Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Преговорите со ЕУ во германскиот мандат

stargazer84/BigStock.com

Преговорите со ЕУ во германскиот мандат

Официјален Берлин уште еднаш ја покажа својата силна поддршка на европскиот курс на Македонија.

Посебно, на нејзината продемократска и либерална, прозападна определба и на подготвеноста за кооперативност, со европските партнери, во настојувањето, да стартуваат преговорите за влез во ЕУ, откако државата, конечно, доби „зелено светло“ од Европскиот совет.

Германија беше најгласниот поддржувач за тоа и успеа, по двете блокади, овој пат направени за да се расчистат некои внатрешни состојби меѓу членките на Унијата, да ја убеди Франција, пред се, дека Македонија не може да биде колатерална штета на гневот на Париз од однесувањето на Истокот од Европа.

ЕУ кон Западен Балкан

Токму Берлин и канцеларот Ангела Меркел беа постојано на линијата дека процесот на интегрирање на Европа (на проширување на ЕУ) не може да биде комплетен и целосно заокружен, без регионот на Западен Балкан. Дури и тогаш кога некои во Унијата, настојуваа да ги разуверат Германците, тврдејќи дека Унијата е веќе „презаситена“ од примање нови членки, не сакајќи да видат дека таквиот нивни став им отвора пат на други, да се сместат на западнобалканскиот простор.

Тоа е пред се, Русија која настојува да го поткопа единството во ЕУ, да внесе раздор и недоверба во нејзините редови и над се, да попречува ширење на Унијата кон регионот што Москва сака одново да го претвори во територија за пазарење, како во нејзините империјални времиња.

При тоа, користејќи ги услугите на локалните националисти и популисти, балканските мали деспоти кои на гласачите во своите држави им велат – одиме во Европа – а практично, со својата некооперативност, што тие ја нарекуваат „патриотизам“, прават се што можат да не стигнат таму – обилно помагајќи и на руската политика- да не дозволи Балканот да биде Запад.

Закани од надвор

Другиот претендент на Западниот Балкан е Кина која, меѓутоа, има поинаква тактика – низ кредитите и парите, да ја наметнува својата државна политика – која на крајот, одново, е антиевропска, контра определбите и нормите на ЕУ.

„Братството“ со Пекинг, како и „партнерство“ со Москва, доколку не е засновано врз европските стандарди, во никој случај не може никого да одведе во Европа, без разлика што европеизирањето на регионот, не значи прекин на било какви врски со овие две големи земји.

Секако дека сите овие работи, канцеларот Меркел ги има земено во предвид кога во својот, во основа, инаугурален говор во Европскиот Парламент, како новиот претседавач со ЕУ, до крајот на оваа година, за да ја истакне потребата од натамошна силна подршка за Западен Балкан на неговиот европски курс – секако во земјите кои тоа го сакаат и кои вистински се определени за влез во Унијата.

За нас, е особено важно што во овие шест „германски“ претседавачки месеци, Меркел им порача на сите во Унијата, а и на сите, овде кај нас – дека регионот и Македонија не се заборавени и во сегашните тешки времиња за Унијата и дека ќе настојува да започне преговарачкиот процес за влез на Република Северна Македонија во ЕУ, како полноправна членка – во сегашниот германски мандат.

За прв пат, притоа, издвојувајќи ја нашата држава од Република Албанија.

Санација на ЕУ- по пандемијата

Во своето обраќање во Стразбур, германскиот канцелар, како нов претседавач со ЕУ, всушност, ги промовираше основните политички прашања на кои ќе работи Германија во наредните месеци.

Тоа е вообичаена постапка при ротирањето на земјите-претседавачи.

Во овој германски мандат, предвидено е најважната работа да биде санацијата на ЕУ, на економски и стопански план, по глобалната пандемија со коронавирусот која предизвика сериозни економски загуби и социјални проблеми во сите земји-членки на ЕУ.

Според Меркел, ЕУ сега мора солидарно и одлучно да им помогне на оние членки кои се најтешко погодени од пандемијата.

Таа останува на претходно изразената позиција дека е „исклучително важно да се усвои финансискиот план за поддршка со 750 милијарди евра, за чие уредување многу имаат придонесено Германија, Франција и Европската комисија.

Тоа, заедно со новиот буџет на ЕУ, тежок 1100 милијарди евра, треба да и помогне и на целата Унија.

Посебноста на Европа

Во другиот пакет прашања што ги има подготвено Берлин за своето претседавање, се сместени надворешната и безбедносната политика која треба да и овозможи на ЕУ да одговори на потресите и промените кои се случуваат во светот.

Во тие рамки е и заложбата дека на ЕУ и е потребно транс-атлантското партнерство, но и тоа дека Европа мора да ја зачува и својата посебност во времето на мондијализацијата.

Тука се и прашањата врзани за екологијата, со назнака дека до 2050 година, ЕУ мора да има законска обврска за заштита на човековата околина со преоѓање на економија и енергетика која не загадува, потоа за префрлање на ЕУ на дигиталната и нумеричката економија без стравот на луѓето дека ќе останат без работа, како и изградбата на европска дигитализација, што би значело и одбрана на ЕУ од сајбер криминалот и од се пораширената кампања за дезинформации.

Според Меркел, на демократијата и е потребна вистината со што ќе се оневозможат лагите и популизмот кои се продаваат и на европскиот простор, а што уште еднаш стана широко видливо во ова време на глобална пандемија.

Нова методологија

Во ваквото мнозинство од теми и прашања кои имаат витално значење за ЕУ, сега и во иднина, добро е што Германија не го заборави Западен Балкан.

Посебно е важно што се сметаше за потребно да се истакне заложбата дека Берлин, до крајот на годината ќе работи на тоа Македонија да го направи она што го чека без малку 30 години- да го почне процесот на преговарање со Брисел за полноправно членство.

До скоро тоа беше задача од 35 поглавја што требаше да се исполнат. Сега, со изменетата методологија, станува збор за шест тематски пакети во кои се сместени работите и задачите кои повеќе, или помалку, беа во поглавјата.

Исто, или различно тоа, во секој случај, ќе треба да се одработи откако ќе започнат преговорите.

А, тоа, пред се, ќе зависи од нас, колку и да некои во Скопје сакаат да зборува дека (наводно) „нас не мразат“ на Западот, како и дека „Македонија може сама“ (секако изолирана како една Белорусија).

Европското изодување, како и да е, ќе зависи од македонските парламентарни избори.

Не само затоа што станува збор за две опции – едната европска, а другата националистичка и антиевропска – туку и затоа што е важно каков ќе биде распоредот на политичките сили во идниот парламентарен состав.

Со целосно заробена, или делумно заробена држава, или со блокади во кои личниот и партискиот интерес е пред државниот, Европа и ЕУ, ќе останат само да служат за мамење на наивните гласачи и за задоволување на купените гласачи.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе