Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Старите за отстрел!?

Alonaphoto/BigStock.com

Старите за отстрел!?

Британскиот Парламент, на неколку пати досега, го има отворано прашањето за тоа што се случувало (и што се случува) во домовите за стари и немоќни лица, во текот на пандемијата со коронавирусот.

Парламентот и натаму останува полупразен, во текот на расправите, затоа што во него не влегуваат сите пратеници и вообичаениот административен персонал. Тоа се прави од санитарно-безбедносни причини за да се спречи ширењето на заразата, која тешко ја има погодено земјата. Британија, впрочем, е првата земја во светот чиј премиер заврши заболен од Ковид-19 на одделот за интензивна нега, а уште десетина лица од неговата близина беа позитивни на вирусот.

Полупразната сала на Долниот дом, меѓутоа, не значи дека такви се и дебатите. Посебна жестина има за расправата околу реагирањето на владата на почетокот од налетот на пандемијата, а пред се за тоа, дали биле преземени сите мерки за заштита на целото население.

Оставени да умираат

Темата се отвори во јавноста кога стана јасно дека статистичарите ги регистрираат само заболените и умрените во болниците, но не и во бројните јавни домови за стари лица (како и во приватните) во кои, се покажа подоцна, како никој и да не знаеше што навистина се случува.

Медиумите открија дека бројот на жртвите од пандемијата е многу повисок и дека во старечките домови има голем број мртви меѓу жителите на домовите, но и меѓу персоналот кои ги опслужува и се грижи за нив. Станува збор за стари луѓе, од кои повеќето со некоја друга хронична болест, а тие беа првите жртви на пандемијата. Тоа го потврдија лекарите во Кина, каде првиот бран жртви беше од луѓе на возраст од над 75 години. А, подоцна таква статистика прикажуваа, прво Италија, па потоа и Шпанија и Франција, но и другите западни држави.

Британија е земја со висок процент на возрасни и долговечни лица, посебно меѓу жените. Тоа до сега се нудеше како показател за високото ниво на социјална грижа на државата и на општеството за вкупното население. Се покажа, меѓутоа, дека коронавирусот ја „разголи“ таа слика. Излезе дека во кризата со вирусот тие луѓе беа заборавени и препуштени на себе си – според она – кој ќе преживее ќе раскажува!

„Олеснување на пензиските фондови“

Таквиот впечаток се засили кога Британија (на почетокот) промовираше план за т.н. „колективен имунитет“, а не за заштита на целото население, како што тоа го правеа земјите на континентот и низ светот, применувајќи строг карантин.

Таа стратегија беше брзо напуштена, најмногу затоа што се доби впечаток дека владата и здравствените власти ги оставаат старите да се „исчистат“, како да се оставаат за „отстрел“ од смртоносниот вирус, за сметка на спасување на помладото население. Како и да е, за неполни два месеци во овие домови се починати осум илјади лица. На последната парламентарна расправа за ова прашање, се оперирало со бројката од десет илјади жртви во домовите за стари, иако ниту таа бројка не би требало да се смета за конечна.

Бурната реакција на јавноста, покрена (наеднаш) контра-кампања за спасување на старите и возрасните лица, со пропагандни пораки – во стилот – да се биде одговорен кон карантинот, за да му се помогне на јавното здравство, како и за да се зачува генерацијата на мајките и татковците, на бабите и дедовците.

Впечаток е дека сето тоа делуваше задоцнето. Затоа што, некои медиуми и аналитичари почнаа да зборуваат дека високата смртност кај старите лица би помогнало за – олеснување на јавната потрошувачка, на буџетот и на државниот пензиски фонд!

„Јуриш” на ултра-десницата

Во меѓувреме и во континентална Европа, започна да се зборува за тоа дека вирусот ги „спасува пензиските фондови на државите од преоптовареност и од колапс“, а тоа беше сигнал за разни фашизоидни групи, организации и поединци од ултра-десницата да ја искористат ситуацијата за нудење на некакво страшно, во стилот на некогашните нацисти – „конечно решение“ за бројот на возрасните и посебно на старите лица во државите.

Тивко тоа се рашири и преку Атлантикот, во САД, што тамошната крајно конзервативна и крајно десничарска алијанса го вметна меѓу демонстрантите во низа американски градови, на наводно „незадоволните граѓани“ од божемното загрозени човекови права и слободата на движење и однесување, пореметени со разните мерки на карантин и на изолација на цели градови и сојузни држави.

Во тамошната крајно исполитизирана атмосфера, кога станува збор за пандемијата, како и во услови на приватизиран здравствен систем, се разбра за примери на застрашувачки грозни реакции на ултра-десничарската Америка.

Патриотска должност

Еден од предводниците на десничарењето и на ултра-конзерватвизмот, јавно има речено дека во „случај на општ цивилизациски колапс, тој не би имал проблем да ги убие и да ги ИЗЕДЕ своите стари соседи, за да ги нахрани своите деца“!!

Во ваквото друштво, во една друга Америка која ние, во Европа, изгледа не ја познаваме, се размислува дека „старите ги оптоваруваат здравствениот и пензискиот систем“, како и дека короната покажала оти старите се и закана за општеството – ги прикажувале САД во лошо издание, како земја со најмногу заболени и починати“.

Затоа и не чуди многу кога на еден од протестните собори во јужните и централните сојузни американски држави се појавиле транспаренти со пораки – да ги жртвуваме старите и да ја отвориме земјата (со укинување на карантинот), или дека „старите, болните и слабите треба да се остават да умрат“, означувајќи го тоа и како нивна „ПАТРИОТСКА ДОЛЖНОСТ“, за да и се олеснела ситуацијата на државата!

Колку што се знае, во Европа, сепак, нема олку екстремни ситуации и покрај дивеењето на крајната десница во некои држави од ЕУ. Но, факт е дека она што се нарекува европска јавноста остана рамнодушна на сите „одвратни сметки“ за заштеда и за расчистување на социјалните и пензиските фондови, со помош на смртоносниот вирус и пандемијата.

Застрашувачка рамнодушност

Таа рамнодушност (некои бљак интелектуалци тоа го означуваат како битка за преживување – рамна на онаа во џунглата, меѓу животните) се огледува во премолчување на бројни пораки на интернет во еден сличен, или ист стил.

Па, тие и онака се стари, односно дека и така сигурно ќе умреле. Или, дека старите секоја година и онака умираат како последица на компликации од „обичните“ грипови. Овие и вакви „мудреци“ редовно „мудруваат“ по социјалните мрежи за разни безначајни, тривијални, или за политизирани теми, додворувајќи им се на политичарите.

Но, многу малку од нив, или никој – на Балканот, таков каков што е, како и во Македонија – не се најде јунак за да застане во одбрана на постарите – ако ништо друго, затоа што такви се и нивните родители.

Некој може да рече дека на Балканот и кај нас, овде, возраста на жртвите од вирусот е речиси подеднаков, меѓу оние од 40 до 49, од 50 до 59 и од 60 години, па нагоре. Ова е посебно така изразено во македонското искуство со пандемијата.

Право на живот

Меѓутоа, тоа не може да биде алиби за студената рамнодушност и за нереагирањето на нешто што се има раширено и по европскиот континент на кој, ние овде, изгледа се сеќаваме дека сме дел од него, само кога станува збор за визи, или за да ни се доделуваат пари.

Против таквото однесување, затоа, се огласи една поранешна ЈУ актерка, која замина од некогашната заедничка држава пред налетот на национализмот и шовинизмот – Мира Фурлан, која во една своја колумна прашува – Имаат ли старите право на живот!

Или, можеби, ќе треба да се остават да умираат при вакви пандемии – за да има пари во државните каси.

Можеби ќе треба да ги убиваат, за да се расчистил просторот за полесно живеење на младите, или, како што забележува Фурлан, повикувајќи се на искуството од САД, каде сега живее – да почнат старите да се вооружуваат.

За да не дозволат да послужат за отстрел – како животните.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе