Еди Рама: За нас нема друг пат
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека за Албанија нема друг пат во иднината, освен патот што води во Европа, кон членството во ЕУ, објаснувајќи дека во земјата никој нема дилема околу ова прашање, ниту пак има политичка опција која би се спротивставувала.
Во разговор за една Хрватска телевизија, таквата позиција во албанското општество и на тамошната политичка сцена, Рама ја објаснува со мрачното минато на земјата и на Албанците.
Тој потсетува дека во еден долг период (времето на режимот на Енвер Хоџа) кога „Албанија беше како Северна Кореја во среде Европа“ – диктаторска и целосно изолирана.
„Југославија како Запад“
Со оваа споредба Рама настојува да ја објасни разликата, што според него, постои уште на стартот од патот на сите земји од Западен Балкан кон Унијата. А, тие се, покрај Албанија уште и сите преостанати поранешни република на распадната ЈУ федерација, кои се надвор од Унијата.
„Бевме долго дел од Отоманската Империја, па минавме низ времето на фашизмот, а потоа со децении и низ суровиот комунизам. Сите другите беа дел од некогашна Југославија. За нас, тогаш, Југославија беше Запад, она што сега за сите нас е ЕУ. Беше како прозорец кон светот, кон она што се случува во Европа. Ги гледавме дури и нивните ТВ вести, иако не го разбиравме јазикот.“
…рекол албанскиот премиер.
„Затоа, за нас ЕУ е цел од која ние не можеме да се откажеме. Преку таа цел стануваме (конечно) дел од континентот на кој географски му припаѓаме” вели Рама во разговорот, прифаќајќи при тоа, дека во Европа постојат стереотипи за Албанија, што тој (делумно) го објаснува и со минатото.
Западот и Истокот
Албанскиот премиер смета дека неговата земја ја гледаат поинаку, но дека тој процес за влез во Унијата станува важен за сите (во Западен Балкан), затоа што се гради врз создавањето правна држава, врз изградбата на функционална држава, што на Албанија, не и е оставено во наследство, како на другите во Европа.
Поради тие причини, работата на патот кон ЕУ станува потешка (посебно кога станува збор за албанските прилики).
Рама, меѓутоа, не стравува за влијанието врз албанските прилики поради најновите геостратешки разместувања, што одново се прекршуваат преку Балканот, а посебно преку т.н. западен регион на тој европски простор.
Мешањето на Русија преку Србија, во Црна Гора, како и во Македонија во времето на деспотскиот режим на сега побегнатиот затвореник, кој од странство раководи со домашните, русофилски националисти, како и забрзаното навлегување на Кина, преку државното инвестирање, уште еднаш ја отвора темата за Истокот и за Западот и за определувањето на регионот.
ЕУ планира меѓу избори
Во него, за определување останува уште БиХ, откако Србија има стратешко партнерство со Москва, бидејќи Црна Гора, Македонија и Албанија се веќе дел од НАТО. Рама инсистира дека Албанија освен кон ЕУ и Западот нема никаков друг пат, па нема за што да се определува.
„Конечно, ние имаме искуство со тие сили“ – рекол албанскиот премиер во разговорот, мислејќи на времето од тамошниот комунизам и на врската на тогашна Тирана, прво со СССР, па потоа со Кина на Мао Цетунг.
Но, тој и забележува на Европа/ЕУ за грешките во чекорењето – па рекол дека некои „големи“ земји, планираат од сега, па за следните неколку децении, додека впечаток е оти ЕУ планира од едни избори, до други во „главните“ земји – членки.
Како и да е, Европскиот совет на својот последен Самит даде „зелено светло“ за почнување преговори за влез во ЕУ на Република Северна Македонија и на Република Албанија, при што самото започнување на преговарачкиот процес за властите во Тирана е условено – со досвршување на некои работи во правниот и во правосудниот сектор.
За Македонија нема никакви дополнителни услови, но албанската страна ќе мора потемелно да се позанимава со состојбите околу организираниот криминал.
Запрени преговори
Преговори за влез во ЕУ, од пред повеќе години, имаат отворено Црна Гора и Србија, но по почетниот успех на Црногорците и засиленото отворање на дури 18 поглавја (од предвидените 35, според старата методологија) на владата во Белград, нивниот пат кон ЕУ како да е целосно запрен.
Сето тоа, поради низа внатрешно – политички проблеми, посебно кога станува збор за српскиот случај и определбата на Белград да седи на две столчиња – кога станува збор за целосната определба кон Западот, или дружбата со Истокот (Русија, пред се и Кина).
Босна и Херцеговина и Косово се последните две екс ЈУ единици кои се во Западен Балкан, но тие се сосема далеку од европската патека. БиХ продолжува да егзистира како нефункционална држава – заглавена во национализмите на трите конститутивни народи, а Косово и по повеќе од 12 години независност, е „закопано“ во несогласувањето со Белград за постигнување косовски – српски договор за идните односи.
Организиран криминал
Владата во Тирана настојува да гради односи и со двете страни, без да се меша во дијалогот на Приштина и Белград кој е целосно замрзнат, посебно откако е Рама премиер.
Албанија е затоа целосно свртена кон својата европска агенда, за која Холандија и Данска, но и Франција инсистираат дека се уште не е комплетирана.
Во веќе посочениот телевизиски разговор тој прифаќа дека организираниот криминал е факт. Тој постои и земјата е заглавена во него, па така и стереотипите за Албанија не се само последица на минатото, иако премиерот Рама забележува дека организиран криминал постои исто така и во ЕУ – и без неговата земја.
Но, се согласува дека таа задача е дадена и треба да се изврши.
Според него таа работа, конечно, е добра и за самата држава – да се ослободи од организираниот криминал. Рама и неговата влада се спремни да се зафатат со оваа работа, прифаќајќи дека земјата е млада демократија, на која ова сега – (зеленото светло за преговори со ЕУ) – и е шансата за да покаже зрелост.
(С.Г.)