Поврзете се со нас

Skopje Global

Руски пари за убивање американски војници?

Свет

Руски пари за убивање американски војници?

Hlushchenko/BigStock.com

Руски пари за убивање американски војници?

Три респектабилни американски весници („Њујорк Тајмс“, „Вашингтон Пост“ и „Вол Стрит Џорнал“) изминатиот викенд, предизвикаа политичка и безбедносна бура во Вашингтон, откако објавија дека руската воена разузнавачка агенција ГРУ им има понудено на авганистанските милитантни талибанци пари, за да убиваат американски војници во Авганистан. Весниците се повикуваат на, како што велат, неидентификуван функционер на САД.

„Њујорк Тајмс“ отиде и чекор понатаму, па откри дека американските разузнавачки служби имале уште пред неколку месеци сознанија за тоа дека една посебна единица на руската ГРУ, барала од милитантите да се дестабилизираат нивните противници, тајно нудејќи им и пари, за нивните успешни напади врз војниците и воениот персонал на САД (како и на американските сојузници) на фронтот во Авганистан.

И она што се тврди дека е сигурно – тоа е дека авганистанските милитанти, или ним блиските криминални елементи, со кои талибанците соработуваат – имаат добиено пари.

Таен дил на ГРУ?

Во текот на минатата година во Авганистан беа убиени 20 војници на САД, но овој весник, како ни другите два, не може да посочат дали некое од ова убиство би можело да се поврзе со најновите откритија на американските тајни служби.

Односно, не може да се каже кое од овие убиства е извршено според тајниот дил на руската ГРУ со авганистанските екстремистички вооружени групи.

Официјална Москва, нормално, веднаш ги има отфрлено овие откритија во медиумите во САД, како неточни. Демантирале дури и талибанците, но и во Вашингтон, Белата куќа (на некој начин) се има оградено од ваквите разузнавачки сознанија.

Од таму се бранат дека претседателот на САД не бил „лично запознаен“ со ваквите сознанија на тајните служби. Медиумите и функционери блиски до администрацијата во Вашингтон, меѓутоа, тврдат дека претседателот уште во март знаел за сите овие откритија.

Бранување во САД

А, тоа се случило, кога во март, во една тајна операција на американските војници, било откриено поголемо количество пари и кога се разбрало дека американски војници се убиени и за тоа убијците биле исплатени со (тајно префрлени) руски пари!

Откритијата на американските тајни служби за она што (зад грб) го прави Русија, на авганистанскиот фронт, се префрлија на политичката сцена на САД.

Демократите ја искористија оваа можност, одново, да го обвинат Трамп дека не ги заштитува американските интереси.

Но, овој пат, гневни се и низа угледни републикански политичари, кои бараат од претседателот и од Белата куќа да соопштат дали шефот на државата, навистина, не бил информиран лично за случајот, или пак некој (намерно) ја криел информацијата за сознанијата на разузнавачите на теренот.

Ова добива на својата тежина, затоа што се случува во годината кога Трамп настојува да обезбеди уште еден претседателски мандат и кога сака за таа своја цел, да го користи и мирот што настојува да го постигне со талибанците и со евентуалното американско повлекување од Авганистан, после 19 години војување.

Необјавена војна кон Западот

Некои безбедносни експерти, очекуваат да се утврди дали Русите навистина биле дел од една ваква операција.

Но веруваат дека вака како што е прикажана, операцијата не изгледа како работа за еднократна употреба. Експертите сметаат дека станува збор за план за подолгорочно дестабилизирање на Американците во Авганистан, до нивното трајно повлекување.

Тоа е нешто што оваа тајна руска служба, под контрола на армијата, го прави секаде каде ќе се инсталира.

Аналитичарите, пак, се занимаваат со прашањето – зошто на Москва и е потребен еден ваков план.

Познато е дека Русија (тајно) ги снабдува талибанците со оружје и со пари, иако во исто време одржува „пријателски“ врски и со владата во Кабул, против која истите тие бунтовници војуваат.

Кај авганистанските власти се прикажува како приврзаник на мирно решение за конфликтот во земјата, јавно, подржувајќи мировен договор.

Во основа, меѓутоа, Русите играат на двете карти – ако има мир, тоа е добро, но доколку го нема, тука се талибанците и одржувањето на нестабилност во оваа централно азиска држава.

Според западни аналитичари, таа игра е валкана, а така Москва со Владимир Путин, игра валкано и кон Западот веќе подолго време.

Станува збор за една необјавена војна кон Западот, кон ЕУ, кон САД, како и кон малите држави во регионот на Западен Балкан, што не може да ги стави под своја контрола – како Црна Гора и Македонија.

Во првата со обид за пуч, а во втората со дестабилизација од внатре, со директно мешање во македонските внатрешни состојби. И во едниот и во другиот случај, токму ГРУ е тајната служба за која се верува дека стои зад ваквите валкани операции.

Валкана игра

На европскиот Запад, валканоста се огледува во се почестите сајбер напади, во постојаното ширење дезинформации и лажни вести, во директно мешање во изборни кампањи во странски држави, како и во финансирање и подржување на екстремистите кои дејствуваат во западните држави и во ЕУ.

И, посебно, во поддршката на крајната десница, со цел да се дестабилизира, или дури и да се растури ЕУ.

Како руски сојузници се јавуваат и лидери на земји како една Унгарија, на пример, или ултрадесничари како што се Марин Ле Пен, Италијанецот Матео Салвини, или таквите политичари во Холандија, Скандинавја или во Грција.

Кога станува збор за тоа зашто Москва би давала пари за да екстремисти во Авганистан, убиваат американски, или британски војници, британски аналитичари проценуваат дека засилување на блискоста со талибанците е последица на (очигледното) слабеење на американскиот ангажман во оваа земја.

Од друга страна, тука е стравот на Русија дека тоа би предизвикало раст на исламскиот фундаментализам во регионот, па дека затоа во Москва е проценето дека талибанците би можеле да бидат поставени како своевиден штитник, или браник за руските интереси.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе