Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Оздравени, а позитивни на Ковид-19!?

Maridav/BigStock.com

Оздравени, а позитивни на Ковид-19!?

Здравствените власти на Јужна Кореја соопштија дека како пациенти се јавуваат луѓе за кои лекарите тврдеа дека се оздравени и излечени, но кои при направените нови тестови за присуството на коронавирусот, се покажало дека (одново) се позитивни.

Засега се знае дека има околу стотина вакви случаи, но загрижува што нивниот број, за само неколку денови е двојно поголем!

Јужнокорејските власти за ваквата појава веднаш ја имаат известено Светската здравствена организација (СЗО). Од таму, има само соопштение дека експертите на СЗО ги „проучуваат извештаите за тоа дека пациенти кои го прележале Ковид-19, одново се позитивни, иако се прогласени за здрави“.

Реактивирање на вирусот

Оваа нова ситуација доаѓа во време кога властите најавуваа дека многу брзо сакаат да ги ублажат мерките за карантин и разните видови ограничувања воведени во борбата со глобалната пандемија.

Владата во Сеул сакаше да биде првата која ќе може да се пофали дека ја има добиено битката со „вирусот од Вухан“ со неговото искоренување од јужнокорејската територија.

Домашните епидемиолози, меѓутоа, првично најавија дека имаат само 25 нови случаи на инфицирани, а тогаш се соочија со новата ситуација- како позитивни да се јавуваат пациенти кои се излечени и оздравени, а пак се позитивни на тестови за коронавирусот.

На почетокот беа педесетина, но за многу кусо време нивниот број се зголеми на повеќе од 130.

Епидемиолозите во Сеул, во своите први анализи, истакнуваат дека многу е поверојатно оти станува збор за РЕАКТИВИРАЊЕ на вирусот, отколку дека сите овие луѓе, поранешни пациенти, се одново заразени.

Но никој не знае како тоа можело да се случи, ниту пак е јасно како е воопшто можно некој да биде одново позитивен, кога веќе го има прележано вирусот и според тоа би требало да биде имун на болеста Ковид-19.

Квалитетот на тестовите

Има локални експерти кои се сомневаат и во исправноста на тестовите, што кога би било точно би создало една тешка и мачна ситуација во која никој никому и во ништо нема да верува.

Експертите на СЗО исто така, немаат објаснување за тоа што се случува во Јужна Кореја.

„Имаме извештај дека пациенти кои биле негативни после спроведениот ПЦР тест (тестирање на врзана реакција на полимераза) – после само неколку денови биле одново позитивни” истакнува во своето соопштение Светската здравствена организација.

Според упатствата на организацијата, пациентот мора да покаже два негативни тестови, во рок од 24 часови, за да биде прогласен за здрав, или како во овие случаи во Јужна Кореја- излечен и здрав.

Опасно опуштање

Веднаш по откривањето на случаите – како позитивни да се јавуваат и пациенти кои се прогласени за излечени и здрави, властите во Јужна Кореја побараа од населението „да не се опушта“ и да продолжи да се придржува на строгите мерки и ограничувања.

Засега не се знае дали претходно најавениот датум- 20 април- останува како времето од кога владата во Сеул навести олабавување на строгите карантински мерки. Како Јужна Кореја размислуваат и владите на некои други земји. Други пак, како Австралија и Нов Зеланд кои се далеку од она што се случува во Европа и во САД, објавија дека е премногу рано да се почне со опуштање.

СЗО во оваа прилика посочува дека од појавувањето на симптомите на овој вирус, до целосното излекување, сепак, се потребни, две недели.

Ова е реакција на уверувањето на не мал број лекари кои веруваат дека за опоравување се доволни и седум денови. Досегашните искуства со вирусот и со болеста Ковид-19 покажуваат дека таквите проценки се погрешни.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе