Борис Џонсон по пети пат стана татко
Британскиот премиер Борис Џонсон (55) и неговата девојка Кери Симондс (32) со која невенчано, заедно живеат, во службената резиденција во Даунинг стрит 10, добија син- соопшти портпарол на кабинетот на премиерот. Во соопштението се вели дека мајката и бебето се добро.
Во февруари годинава, беше прв пат објавено дека Симондс е бремена, како и дека двојката планира да се венчаат.
Тоа би бил трет брак за Џонсон, а прв за Симондс. За „ немирниот“ британски политичар се знае дека претходно тој имал и уште една, речиси јавна „ тајна“ вонбрачна врска, која била прекината. Жената од таа врска тврди дека Џонсон и со неа има дете, што актуелниот премиер на Британија не го признава.
Најавената венчавка со Симондс, инаку активистка на Козервативната партија која му била една од соработничките додека тој беше градоначалник на Лондон, засега е неизвесна, затоа што Џонсон се уште не е формално разведен од својата втора сопруга. Лондонските таблоиди откриваат дека постапката околу разводот се одолжила затоа што поранешните сопружници не може да се согласат околу парите, односно околу висината на отпремнината која ја бара сопругата број 2.
Од овие две брачни заедници тој има четири деца. Бебето родено од врската со Кери Симондс е негово петто дете, а нејзино прво.
Најстарата ќерка на актуелниот британски премиер, од неговиот прв брак, е само малку помлада од идната госпоѓа Џонсон.
Џонсон беше заразен со корона вирусот и без малку еден месец отсуствуваше од работата. Десет дена помина во самоизолација, но по влошувањето на состојбата беше префрлен во болница, на одделот за интензивна нега, а потоа уште десет дена мина на опоравување. Симондс тогаш објави дека и таа „ имала симптоми на болеста“ но беше речено дека тоа било во поблага форма.