Рускиот премиер заразен со Ковид
Рускиот премиер Михаил Мишустин е заразен со коронавирусот, откако при тестирањето било утврдено дека е позитивен на вирусот. Руските медиуми кои ја пренесуваат оваа информација пишуваат дека премиерот боледува од Ковид-19.
Во истата информација се вели дека Мишустин го известил за болеста претседателот на државата, Владимир Путин и за тоа дека оди во карантин. Засега не е познато каква е неговата вкупна здравствена состојба и во колкав обем е изразена заразеноста.
Наследник на сменетиот Медведев
Тој е премиер на Русија од јануари оваа година и на таа позиција беше предложен од Путин. Претходно, Мишустин не беше познат во пошироката јавност и посебно во странство, затоа што беше генерален директор на руската Управа за јавни приходи.
Домашните политички аналитичари, меѓутоа, за него велат дека е добар организатор и дека е најзаслужен за средување на работите во инаку хаотичната руска даночна служба.
На премиерската функција го наследи Дмитри Медведев кој еден мандат беше и претседател на Русија, чувајќи му го местото на Путин, додека овој стана премиер, по двата едно по друго претседателски мандати. Медведев и целата влада, неочекувано, на почетокот од годината, поднесоа оставка.
Подоцна странски дипломатски извори открија дека Медведев, практично, бил сменет од функцијата, лично од претседателот, затоа што Путин не бил задоволен од работата на владата, посебно во економскиот сектор.
Но, има мислења и дека Путин бил приморан да го тргне Медведев, откако во јавноста нашироко почнало да се зборува за тоа дека тогашниот премиер поседува имоти во странство.
Незгодно време
Во информациите од Москва не се кажува дали Михаил Мишустин ќе продолжи да раководи со руската влада и додека е во карантин, или пак ќе биде изнајдено некое привремено решение.
Сознанието дека премиерот на Русија е болен од Ковид-19 доаѓа во незгодно време, кога владата води тешка битка со силно раширената пандемија во Русија.
Пред три денови, во обраќање преку телевизијата, Путин за прв пат призна дека ситуацијата во руската економија е мошне тешка, токму поради епидемијата.
Тогаш соопшти дека побарал од владата да изготви итен план за стабилизација и за постепена обнова на стопанскиот сектор.
Нема сознанија за тоа дали освен премиерот, како позитивни при тестирањето има и други членови на владата, или некои од соработниците во премиерскиот кабинет со кои секојдневно се среќавал.
Русија забрзано се искачува на листата на СЗО и сега е на осмо место во светот, според бројот на заразените и заболени лица. Засега се регистрирани 107 илјади инфицирани. Официјално, околу 1100 пациенти се починати.
Мишустин е вториот премиер на една држава во светот, после Британецот Борис Џонсон, кој се има заразено со коронавирусот.
(М.Р.)