Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Британците без летни одмори во странство?

proslgn/BigStock.com

Британците без летни одмори во странство?

Британија е островска држава – од сите страни има мориња, но одамна, традиционално, најголем број од оние кои летуваат, годишните одмори ги минуваат некаде во странство.

Оваа година, како сега стојат работите, многу е веројатно дека странските мориња и плажи ќе ги заменат со бреговите на британскиот југ, на Ламанш (или како го нарекуваат Британиците Англискиот канал) од Брајтон, преку Борнмут и Плимут, се до Корнвол.

Ваков впечаток се добива по одлуката на владата на премиерот Борис Џонсон, да се воведе задолжителен карантин – 14 денови во изолација – за секој што ќе допатува во Велика Британија.

Како за странците, така и за оние со постојан престој во земјата, по нивното враќање од некаде од странство.

Исклучок од оваа мерка се само државјаните на Република Ирска, како и жителите на островите во Каналот (Гернси и Џерси) како и на островот Ман, во Ирско море.

Страв од втор бран

Задолжителната изолација нема да ги опфаќа луѓето – странци од здравството (лекари и друг кадар) кои биле вклучени во борбата со болеста Ковид-19, потоа сезонските работници во земјоделството и камионџиите кои превезуваат најразлични производи. Според објаснувањето на министерот за внатрешни работи Прити Пател, целта на мерката е само заштита на Британија и на Британците од раширувањето на вирусот.

Во изјава за медиумите таа порача дека владата не би сакала нов бран на пандемијата, внесена од странство.

Во групата на привилегуваните долго се споменуваа Франција и Французите, но на крајот остана само Ирска.

Веднаш по тоа, од Париз соопштија дека Франција воведува реципрочни мерки, па од 8 јуни, Британците, веднаш по влегувањето на француска територија, ќе мора 14 денови да поминат во изолација.

Француските власти подоцна објаснија дека таквата мерка нема да се однесува само за Британците, туку и за сите другите од ЕУ/Европа кои ќе инсистираат при влезот во нивната земја, да се минат две недели во изолација.

Беше соопштено дека сите Шпанци кои ќе влезат во Франција, од понеделник (25 мај ќе мора да одат во самоизолација).

Агенциите разочарани

Додека Лондон и Париз настојуваат коронавирусот да на ги замрзне и онака заладените британско-француски односи, предизвикани со Брегзит, во британската јавност владината мерка е примена со различни коментари.

Проториевските медиуми и весниците блиски до премиерот Џонсон, побрзаа да ја бранат одлуката и да имаат разбирање за неа, сметајќи дека во крајна смисла „би можело да се летува и во Британија“.

За сопственикот на ниско – буџетската авионска компанија „Рајан Ер“, меѓутоа, мерката е “ идиотска и целосно промашена“ зашто само ќе ги продолжи проблемите на авио превозниците. Уште поразочарани се од асоцијацијата на туристичките компании.

Според туристичките стручњаци со една ваква мерка – „ниту било кој ќе дојде во Британија, а ниту кој Британец ќе може да отпатува на одмор, во странство“ кога ќе мора да смета на тоа дека по враќањето, ќе мора да остане 14 денови во карантин.

Соочувајќи се дека некаде ќе му бараат и таму каде заминал да се одмора – да мора прво да седи во карантин.

„Воздушни мостови“ за туристите?

Лондонските медиуми на почетокот, за пример, ја посочуваат Грција – земја која кај Британците важи за популарна туристичка дестинација. Од почетокот на јуни таму се отвора пост – корона сезоната, но владата во Атина (засега) инсистира на задолжителен тест на аеродромите и со престој од 14 денови во изолација.

Годинешнава главна сезона треба да почне на 1 јули, но британските медиуми се скептични дека некои би сакале, покрај десетината денови летување да поминат два пати по две недели во изолација. Или, еден месец во карантин за една, или две недели одмор.

Министерката Пател се брани дека мерката не се однесува на букирањето одмор и летување во некоја странска земја.

Таа објаснува дека владата работи на организирање „воздушни мостови“ за туристите, со специјални летови со држави каде пандемијата била со помала сила и каде нема задолжителен карантин (!) Пател, сепак, објаснува дека мерките постојано ќе се преиспитуваат, а така некако објаснуваат и Грција, како и ЕУ, со која владата во Атина ќе се усогласува.

Строги заштитни мерки

Многумина, како меѓу потенцијалните туристи, така и меѓу туристичките работници, сепак, се скептични и повеќе веруваат дека оваа сезона – за летување, или за правење бизнис во туризмот – е загубена. Тоа се објаснува и со строгоста на владините мерки.

Дојденците од странство во Британија мора да користат јавен транспорт до локацијата каде ќе останат во карантин, не смее да излегуваат за да купуваат било што, треба да сметаат дека ќе бидат контролирани, не смеат да примаат гости или да се среќаваат со некого, а доколку не ги почитуваат одредбите ризикуваат казна до илјада фунти (1100 евра), или во потешки случаи и судење, како и протерување од земјата.

Дури и Британците во Британија се последнава недела од мај, во која се очекуваат високи температури, се предупредуваат да бидат крајно внимателни, кога станува збор за плажите, како и да не ги посетуваат местата кои се обично популарни, што значи каде има многу луѓе.

„Па, како во сето ова ќе се снајдат оние што би сакале да не посетат, како туристи“ – вели еден лондонски весник.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе