Женска корона дипломатија
Меланија Трамп, сопруга на американскиот претседател, како и голем број Американци коронавирусот ја натера да остане дома, во карантин, но според нејзиниот кабинет таа и во оваа вонредна ситуација продолжила да ги извршува оние работи кои инаку и припаѓаат како на „првата дама“ на САД.
Меѓу нив е одржувањето комуникација со некои од сопругите (или партнерките) на светските политички лидери.
Првата со која Меланија Трамп телефонски разговарала била девојката на британскиот премиер Борис Џонсон, која иако невенчана, живее со него во службената премиерска резиденција на Велика Британија, во Даунинг стрит 10 во Лондон.
Кари Симондс се наоѓа во компликувана приватна ситуација. Таа е бремена со Џонсон и освен раѓањето на бебето, очекува да се оконча долгата постапка за развод на британскиот премиер со неговата поранешна, инаку втора сопруга, за да може да ја озакони својата сегашна врска.
Во меѓувреме изгледа дека „од нога“ го има прележано вирусот што, инаку, целосно го совлада Џонсон кој беше префрлен во болница, каде седум денови остана во одделението за интензивна нега.
Специјални врски
Од 12 април тој е на домашно опоравување, но и после дена недела тој се уште не ја раководи британската влада. На својата страница на Твитер Симондс признава дека додека Џонсон беше на болничко лекување, таа тешко ја преживувала неизвесноста околу неговото лекување.
Според кабинетот на Меланија, таа на Симондс и изразила силна поддршка и посакала брзо заздравување на Џонсон.
Разговорот со Лондон бил првиот во низата што „првата дама“ ги има направено и тоа, се верува, дека не е случајно.
Не само затоа што Џонсон се уште не може целосно да се опорави од Ковид-19, туку и поради специјалните и блиски односи на Доналд Трамп со актуелниот британски премиер, уште од времето на кампањата за Брегзит, а што сега после излегувањето на Британија од ЕУ се очекува да бидат уште позацврстени.
Меланија разговарала и со сопругата на канадскиот премиер Софи Грегори-Трудо, која беше заразена со вирусот, за време на нејзиниот службен престој во Лондон, па остана во изолација и на лекување две недели. Во Вашингтон откриваат дека освен за болеста, двете „први дами“ разговарале и за „специјалните односи” на САД и Канада.
Телефонски со европските „први дами“
Тие се соседи и делат долга копнена граница, но односите меѓу двете земји одат по линијата топло-студено, откако Трамп е во Белата куќа. Премиерот Трудо нареди затворање на границата и таа одлука останува и натаму во сила, особено по експлозијата на пандемијата во САД, каде има над 42 илјади починати.
Телефонски разговори американската „прва дама“ имала и со сопругата на францускиот претседател Брижит Макрон, со Акче Абе, сопруга на јапонскиот премиер, со Лаура Матарела сопруга на италијанскиот претседател како и со Елке Буденбендер, сопруга на претседателот на Германија.
Меланија имала телефонски разговор и со кралицата Летиција, сопруга на шпанскиот крал Фелипе Шести. Шпанската кралска двојка требаше на 21 април да престојуваат во државна посета на САД, но посетата, поради глобалната пандемија со коронавирусот е одложена на неопределено време.
Италија, Шпанија и Франција се трите најпогодени земји во Европа од епидемијата која само на европскиот континент досега има однесено околу сто илјади човечки жртви.
Полезно и корисно
Шефот на кабинетот на Белата куќа Стефани Гришам, за Си-Ен-Ен има изјавено дека ваквата комуникација на „првите дами“, во ова кризно и тешко време на пандемијата, е многу важна, можеби исто толку колку што се и врските на нивните сопруги.
Меланија Трамп која е родена во странство, во Словенија, како и повеќето „први дами“ на САД, пред неа, е во сенка на својот сопруг, американски претседател, како што тоа е предвидено и со прописот кој ја уредува нејзината позиција – да биде покрај својот сопруг тогаш кога тоа ќе треба и целосно да го поддржува.
Сегашната „прва дама“ меѓутоа зборува повеќе јазици – покрај мајчиниот словенечки и англискиот – таа зборува и француски, италијански и германски јазик. Тоа и овозможува таа лесно да може да комуницира со сопругите на низа светски лидери, полесно и од нејзиниот сопруг.
Аналитичарите оценуваат дека таквата комуникација, колку и да изгледа неважна и периферна, кога станува збор за „големата политика“, сепак, е полезна и корисна затоа што помага за градење мостови меѓу државите и посебно за градење на поголема доверба на политичките лидери чии сопруги имаат блиска, пријателска комуникација.
Комуникативноста на Меланија
За Меланија велат дека има блиски, речиси пријателски односи со сопругата на премиерот на Јапонија, Шинсо Абе, со жената на Трудо, а има и блиска комуникација со Брижит Макрон. Можеби затоа што Французинката зборува течно англиски, а сопругата на Доналд Трамп- француски јазик.
Сите меѓу себе зборуваат за разни работи и теми, иако знаат до каде може да одат во комуникацијата. Но, за оваа „женска дипломатија“ сите аналитичари се согласуваат дека дури е и потребна, од време, на време.
Секако, Меланија не е првата што го прави ова, телефонски комуницирајќи со сопругите на политичарите низ светот, со кои врски одржува и претседателот на САД.
Блискост и развиена комуникации имаше меѓу Хилари Клинтон, кога беше „прва дама“ на САД, со сопругата на британскиот премиер Тони Блер, можеби затоа што и двете не беа само сопруги. И едната и другата се адвокати по професија кои пред да станат „први дами“ имаа свои позиции во општеството.
Искуството на Лора Буш и на Ненси Реган
Меѓутоа, оние кои ги следат состојбите со жените на американските претседатели потсетуваат дека блискоста на сопругите на лидерите, понекогаш не може да го „преживеат“ заладувањето на односите на нивните мажи.
Како пример се наведува случајот на Лора Буш која уште на почетокот од првиот мандат на Џорџ Буш имала многу блиски односи со сопругата на мексиканскиот претседател од тоа време, Винсенте Фокс. Двајцата претседатели ги заладија односите околу одлуката на Буш да почне да ја затвора границата за приливот на мексиканските бегалци, а целосно се прекинале по одбивањето на Фокс да ја поддржи интервенцијата во Ирак. Нивните сопруги, по тоа, престанале да комуницираат.
Конечно, се споменува искуството на Ненси Реган која повеќепати се има среќавано со Раиса Горбачов, сопругата на тогашниот советски лидер, поради бројните средби на врвот на американскиот претседател Роналд Реган со Михаил Горбачов.
Во тоа време се воспостави една атмосфера на доверба меѓу САД и СССР и своевидно пријателство на Реган и Горбачов.
Тоа, сепак, не помогнало нивните сопруги да се зближат повеќе. „Таа (Раиса) никогаш не ја спомена мојата битка со ракот, за да ме праша како сум. Ниту ми изрази сочувство за смртта на мајка ми, иако знаевме дека Русите знаеја што ни се случува“ – има напишано Ненси Реган во својата книга – мемоари.
(С.Г.)