Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Руте не ја видел мајката на умирање – поради карантинот

GabrielPetrescu/BigStock.com

Руте не ја видел мајката на умирање – поради карантинот

Холандскиот премиер Марк Руте предизвика големо медиумско внимание во европската јавност, откако се разбра дека не ја посетил неговата тешко болна мајка, која била на умирање, сместена во еден дом за стари луѓе надвор од Хаг, само за да не ги повреди мерките за карантин, воведени од неговата влада, како заштита од ширењето на пандемијата со коронавирусот.

Локалниот весник „Де Телеграф“ открива дека и на денот кога мајката починала, премиерот Руте претседавал со седницата на владата, на која се расправало за борбата на Холандија и на нејзините здравствени власти со раширената зараза.

Закон и ред

Весникот пишува дека премиерот, со својот гест, покажал оти владините мерки и определениот карантин мора СИТЕ да го почитуваат и дека дури и во ваквите тажни моменти од неговиот приватен живот- семејството, не треба да се заборави обврската- да се почитува законот и редот. Конечно, токму тој и неговите министри ги имаат определено тие мерки и побарале од сите Холанѓани да ги почитуваат.

Мајката на Марк Руте била во длабока старост (96 години) и не починала од коронавирусот.

Неговиот гест, како пример, особено се користи во Велика Британија и кај лондонските медиуми поради неочекуваната политичка бура и владина криза, откако весниците открија дека главниот политички советник на премиерот Борис Џонсон, грубо ги има прекршено мерки на карантинот што го има воведено владата во Лондон.

Спротивен пример во Лондон

Советникот Доминик Камингс на два пати патувал (илегално) со својата сопруга и со нивното дете, дури 500 км. на северот од Англија, во реонот на Дарам, до имотот на неговите татко и мајка, за да ги посети.

Патувал во време кога владините мерки за спречување на ширењето на вирусот забрануваа не само патување на далеку, туку и излегување од дома, а тој и неговата сопруга биле позитивни на вирусот и веќе заболени (во поблага форма) од болеста Ковид-19.

Камингс соопшти дека се повлекува од кабинетот во Даунинг стрит 10 во Лондон, затоа што при тестирањето на целиот персонал, по заболувањето на премиерот Џонсон, било откриено дека и тој е заразен.

Беше објавено дека ќе биде во самоизолација во својот дом, чекајќи да се види како ќе се развие ситуацијата со неговото здравје. Покрај него се откри дека се заразени повеќемина во кабинетот на премиерот, меѓу кои и двајца од епидемиолозите- советници на Џонсон.

Престапот на советникот на Џонсон

Во домашна изолација, од него се заразила и неговата сопруга. Но, за разлика од холандскиот премиер Руте, советникот на британскиот премиер, не ја почитувал забраната за излегување од дома (карантинот).

Според мерката, во чие донесување учествувал и самиот Камингс – Никој не смееше да се излегува од дома, освен во исклучителни ситуации, доколку тој или било кој друг во семејството (домаќинството) има симптоми на вирусот – беше наведено во владината наредба за карантин. А, советникот не само што излегувал од дома во време на карантин и додека бил во самоизолација, туку веќе бил заразен.

Сега се правда дека морал да го стори тоа поради стравувањето дека болеста кај него и кај сопругата може да се развие (како кај Џонсон) и дека не ќе може да се грижат за своето дете, па затоа решил да патува за да го префрли детето кај бабата и дедото – на безбедно.

Тој студено ги отфрла сите барања да поднесе оставка. Не смета дека е виновен и дека треба да изрази жалење за својата постапка, која политички е погрешна и штетна за неговиот шеф- премиерот и неморална, за него како човек кој е вклучен директно во донесувањето на владините мерки.

Една мерка – два аршина

Борис Џонсон (засега) опстојува во одбраната на својот главен советник, објаснувајќи дека има разбирање за неговата постапка.

Лабуристичката и другата опозиција е на ставот дека Камингс е виновен и дека треба да си замине од Даунинг стрит 10. Расправата околу советникот се претвори во политичка тема број еден во Британија.

До сега, 20 пратеници од владеачката Конзервативна партија бараат од Џонсон да му даде отказ на советникот, а веќе има и една оставка – помошник министерот за Шкотска, во знак на протест, се повлече од функцијата затоа што премиерот и партиски лидер го брани Камингс.

Таа упорност на премиерот веќе му носи негативни поени на Џонсон. Неговиот рејтинг што се зголеми по неговата болест и опоравувањето- сега забрзано се намалува. Луѓето се револтирани што еден пропис за карантинот важи за „обичните луѓе“, а сосема друго за политичката елита во која се сместува и советникот Камингс.

Примерот на Марк Руте покажува дека ваков случај (како овој во денешна Британија), не може да има во една Холандија.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе