Асанж станал татко на две деца-во заточеништво !
Поранешниот австралиски хакер и основач на Викиликс, Џулијан Асанж (48) станал татко на две деца додека беше сокриен во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон, во доброволно заточеништво – пишува „Меил он Сандеј“ повикувајќи се на исказ на мајката на децата, Стела Морис (37), инаку негов адвокат.
Синовите, Габриел (2) и едногодишниот Макс, биле зачнати и родени додека Асанж се криеше по бегството од куќата која му беше определена како задолжително живеалиште за време на судската постапка околу шведското барање за екстрадиција , бидејќи судот во Стокхолм го обвинува за силување на две шведски државјанки, инаку активисти на локалниот Викиликс. Тој побегна кога британскиот Врховен суд донесе конечна пресуда- Асанж да биде префрлен во Шведска, на сослушување.
Игрите на адвокатката Морис
Во јуни 2012 година, тој се смести во просториите на дипломатската мисија на Еквадор, а тогашниот претседател Рафаел Кореа му додели веднаш и политички азил. Од тогаш почнаа преговорите со властите во Кито, да му се дозволи на Асанж да замине во својата нова „ татковина“, но Британците инсистираа дека ако излезе од зградата на мисијата веднаш ќе биде уапсен, затоа што ги има прекршено прописите на кауција и условна слобода.
Кога во Еквадор се смени претседателот, новата влада го повлече дадениот азил и побара од Асанж да ја напушти зградата на амбасадата, па во 2019 година, после седум години во заточеништво, тој најпосле беше уапсен и сместен во добро обезбедуваниот лондонски затвор Белмарш, каде и сега се наоѓа. Сега ја очекува одлуката на судот во Лондон дали да биде екстрадиран во САД , каде е обвинет за објавување тајни и класифицирани државни документи. Пресудата се очекува да биде изречена на 18 мај.
Мајката на неговите две деца, адвокатката Морис сега има покренато нова кампања за ослободување на Асанж, тврдејќи дека тој е со „ нарушено здравје“ , како и дека може да се зарази со коронавирусот, бидејќи еден затвореник веќе починал од Ковид-19.
Откривање на тајната
Токму од тие причини таа се одлучила да ја открие нејзината тајна врска со затвореникот. Во разговор за лондонскиот таблоид таа открива дека врската со Асанж почнала во 2015 година, од кога таа ( користејќи ја позицијата на бранител на осомничениот) секој ден доаѓала во еквадорската амбасада.
Морис тврди дека двојката се свршеници од 2017 година, како и дека планираат да се венчаат кога Асанж ќе биде ослободен.
Весникот донесува и фотографија на релаксираниот и среќен татко како си игра со својот првороден син. Второто дете, меѓутоа, не го видел во еквадорската амбасада, туку во затворот Белмарш, каде неговата, сега, свршеница ги има однесено на средба со таткото и двете деца.
Задоволствата на „маченикот“
Мајката тврди дека заточеникот знаел за нејзината бременост, но дека децата ги породувала сама- како самохрана мајка. Вели дека дипломатскиот персонал не знаел за врската, ниту за тоа што се случувало во просториите кои беа адаптирани како „ стан“ за бегалецот.
Веста дека Џулијан Асанж кој себе си се прикажува како „ маченик“ и „ жртва“ станал татко на две деца , додека беше во доброволно заточеништво во еквадорската дипломатска мисија, има предизвикано бранување во јавноста- како кај оние кои го поддржуваа, така и кај неговите противници.
Сега излегува дека се кога станува збор за Асанж изгледа лажно. Посебно неговото и на неговите адвокати постојано инсистирање дека тој е во „длабока психолошка криза“, дека е во депресија и на работ од самоубиство, а особено дека живее „ аскетски“ и во своевидна манастирска изолација, која станувала неиздржлива.
Адвокатката Стела Морис сега и откри на јавноста дека, барем последните четири години, пред неговото протерување од зградата на амбасадата, ги поминал повеќе од удобно – во релаксирачко друштво на својата бранителка.
(Д.Л.)