот во Сребреница?

Словенечкиот премиер Јанез Јанша предизвика гневна реакција во јавноста на БиХ и остри осуди во босанските медиуми, со своите коментари по повод 25 годишнината од геноцидот на српските паравоени сили, извршен врз локалните Муслимани.

За разлика од сите другите во ЕУ и во демократската европска јавност кои годишнината од најстрашното злосторство во Европа, извршено по Втората светска војна врз цивилно население ја имаат остро осудено, Јанша наоѓа некакво свое објаснување на она што се има случено пред четврт век, поврзувајќи го со „комунистичкиот терор“. А, тоа во БиХ е протолкувано како „негирање на извршениот геноцид“.

„Амнестирање на злосторствата“

На својата службена страница на Твитер, словенечкиот премиер има напишано дека „масакрот во Сребреница не би се случил, доколку територијата на екс Југославија, после распадот, била исчистена од комунистичката идеологија и доколку биле осудени колежите во Словенија и на други места, по Втората светска војна“ (!?).

На ваквата квалификација на Јанша, босанскиот медиум „Слободна Босна“ реагира со критика кон Словенецот, пишувајќи дека „да се нареди Сребреница меѓу комунистичките злосторства, може да го направи само неупатен, злонамерен, или пореметен ум“ и го прашува словенечкиот премиер дали со своето толкување – ги амнестира злосторниците.

Словенечкиот весник „Дело“ во меѓувреме открива дека Јанша ја има изменето првичната верзија на својот коментар на Твитер. Според „Дело“ во првата верзија било напишано дека – Масакрот во Сребреница немал да се случи доколку ОН го осудеа комунистичкиот геноцид, на истиот начин како што го осудија и Холокаустот. Бидејќи тоа не се направи, доктрината на ЈНА – да се уништи физички непријателот – повторно е оживеана во моментите кога се распаѓаше Југославија“.

Гнев во Сараево

Која верзија и да се земе, во Сараево воопшто не се согласуваат со една ваква интерпретација од Љубљана, па медиумите силно се пресметуваат со Јанша.

“Додека целиот свет зборува за геноцид во Сребреница, овој (словенечки) политичар ја врти работата на нешто друго, изнесувајќи при тоа пораки кои за многумина звучат фашистички. Се обидува ли Јанша да ги амнестира злосторствата и злосторниците кои извршија еден од најголемите геноциди на овие простори.”

…пишува сараевскиот весник „Ослобоѓење“

Медиумите во БиХ уште го обвинуваат Јанша и за тоа дека е крајно погрешно да ја изедначува борбата на партизанските единици со своите непријатели во текот на последната светска војна со колежот на Бошњаците од пред 25 години во рамките на големосрпскиот план.

Тамошните весници тврдат дека Јанша не е воопшто неупатен и му порачуваат дека Сребреница е дел од истиот злосторнички проект што се планирал и се случувал и во текот на Втората светска војна, што делумно бил спречен и казнет од партизанската војска и од тогашното комунистичко правосудство.

Тања Фајон – Бесрамна постапка

Остри осуди на коментарите за Сребреница на Јанша има и во Словенија.

Прв реагирал поранешниот словенечки премиер Марјан Шарец. Пратеникот на словенечкиот Парламент Миха Кордиш, според медиумите во Љубљана, оди подалеку и има изјавено дека и самиот Јанша е „делумно одговорен за масакрите на тлото на екс Југославја, затоа што во тоа време има шверцувано оружје за фронтовите“ меѓу кои и за Босна.

Она што се случуваше тие години, беа “гревови и дело токму на неговите идеолошки браќа“, рекол овој пратеник.

Европратеничката Тања Фајон го има означено твитот на премиерот на Словенија како „бесрамна постапка“.

Неколкумина други европратеници од оваа земја сметаат дека коментарите на Јанша ги повредуваат семејствата на жртвите на злосторството, како и тоа дека словенечкиот премиер предизвикал „надворешно-политичка срамота“ за државата Словенија.

Во функција на „Црната алијанса“

Јанез Јанша е лидер на неговата крајнодесничарска, националистичка партија, која и припаѓа на блокот ултрашки партии од „Црната алијанса“ која војува со демократските и либералните сили, како и со левоцентристичките партии и организации.

Беше и останува близок со Унгарецот Виктор Орбан, но и сојузник на македонските крајно-десничарски националисти на избеганиот осуденик и екс премиер кој сега се крие во Будимпешта.

Токму преку фирма во Љубљана, уште од времето кога претходно беше словенечки премиер, како и една позната руска банка, се префрлаат пари за вмровските медиуми во Македонија, за да шират дезинформации и лажни вести во функција на партијата на бегалецот.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе