ЕУ воведува „корона пасош“?
Министрите за туризам на земјите членки на ЕУ, во принцип, се имаат договорено да се изработи документ за патување што би важел за сите земји на Унијата.
Тој документ што популарно се нарекува „корона пасош“ – се однесува на здравствениот, односно на безбедносниот дел од протоколот за патување.
Планот за изработка на еден ваков документ е поттикнат од состојбата во туристичкото стопанство во Унијата и во Европа воопшто, по глобалната пандемија која освен што го погоди здравјето на луѓето и предизвика голема смртност, силно ја потресе и европската и глобалната економија.
Туризмот и економијата
Туризмот учествува меѓу десет и 11 отсто во Бруто-националниот производ (БНП) на ЕУ во целина.
Дванаесет отсто од вработените во Унијата се ангажирани во туристичкото стопанство, а туризмот претставува значаен фактор за националните економии какви што се оние на Италија, Шпанија, Грција, или Хрватска.
Но, големи приходи од туризмот црпе и една Франција која годишно ја посетуваат и до 70 милиони туристи и гости, а само главниот град Париз, 12 милиони.
Или пак Германија која и без брег на некое од т.н. „топли мориња“ од секогаш била значајна туристичка дестинација – и лете и во зима.
Во текот на конференцијата на министрите за туризам каде формален домаќин се Хрватска и Загреб, иако станало збор за видео-конференција, ја имаат покренато и идејата за воведување коридори за сообраќај на туристите, но за ова , како и за тоа ќе има или не „корона пасош“ ќе се знае до крајот на мај.
Резервираност од СЗО
Доколку не се успее да се истурка идејата за коридори за сообраќај на туристи, на ниво на целата Унија, тогаш се верува дека ваквата идеја би можела да се остварува на билатерално ниво, меѓу државите кои тоа ќе го сакаат.
Хрватскиот министер за туризам, Гари Капели изјавил дека „ приличен број држави“ се заинтересирани за еден ваков проект.
Но, Светската здравствена организација (СЗО) е прилично резервирана околу настојувањето да се „раздвижи“ туристичкото стопанство уште ова лето, стравувајќи од „повратниот удар“ на вирусот и враќање на пандемијата веќе на есен – во октомври.
Експертите на СЗО сметаат дека треба да се биде максимално внимателен со отворањето за патување и за летување по пандемијата и со она што сега се нарекува „новата нормална“ ситуација.
Токму од некои владини функционери од земјите од југот на ЕУ кои се силно зависни од туризмот, изминатите денови стигнуваа пораки до домашната јавност – годинава да не планираат летување во оддалечени подрачја и далеку од дома.