Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Поддршка од Сандерс и Обама за Бајден

vverve/BigStock.com

Поддршка од Сандерс и Обама за Бајден

Сенаторот од американската сојузна држава Вермонт, Берни Сандерс (78) јавно го поддржа поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден (77) во трката за номинација на Демократската партија, за претседателските избори на 3 ноември.

Тие двајцата беа остри противници во кампањата, се додека Сандерс објави дека се повлекува од трката, откако тој и неговиот штаб утврдија дека немаат шанси да ја добијат партиската номинација, што треба да се случи на партиската конвенција, закажана за крајот на јули.

„Ги повикувам сите Американци, секој демократ, секој независен политичар, како и многу од републиканците, да се здружат во кампањата и да го поддржат Бајден”

…изјавил Сандерс во обраќањето до јавноста, преку интернет, на кое бил и Џо Бајден, кој уште од почетокот на овој месец остана единствен кандидат за номинација кај демократите.

Клучно значење

Оваа поддршка е од клучно значење за Бајден кој сега ќе мора да ја премости постоечката идеолошка разлика што до сега и даваше печат на кампањата и посебно да ја надмине (се уште) присутната поделба во редовите на демократите (меѓу партиската левица и политичкиот центар), за се обединат демократските гласачи, но и другите во борбата да се порази актуелниот претседател Доналд Трамп.

Сандерс се опишува себе си како демократски социјалист. Бајден, пак, порано, а и сега важи за умерен, центристички определен, либерален демократ. Зад него е целата партиска елита кај демократите, која никогаш не е воодушевена со левичарењето.

Во изборната кампања, Сандерс на почетокот беше далеку поуверлив и имаше уверлива предност пред Бајден. Зад него и овој пат, како и на изборите во 2016 година, застанаа младите демократи кои се согласуваат со идеите на сенаторот од Вермонт за поинакво уредување на САД, нешто како налик на скандинавските земји.

Сандерс: Нашите разлики сега не се важни

Но, американските гласачи, не само републиканците и конзервативците, туку и мнозинството демократи не сакаат „да им се продава социјализмот“ и сметаат дека скандинавскиот модел за Америка е – едноставно- неприменлив.

Демократите се традиционално умерени либерали кои инсистираат на почитувањето на човековите права и слободи, на расната и етничката еднаквост и на традиционалните американски вредности. Без било каква екстремна идеологија- ниту десна, но ниту лева.

По гласањето во т.н. „Супер вторник“ – демократите од 14 сојузни држави се определуваа за свој кандидат за номинација – Бајден уверливо го порази Сандерс и стекна предност, која уште повеќе ја зголеми по победата и во малиот „Супер вторник“.

Сандерс признава дека меѓу него и Бајден има идеолошка разлика која и натаму останува, но во пораката до јавноста тој инсистираше дека тоа сега воопшто не е важно и дека најважната работа е да му се помогне на Бајден да го порази Трамп на ноемвриските претседателски избори.

Обама: Џо има искуство

Пред четири години, Сандерс војуваше со Хилари Клинтон се до крајот, до партиската номинација, кога соопшти дека стои и тој зад нејзината претседателска номинација.

Не мал број демократи, меѓутоа, сметаат дека неговата поддршка за Хилари дојде многу доцна, откако претходно, свесно, или ненамерно и имаше направено прилично штета, која во крајна линија придонесе Трамп да влезе во Белата куќа.

Сегашната рана поддршка од Сандерс за Бајден има за цел да се обезбеди целосно единство кај демократите кои се поделени во разни струи.

На таа линија се гледа и одлуката на поранешниот претседател Барак Обама уште сега да објави дека го поддржува Бајден, својот потпретседател во годините кога беше во Белата куќа. Според Обама, Бајден може „да ја обедини и да ја излечи“ државата која, како што рекол, минува низ својот најтежок период од историјата. „Џо има и квалитети и искуство за водење на САД“ – рекол Обама.

Веднаш по Обама, се огласи и сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен која објави дека застанува зад кандидатурата на Џо Бајден.

Таа беше последната од петнаесетината кандидати за демократска номинација, која се огласи со поткрепа за Џо Бајден.

(Д.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе