Заканата на „страшниот“ уредник
Главниот уредник и директор на една скопска телевизија, која претендира дека е „независна“, деновиве излезе од шемата во која само тој верува, за да се претвори во некаков „страшен“ шеф кој јавно се заканува со одмазда.
Во стилот – вие мене така, ама сега ќе видите што јас (со ТВ медиумот што му е даден да го раководи) ќе ви направам.
Уште и повикувајќи ги и другите (телевизии) да му се приклучат во заканата за некаква пресметка.
Заканата ја има упатено кон оние за кои треба да има САМО ПОЧИТ И РЕСПЕКТ, какви и да се и кои и да се.
Станува збор за епидемиолозите, а тоа значи за лекаритем- кои над два месеци водат беспоштедна битка со глобалната пандемија и со коронавирусот за спасување човечки животи.
Меѓу кои и за животите на луѓето од новинарската фела, за суетните телевизиски репортери, за звездичките на оваа телевизија, па и за него и за неговото семејство.
Епидемиолозите на удар
Јавната закана кон еден од нив, кон главниот епидемиолог во државата, само покажува каков човек е тој „страшен “ уредник. Покажува каква промашена личност е за функцијата што му ја има дадено неговиот газда и уште открива – колку е ниска неговата култура, како новинар.
Од друга страна, во исто време изречената закана и за министерот за здравство, ја покажува неговата политичка определеност и неговото свртување кон „стадото“ на кое очигледно му припаѓа.
Тоа, пак, одново го прави неподобен за главен уредник и директор на НЕЗАВИСНА телевизија, што во Македонија значи партиски неврзана. До сега, само опозициското националистичко друштво се има огласено дека откако ќе победиле (на изборите) со троструко мнозинство – ќе го тргнеле овој министер – како лош и неспособен.
Нема недопирливи и непогрешливи
Овде, сепак, не станува збор за тоа дека докторите, а посебно епидемиолозите се недопирливи, или да речеме непогрешливи. Тоа уште помалку треба да се рече за министерот.
Иако токму за него, од почетокот на епидемијата голем дел од јавноста е задоволна од неговата секојдневна комуникација.
Се истакнува неговата смиреност, наспроти конфузијата и паничните (и исполитизирани) реагирања на некои од неговите колеги во соседството, на пример, а особено, неговата отвореност да се презентираа вистинската состојба околу заразата.
Луѓето на социјалните мрежи пишуваат дека „е добро за Македонија што во ова време на пандемија, државата за министер има лекар“, а не некој правник, или партиски апаратчик.
Според тоа, нашата реакција не е за да се бранат оние на кои „страшниот“ главен уредник им се заканува дека сега ќе се пресметува со нив.
Веројатно ќе објавува текстови со критики и прозивки, што тој и досега тоа го правеше. Неговата телевизија работи раководејќи се од девизата од времето на социјализмот – дека само црната вест е добра вест – целосно заборавајќи на основната функција на медиумите – да и служат на ЦЕЛАТА јавност.
Заборавена општествена улога
Овој уредник очигледно има заборавено дека телевизиите имаат и општествена улога. А таа во кризни ситуации, и особено во време на епидемии со опасен вирус раширен низ целиот свет, треба да биде примарна.
Исто толку важна колку и броењето на заразените, или читањето на полициските билтени, што сега се максимално исполитизирани поради профилот на техничкиот министер на МВР.
Значи, целта на нашата реакција е заштита на тв гледачите и на македонската јавност, од чии џебови се издвојува и за приватните телевизии.
Заштита од заканите и од силеџиските најави за пресметка со оние кои се осмелуваат да искритикуваат некаков прилог, емитуван на оваа телевизија, или од тоа што главниот епидемиолог „не реагирал како што требало“ на прашањето од репортерката на телевизијата, кое (веројатно) и го има напишано нејзиниот шеф.
Време минато – време сегашно
Реакцијата на Скопје/Глобал е затоа што мислевме и се уште мислиме дека такво насилство на разните „уредници“ и шефови во телевизиите, е својствено за едно одминато време – времето на режимот на избеганиот деспот-затвореник.
Мислиме дека поминало времето кога некакво шефче телевизиско ќе се заканува, користејќи го медиумот како да е негов, сам или придружуван од силеџии – квази новинари кои божем водат дебата, која всушност е судење на неистомилениците.
Право на јавни прозивки и на закани нема дури ни оној чија е телевизијата, затоа што се верува дека медиумот, е наменет за сите и треба да им служи на сите кои го примаат и го гледаат. Така е во демократскиот свет и во слободните и отворени општества, каде овој главен уредник никако не би можел да се смести.
Таму никако не припаѓаат ниту партиските, вмровски ТВ канали кои работат само за интересите на партијата што ги има ставено под своја контрола, во мрачното време на деспотијата, во кое државата ни стана заробена од еден човек и од едно семејство и нивното најтесно опкружување.
Политикански игри и пазарење
Тие одново не потсетија какви се и кои се – за време на денот на умрените, за дуовден, што го искористија за политизација на пандемијата, за политикантските игри на опозицијата.
Таа ја користи епидемијата за прибирање на некакви партиски, предизборни поени, како и за нови делби- национални и верски, правејќи од овој ден, без малку, некаков нов Божик, или Велигден.
А, да си ја знаеше работата овој „страшен“ уредник на телевизија, прво немаше да се заканува, дури и да е во право. Да беше демократ и вистински главен уредник ќе се извинеше за својата постапка. Во некои други општества и ќе си заминеше од функцијата, или ќе беше сменет.
Но, тој е од овде, од Македонија и сега мисли дека му дале да шефува, што ќе рече- има телевизија, па со тоа има и моќ- за закани, или ако може и за пазарење.
Европски сознанија
Ако, пак, беше вистински новинар, ќе погледнеше во програмите на телевизиите во соседството, прво, па потоа и низ Европа каде сме веќе упатени. Барем сега е тоа лесно – за да види како се работи, за да научи (не е срамота – затоа што се е веќе откриено во телевизиската журналистика).
Тие таму, во далеку полоши состојби од македонската никому не му се закануваат, уште и на ваков начин. Најмалку на епидемиолозите за она што го прават.
Нема закани во Италија, Шпанија или Франција, а ниту кон британските епидемиолози кои тешко погрешија на стартот на пандемијата.
Уште помалку кон главниот епидемиолог на Шведска кој самиот призна деновиве дека погрешил во проценката.
Но, некои новинари и уредници, како и некои луѓе овде, не ќе може да влезат во Европа и тогаш кога Република Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ. Не ќе може да се снајдат, затоа што таму и не припаѓаат.
Тоа е нашата груба реалност.
Скопје/Глобал
1 Коментар