Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија без опозиција во Парламентот

stargazer84/BigStock.com

Србија без опозиција во Парламентот

Српските парламентарни избори поминаа онака како што и се предвидуваше – со триумф на владејачката Српска напредна странка (СНС) на претседателот на државата Александар Вучиќ и со целосно фијаско на разединетата, меѓусебно раскарана и целосно дезориентирана опозиција.

СНС се фалеше дека на овие избори (се одржаа на 21 јуни) посакува да добие апсолутно мнозинство во Парламентот и тоа го постигна. Втората по големина и по политичка сила во земјата, Социјалистичка партија на Ивица Дачиќ, најавуваше дека за успех ќе смета доколку ја премине граница од 10 отсто од гласовите- и успеа толку и да добие.

Во белоруски стил

Ниту една од опозициските партии кои се верува дека нешто значат во српскиот политички живот, барем во Белград и во поголемите градови, не успеаја да влезат во Парламентот.

Едни затоа што заговараа и спроведоа бојкот на овие избори. Другите затоа што, едноставно, како и целата опозиција, не успеаја да им кажат на гласачите – што навистина сакаат.

Кога станува збор за односот кон стратешките цели на државата која седи на „две столчиња“ и посебно во однос на главното прашање – Косово и признавањето (или прифаќањето) на новата реалност во регионот на Западен Балкан, а тоа е неговата независност.

Опозиционерите сега зборуваат дека бојкотот успеал, дека излезноста е помала од онаа што се прикажува и дека таа е под 50 отсто од запишаните гласачи, но останува она што сите домашни и странски аналитичари го забележаа – Српскиот Парламент сега наликува на белорускиот – без опозиција, а Вучиќ ја има зацврснато својата целосна власт и контролата врз Србија, каква немаше ниту еден Слободан Милошевиќ.

Силна позиција на претседателот

Таквата позиција му овозможува да носи какви сака закони, да менува и Устав, но го прави „ ранлив“. Сега веќе не ќе може да се брани со опозиција и со јавноста во земјата, кога треба да го повлече главниот потег, околу Косово, без кое и порано и сега е јасно дека нема патување на Србија кон Европа, како и влез во ЕУ. Доколку тоа и натаму, навистина, претставува интерес за Србија, за српските политичари и за тамошната јавност.

Косовското прашање не се споменуваше премногу во бескрвната предизборна кампања. Ако некој и зборуваше за Косово тоа беше српскиот претседател, повторувајќи постојано некакви „црвени линии“, па грижата за косовските Срби, или тоа дека Белград сака затворање на косовското прашање, но дека за признавањето на независноста бара и нешто да добие за возврат.

Од летото во 2018 година, тоа е размена на територии и повлекување нова граница на северот од Косово, но тоа овој пат беше оставено на страна, откако стана јасно дека ЕУ е сложно против тоа, не се согласуваат ниту државите во регионот, а од тоа се повлекуваат и САД.

Рускиот фактор

Во предвечерието на изборите, затоа, во Белград дојде Сергеј Лавров да каже (уште еднаш) дека без Русија нема да има решение за Косово. Прв пат, јавно, потврди дека околу тоа Москва би сакала да се пазари со Западот, па изгледа дека освен Украина (Крим и Донас) сега во пазарлакот се става и БиХ (или српската енклава Република Српска).

Лавров при тоа му даде целосна поддршка на Вучиќ и на неговата партија, но во Белград се тврди дека побарал во идната влада „задолжително да влезат руските пријателски партии“ мислејќи притоа на Дачиќ и на неговите социјалисти.

Останува нејасно зашто Лавров мораше да доаѓа во Белград, кога српскиот претседател три дена по тоа, беше во Москва и разговараше (за Косово) и со Владимир Путин кој во случај го има последниот збор на руската страна, освен дека преку рускиот шеф на дипломатијата, на ЕУ и на САД (а и на земјите во регионот) требаше да им се каже дека Русија останува на Балканот, како стратешки партнер на власта во Белград.

Нема средба со Трамп

Тоа беше важно затоа што веќе се знаеше за српско-косовските разговори (на 27 јуни) во Вашингтон и ден пред тоа, во Брисел, со претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за прв пат директно, а не преку видео линк.

Во четвртокот со претставникот на Приштина, а во петокот со Вучиќ. Во Белград уште се испофалија и дека српскиот претседател, по московската средба со Путин, во Белата куќа ќе се сретне и со претседателот Доналд Трамп, а во средината на јули (можеби) и со Емануел Макрон во Париз.
И кога изгледаше дека косовското прашање, сега, по изборите во Србија и по ваквиот исход, би можело да почне да се одмрзнува, се тргна наопаку.

Прво, Вашингтон објави дека не било предвидено среќавање на Вучиќ со Трамп. Минатата година тој, навистина, ги повика српскиот претседател и Хашим Тачи да покажат лидерство и храброст и да го затворат прашањето, порачувајќи им дека по тоа ќе ги прими за да им честита.

Од Белград тогаш побрзаа да објават дека нема да може да има брзо решение и се во тој стил, а Вучиќ и минатата недела му порача – не одам во Вашингтон со бело знаме!

Тачи, а и Хоти – не одат во САД

А, потоа, кога изгледаше дека се ќе се сведе на она – направете договор, а ние ќе помогнеме со изградба на некаква (во кинески стил) трговска зона за двете држави, Судот од Хаг за Косово го објави обвинувањето против Тачи за воени злосторства, заедно со обвинувањата на уште десетици други лица, па Тачи соопшти дека “додека не се расчисти работата околу обвинувањето тој нема да патува никаде“ и ја откажа посетата на Белата куќа.

Требаше да го замени новиот косовски премиер Авдулах Хоти, но по 24 часа и тој објави дека не може да патува- поради новонастанатата косовска политичка ситуација.

Па, како сега стојат работите, целата иницијатива на Ричард Гренел, личен претставник на американскиот претседател за косовско-српскиот дијалог, како да паѓа во вода. Сега, остануваат само разговорите со ЕУ во Брисел, но и тие се во сенка на покренатите обвинувања од обвинителот во Хаг.

Оставањето на косовското прашање и понатаму во мраз е она што го сакаат и Белград и Приштина, колку и да даваат различни изјави, а тоа го сака и Москва, што го потврди Лавров во Белград – советувајќи ги двете страни „да не брзаат со решение“.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе